Македонија
Македонските војници со највисоки оценки на воената вежба `Брз лав 14`
`Македонските војници херојски и со највисоки оценки за делувањето ја одбранија касарната на борбената група на Европската унија од разулавените демонстранти кои не бираа средства истата да ја освојат`, бил заклучокот од воената вежба на ЕУ-БГ 2014-2 групата, во која учествуваа претставници на армиите на Белгија, Македонија, Германија, Холандија, Луксембург и Шпанија.
Импровизираната вежба за справување со демонстранти кои сакаат да ја истераат борбената група на ЕУ од својата земја мина во жестока пресметка на македонските војници, кои ги има вкупно 134 на број и нивна главна задача е обезбедување на истурената команда на ЕУБГ 2014-2, штабните офицери и националниот елемент за поддршка, пренесува МИА.
Оваа вежба имаше цел целосна сертификација на пакетот сили, овозможување заедничка здружена и комбинирана обука на елементите од борбената група и постигнување синергија на сите учесници во рамки на концептот на употреба на борбената група, а согласно политиките на Европската унија.
Токму затоа, највисоката оценка дадена на крајот на вежбата која всушност наликуваше на мала војна, доволно ја отсликува битката што заврши со успешна заштита од напад на импровизираната истурена команда на европските трупи, кои во случај Европскиот совет да изгласа нивно активирање до крајот на оваа година, би можеле да делуваат во радиус од 6.000 километри од Брисел.
Сценариото на вежбата беше дека меѓу над 200 лесно вооружените демонстранти има и две лица кои се бараат со меѓународна потерница. Откако преговарачите не успеаја да спречат инцидент и мирно да договорат решение на проблемот, демонстрантите нападнаа, а македонските војници мораа на крајот со сила да ги разбијат демонстрациите, кои кулминираа и со употреба на психичко заплашување со прелети на борбени авиони и хеликоптери и појава на тенкови и борбени коли.
Целата вежба се одвиваше и во присуство на бригадниот генерал Бранко Дракалски, воен претставник на Република Македонија во ЕУ и НАТО.
Планирачкиот процес за оваа борбена група за втората половина на 2014 година се развива две години. Вежбата „Брз лав 14″ во Сен Хубер е круна на шестмесечните активности за соодветни подготовки и исполнување на предвидените стандарди за упатување на овој елемент во евентуален кризен регион.
„Учеството на Армијата на Република Македонија во оваа борбена група на Европската унија за втората половина од оваа година е продолжување на патот кон систематска одржливост на виталните интереси на нашата држава, а тоа е интеграцијата во евро-атлантските безбедносни структури, односно да станеме дел од архитектурата за безбедност на Унијата. Способноста за рамноправен придонес, како на штабните елементи, така и на борбените капацитети на контингентот на АРМ во ЕУ-БГ, уште еднаш ја покажува нашата интероперативност не само во рамки на концептот на оперативната способност на НАТО, туку и во европски рамки”, изјави потполковник Ѓоко Максимов, предводникот на македонската група.
Оваа борбена група е активна до крајот на оваа година, а највисоките оценки за претставниците на македонската Армија, на големата вежба во Белгија, што започна на 2-ри јуни, а завршува во четврток, покажува дека АРМ е една од најреспектабилните и високо-почитувани армии во Европа и светот./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.
Македонија
„Мицковски е ист како Груевски, злоупотребени децата во Гевгелија“, вели СДСМ
„Христијан Мицкоски е ист како неговиот претходник и ментор Никола Груевски. За врме на посетата на Мицкоски на Гевгелија беа злоупотребени млади лица и ученици, исто како што правеше Груевски, кога се редеа деца за да го поздравуваат“, соопшти СДСМ.
„На ист начин вчера, под палка на локалната власт на ДПМНЕ во Гевгелија беа поставени ученици да му аплаудираат, овој пат на Мицкоски.
Мицкоски е ист како Груевски. Во ДПМНЕ нема никакви промени. Тоа се истите методи на ДПМНЕ и истите ликови.
Мицкоски сака да продолжи каде застана Груевски.
Граѓаните не забораваат како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното“, се наведува во соопштението на СДСМ.