Македонија
Невработеноста кај младите е еден од најголемите проблеми
Невработеноста е еден од најголемите проблеми на Македонија, и нејзиното намалување треба да биде највисок приоритет на македонската Влада
Невработеноста е еден од најголемите проблеми на Македонија, и нејзиното намалување треба да биде највисок приоритет на македонската Влада во процесот на евроинтеграции.
Ова денеска во Скопје го изјави евроамбасадорот во Македонија Ерван Фуере во врска со проектот поддржан од ЕУ, “Отворен дијалог за социјална вклученост преку вработување на младите и нивните работнички права во Македонија“.
“Невработеноста кај младите е еден од главните проблеми со кои што се соочува Македонија, што за жал, може да се зголемува, како што се продлабочува финансиската криза“, додаде евроамбасадорот.
Според Фуере, цел на Владата во евроинтеграциите треба да бидат намалување на пречките за создавање на работни места, јакнење на деловно опкружување, владеење на правото и примена на правилата, без политичко влијание врз бизнисот.
“Владата треба да биде што е можно посеопфатна и да ги вклучи сите чинители во донесување на одлуки, најмногу врз основа на консензус и дијалог“, изјави Фуере.
Проектот, што ќе трае до 2011 година, ќе го спроведува Балканската фондација за деца и млади, со соработка со Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), техничка експертиза од Универзитетот во Љубљана и финансиска поддршка од ЕУ.
Ова е прв проект финансиран од европските Програми на заедницата за напредок, а ќе се прошири и во другите балкански држави – Косово, Србија, БиХ и Хрватска.
“Треба да се надмине јазот меѓу власта и младите. Младите не знаат како да ги бранат своите права“, изјави директорот на Фондацијата Јоргос Пападакис, кој на почетокот од собирот говореше на разбирлив македонски јазик.
Според него, ова претставува “пионерски проект“ не само за Македонија туку и за целиот регион, а ќе опфати семинари, јавни панели, студиски посети и публикации.
Претседателот на ССМ Ванчо Муратовски преку бројки ја претстави ситуацијата на младите во македонското општество.
“Во Македонија има состојба на висока невработеност или над 50 проценти од младата популација се без работа, а процентот е постојано во пораст“, изјави Муратовски, и додаде дека времето на чекање на вработување, во просек, е четири и повеќе години.
“Потенцијалот на младите не се користи, а тие се една од најранливите групи на пазарот на трудот и најмногу изложени на ризикот од сиромаштија“, вели Муратовски.
Според податоците од 2003 година 30 насто од невработените во Македонија се во старосната група од 15 до 24 години./крај/ис
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно и потопло со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има локален слаб дожд, краткотрајно пороен, проследен со појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Во четврток ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег. Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.
Македонија
„Властите во Бугарија продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи“, се наведува во извештајот на Стејт департментот
Министерот за правда ги затвори бугарските културни клубови „Цар Борис Трети“ и „Иван (Ванчо) Михајлов“, повикувајќи се на законот од 2022 година, со кој се бара од организациите именувани по поддржувачи или соработници на фашизмот да ги променат своите имиња, се наведува во извештајот на Стејт департментот.
„Во февруари, по препорака на Комисијата за антидискриминација, обвинителството во Битола отвори прелиминарна истрага за клубот „Иван (Ванчо) Михајлов“ поради говор на омраза. Претседателот на клубот беше обвинет за поттикнување етничка и расна омраза и нетолеранција и ширење расизам и ксенофобија. Две лица се обвинети за нанесување тешки телесни повреди на Христијан Пендиков, кој се саморегистрирал како Бугарин, по национална и етничка основа на омраза“, се вели во извештајот.
Во однос на слобода на здружување во Бугарија, во извештајот се наведува дека Законот предвидува право на слобода на здружување и владата генерално го почитувала.
„Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ и покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите.
Во февруари, Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“, нотира извештајот.