Македонија
Македонија продолжува со поддршката на регионалниот и на светскиот мир и стабилност
Министерот за одбрана Талат Џафери во вторникот оствари средба со припадниците на медицинскиот тим кои ќе заминат како 16-та ротација на АРМ во рамките на операцијата ЕУФОР-АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
На средбата на која присуствуваше и началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, министерот Џафери истакна дека придонесот на нашата земја во меѓународните мировни мисии е реален и видлив и дека преку тоа се зацврстува мирот, демократијата и почитувањето на човековите права, кои се основни придобивки на 21-от век.
„Ви посакувам успешно да ги завршите сите ваши обврски и одговорности, да ја претставите Република Македонија и Армијата на Република Македонија во вистинско светло и да се вратите живи и здрави кај вашите семејства, побогати за едно големо искуство кое ќе го пренесете на вашите колеги во Република Македонија”, додаде Џафери.
Ние, додаде министерот, сме презадоволни од претходните мисии кои завршија одлична работа, што всушност е видливо и од извештаите на командантите на операцијата АЛТЕА, и во тој контекст од вас очекуваме кон одговорностите да пристапите со ист интензитет, елан и професионалност.
Генералот Котески пред присутните порача дека во мисија секој припадник на контингентот е претставник на Армијата и на Република Македонија, а воедно спомена и дека меѓусебното помагање и поддршка е клучно во професионалното извршување на задачите. Началникот на Генералштабот им посака успешна мисија на припадниците на контингентот со порака живи и здрави да отидат и да се вратат назад во нашата држава.
Фактот дека шеснаесеттата ротација на АРМ во оваа операција е предводена од припадничка на понежниот пол, уште еднаш покажува дека Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија голем акцент ставаат на родовата рамноправност и на родовата перспектива како основа за севкупен развој на безбедносниот сектор.
Република Македонија учествува во операцијата на Европската Унија во Босна и Херцеговина од 2006 година, со што се потврди и заложбата на нашата земја во достигнување на стратегиската цел – членство во ЕУ и придонес кон Заедничката безбедносна и одбранбена политика на Унијата. Нашата држава од почетокот на учеството во рамки на АЛТЕА, придонесува со медицински тим на ниво ROLE-1, каде во тек е петнаесеттата ротација и со помошник правен советник во Командата на ЕУФОР, позиција која е активна од 2007 година. Воедно, Република Македонија од 2006 до 2008 година учествуваше и со хеликоптерски деташман, додека во периодот од 2008 до 2012 година и со подофицер за превентивна медицина во Командата на операцијата./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 27 степени
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 9, а максималната ќе достигне од 20 до 27 степени.
Во Скопје сончево и топло со слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 25 степена, јавува УХМР.
Во наредните денови следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот. Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Скопје
Без струја дел од Карпош
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека, поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе остане дел од Карпош.
Од 9 до 14.30 часот корисниците од улицата Мексичка, улицата Хаванска и дел од улицата Варшавска во општина Карпош ќе бидат без струја.