Македонија
Солана – можен е датум за преговори годинава
Европретставникот Хавиер Солана изрази денеска надеж дека 2009 може да биде “добра година“ за почеток на преговори за членство на Македонија
Европретставникот Хавиер Солана изрази денеска надеж дека 2009 може да биде “добра година“ за почеток на преговори за членство на Македонија во Европската унија (ЕУ).
„Вие сте во позиција во која со мал напор, може да влезете во преговарачкиот процес со ЕУ“, изјави Солана, додавајќи дека “тоа е желба на македонскиот народ, и се надевам дека ќе стане реалност“.
Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ ова го изјави по средбата со македонскиот претседател во заминување Бранко Црвенковски, на заедничка прес конференција во Брисел,. пренесува Макфакс
Црвенковски повтори дека ЕУ интеграциите се врвен приоритет на државата.
“Точно знаеме кои се критериумите што треба да ги исполниме во периодот што доаѓа“, рече Црвенковски.
Тој посочи дека “верува оти во Македонија има политичка волја за исполнување на критериумите за да во извештајот за напредокот на државата, оваа година, има препорака за почеток на преговорите за асоцијација“.
Солана, во врска со прашањето за името, изрази надеж дека решението ќе биде постигнато. „Мора да се направи напор и јас се надевам дека ќе се изнајде решение“, изјави Солана..
Од своја страна, Црвенковски наведе дека решавањето на спорот околу името со Грција не е многу популарно, но е неопходно решение што ќе донесе позитивни резултати на долг рок.
Црвенковски, правејќи паралела со Охридскиот договор од 2001 година изјави дека тогаш, немало да се постигне договор доколку се земело предвид мислењето на Македонците и Албанците.
Но, иако договорот во тоа време не бил многу популарен, оцени македонскиот претседател, денес, двете заедници чувствуваат дека тоа било одлично решение.
“Клучните одлуки во историјата на една нација секогаш се многу тешки“, изјави Црвенковски.
“Денес, властите во Македонија мора да ја преземат обврската да донесат тешки одлуки и во однос на прашањето околу името, и во однос на евроинтеграцијата на државата“, изјави Црвенковски./крај/би/ис/ег
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР, ЈО и АНБ комплетно подготвени за претстојните претседателски избори
Во врска со претстојните избори денеска во просториите на Министерството за внатрешни работи, министерот Панче Тошковски одржа состанок на кој присуствуваа дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски, републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и претседателот на Комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење на евентуални изборни нерегуларности Џељаљ Бајрами.
На состанокот министерот Тошковски најпрво се заблагодари за одвоеното време и досегашната успешна соработка на сите чинители кои се одговорни за безбедно спроведување на изборниот процес и потенцираше дека досега не се констатирани посериозни активности кои се насочени кон нарушување на истиот. Исто така, побара од присутните секој во својот делокруг да сподели информации кои се од интерес за спроведувањето на изборите и начинот на кој ќе постапуваат институциите за време на изборниот ден.
Од страна на дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Бојмацалиев беше потенцирана тенденцијата од година во година да имаме сѐ помирни избори, со исто очекување за годинешните изборни процеси, бидејќи МВР е подготвено да биде на висината на задачата да спроведе уште едни фер, слободни и демократски избори по европски терк.
Од страна на директорот на БЈБ беа презентирани информации во врска со Оперативната акција Претседателски и парламентарни избори 2024 година и во таа насока посочи дека од страна на Оперативниот штаб и сите надлежни организациски единици се преземени сите потребни мерки и активности врз основа на претходно изготвен план и притоа не се констатирани никакви позначајни проблеми.
Од страна на АНБ се преземаат организирани и координирани мерки за прибирање на сознанија за евентуални изборни нерегуларности, а во насока на безбедно спроведување на изборите.
Републичкиот јавен обвинител, претседателот на Комисијата во Јавното обвинителство на РСМ за следење на евентуални изборни нерегуларности Џељаљ Бајрами, јавните обвинители на сите виши јавни обвинителства и основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје информираа за активностите во рамките на обвинителството, каде определени се зајакнати дежурства за изборниот ден за покривање на целото подрачје на државата и со будно внимание ќе се следи процесот и навремено ќе се известува за сите настани и активности кои се од интерес на јавноста, а поврзани со спроведувањето на изборите.
Македонија
ССМ повика на првомајски протест: Бараме враќање на трошоците за храна и превоз и минимална плата од 450 евра во првите 100 дена од новата влада
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) повика на првомајски протест за враќање на трошоците за храна и превоз и зголемување на платите во првите 100 дена од новата влада. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, најави дека пораките испратени од првомајскиот протест треба да бидат црвен аларм за сите оние што ќе го очекуваат гласот на работниците на 8 мај.
„Ние работниците излегуваме на протест и на Први мај ќе побараме враќање на трошоците за храна и превоз, право што го изгубивме во 2009 година поради бруто-системот за пресметка на платите во Македонија. Ќе бараме зголемување на платите, и тоа во првите 100 дена од новата влада, особено зголемување на минималната плата, на најмалку 450 евра, онолку колку што таа изнесува во регионот за да не се доведеме во ситуација нашите граѓани, работниците од Македонија, да градат туѓи економии и да работат за туѓи интереси“, рече претседателот Трендафилов.
Трошоците за храна и превоз што ССМ бара да се вратат во пресметките за плата изнесуваат 20 отсто од просечната плата. Според сегашните пресметки, ако од минималната плата се одбијат овие трошоци и давачките што сега се плаќаат, излегува дека работниците што имаат минимална плата, работат за 14.000 денари.
„Бараме 20 отсто од просечната плата за трошоци за превоз и за храна ако имаме предвид дека секојдневно поскапуваат не само реагенсите туку и трошоците за храна. Ако се има предвид синдикалната кошничка, над 20.000 денари изнесуваат трошоците за прехранување на едно четиричлено домаќинство. Зборуваме за леб и вода, не повеќе. Сметаме дека трошоците за храна и превоз треба да се вратат во платите на работниците ако имаме предвид дека 22.500 е минималната плата од март, доколку ги пресметате трошоците за храна и за превоз, во согласност со даночните ослободувања, ќе видите дека немате плата ниту 14.000 денари. Поради тоа, работниците го очекуваат од нас барањето за враќање на трошоците за храна и превоз“, рече Трендафилов.
Тој потсети на првомајскиот протест од 2018 година организиран со мотото „Гаси скара, касни плата“ за кое рече дека важи и денес оти доцнат платите во „Македонски шуми“, работниците во културата преку протести издејствуваа усогласување и исплата на платите, а повеќе од 20.000 работници, според податоците од Управата за јавни приходи, земаат плати пониски од минималната.
„Да не се лажеме, ако не излезете на протест, нема да добиеме ништо. Колку ќе дојдеме, колку ќе излеземе на протест, толку и ќе добиеме. Доколку очекувате во наредните пет години некој кога ќе ја води државата да ве слушне, сте се излажале. Денеска е моментот кога треба да излезете на улица и да кажете што барате од сите тие што очекувате да ја водат државата“, повика Трендафилов.
Заедно со протестот Трендафилов најави дека работниците ќе го бранат и Работничкиот дом од институциите што го презедоа. „Нека дојдат и нека си ја пробаат среќата“, порача тој.
Протестот ќе почне во 11 часот пред Работничкиот дом, ќе продолжи пред Собранието, пред Стопанската комора и ќе заврши пред Владата, каде што работниците ќе ги упатат пораките, ќе кажат зошто не се задоволни и ќе им кажат на оние што го чекаат гласот од нив дека треба да се погрижат повеќе за работниците.
Македонија
УЈП: До 26 април продолжен рокот за поднесување на ДДВ-04 пријавите
Управата за јавни приходи информира дека пропишаниот рок за поднесување на пријавите за данокот на додадена вредност, ДДВ-04, кој истекува на 25.4.2024 година, се продолжува за еден ден.
Според соопштението од УЈП, краен рок за поднесување на пријавите ДДВ-04, ќе се смета 26.4.2024 година имајќи ја предвид владината одлука, со која 24.4.2024 година (среда) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.