Македонија
38 земјоделци се пријавија во Град Скопје за бесплатно чистење стрништа
Во акцијата на Градот Скопје за бесплатно собирање на растителниот отпад од нивите и стрништата за да се спречи нивното палење досега се пријавиле 38 лица. Во согласност со динамиката и планот на работа, изминативе денови се расчистени 25 стрништа. Со пет камиони собрани се вкупно 100 кубни метри растителен отпад, кој е однесен на депонијата „Дрисла“.
Од Град Скопје соопштија дека денеска отпад се собира со помал камион од локации со помало количество отпадоци и се очекува сите пријавени стрништа да бидат расчистени до крајот на оваа недела.
Сите земјоделци од скопските општини може да се пријават на телефонскиот број 071 395 395 и на вработените во Град Скопје да им ги остават своите податоци секој работен ден од 8 до 20 часот, а Градот по претходно утврден план и редослед, реонски, бесплатно ќе го собере нивниот растителен отпад и ќе го одложи во „Дрисла“.
Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која почна кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата, со цел намалување на загаденоста на воздухот и зачувување на плодноста на почвата. Палењето стрништа, плевели и други растителни отпадоци ја уништува микрофлората и фауната во обработливиот слој на почвата – она што ја прави земјата жива, плодна и самообновувачка. Палењето стрништа и земјоделски површини во текот на летото е фактор кој има голема улога за избувнување пожари, коишто покрај огромната штета што ја нанесуваат на земјоделските култури, претставуваат и сериозна опасност за човечкиот живот.
Поради тоа, во периодот до 30 септември Градот Скопје ќе им биде на располагање на сите земјоделци кои имаат каков било отпад од берба и со наша помош бесплатно ќе го отстраниме од полињата за да се спречи негово палење.
Кампањата за едукација од штетните последици од палењето стрништа се спроведува во соработка со градските јавни претпријатија, УНДП и МДЦ-Ти.нет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“ застанува зад бранот на промени за стабилна и силна Македонија
Денес потпишавме Повелба за стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ наречена „Твоја Македонија“. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“ е најбројната досега коалиција составена од 24 политички субјекти и организации кои застануваат зад бранот на промени кои треба да обезбедат стабилна и силна Македонија, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека при реализацијата на програмата за претседателските и парламентарните избори во 2024-тата година, целосно и недвосмислено ќе се водиме од принципите на одговорност и транспарентност во политичкото дејствување. Свесни за девастирачкиот карактер на политиките на неодговорната владејачка клика, обзнануваме дека развојот на економијата, економскиот раст, домашните и странски инвестиции, како услов за отворање на нови работни места и подобар живот на граѓаните, се врвни приоритети на партиите – членки на коалицијата „Твоја Македонија“. Недвосмислена и цврста борба против корупцијата и намалување на обемната бирократијата се наш носечки предизвик бидејќи цврсто веруваме дека праведноста во општеството е основен предуслов за вкупен развој на татковината. Оттаму, длабоко свесни за истакнатото, коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека жестоко, праведно и принципиелно ќе иницираме и ќе поддржиме акции на правната држава кои треба да ја вратат разнишаната доверба на граѓаните во институциите на државната власт“, нагласи Мицкоски.
Според него, основниот концепт за развој на приватната иницијатива е почитување на економската слобода и развој на креативноста на личноста.
„Нагласувајќи го разорното дејство на криминалот и корупцијата на актуелната владејачка клика, остануваме посветени на економската модернизација на татковината. Во таа насока се обврзуваме дека ќе генерираме нови политики во функција на финансирање на изградба на меѓународните и локалните патишта, железничките коридори, електраните, гасоводните системи, далноводите, училиштата, болниците како и други инфраструктурни проекти. Манифестираме јасна, непоколеблива и цврста решеност да реализираме реформи кои ќе обезбедат долгорочен економски раст и напредок на Македонија бидејќи цврсто веруваме дека борбата за подобри економски постигнувања значи борба за подобар живот и подобар стандард на македонските граѓани“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Апелира да има масовна излезеност на овие избори бидејќи, како што рече, неизлегувањето на овие избори подразбира поддршка на неодговорната и криминална власт.
Македонија
Државјанин на Турција приложил фалсификуван пасош на Ќафасан
Денеска, на граничниот премин Ќафасан полициски службеници го привеле Т. С. Т. (48) од Република Турција затоа што при пасошка контрола било констатирано дека на увид приложил фалсификувана патна исправа.
Известен бил јавен обвинител, а тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Струга за понатамошна постапка.
Македонија
Тошковски се сретна со амбасадорот на Турција: врвен приоритет е склучување билатерален договор за соработка во областа на безбедноста
Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и заменик-министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој.
Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата беа отворени тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, внатрешните работи и конзуларни прашања во надлежност на Министерството за внатрешни работи за што се потврдија заложбите за искрена соработка на овие теми.
Една од главните заложби е одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот за што двајцата соговорници се согласија дека од врвен приоритет е склучувањето на билатералниот договор за соработка во областа на безбедноста, кој е во фаза на заемно усогласување.