Македонија
Кулиќ: Резултатите од истрагата ќе стават точка на случајот „Трајковски“
Главниот истражител на мегународниот тим, Омер Кулиќ, во изјава за Ал Џезаира Балкан истакнува дека со последните резултати добиени од истрагата конечно ќе се стави точка на целиот случај со падот на кингерот и смртта на поранешниот претседател Борис Трајковски.
Според процедурата, резултатите од истрагата прво ќе бидат испратени во обвинителството на БиХ.
„Останаа само уште два-три ситни детали да ги добиеме. Останува тоа да го подготвиме, да дадеме мислење и да се објави. Наодот ќе биде објавен во март или април“, вели Кулиќ.
Сепак, Кулиќ не открива дали истрагата оди во правец дека врз Трајковски е извршен атентат, како што со години тврди адвокатот на дел од настраданите во несреќата, Игнат Панчевски, но вели дека новата истрага ќе стави крај на случајот.
Истрага за падот на владиниот кингер во кој загина тогашниот претседател на Македонија Борис Трајковски повторно беше отворена во јануари 2013 година на барање на Македонија откако беа собрани дополнителни докази од страна на македонското МВР.
Според првата истрага причина на несреќата била процедурална грешка на пилотската екипа во фаза на слетување на мостарскиот аеродром.
Во авионската несреќа која се случи на 26 февруари 2004 година загинаа и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски, советниците од неговиот кабинет Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска, членовите на обезбедувањето Борис Велинов и Аце Велиновски, како и дипломатот од МНР Миле Крстевски./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.