Македонија
ЕЛЕМ – тужбата од ЕВН „плашење деца“
„Плашење деца“ е тужбата која ЕВН ја поднесе пред арбитражниот суд во Вашингтон во врска со спорот со ЕЛЕМ
„Плашење деца“ е тужбата која ЕВН ја поднесе пред арбитражниот суд во Вашингтон во врска со спорот со ЕЛЕМ.
Ова денеска за Макфакс го изјави адвокатот на Електрани на Македонија (ЕЛЕМ), која на прес конференција ги повтори своите аргументи за спорот со ЕВН и побарувањата за наплата на долгот од 107 милиони евра.
„Секој инвеститор што инвестира надвор од својата држава, може да покрене постапка пред Арбитражниот суд во Вашингтон, меѓутоа, арбитражата нема надлежност да преиспитува домашни судски одлуки. Тој има сосема други ингеренции и оваа тужба од ЕВН, според мене, е плашење деца“, изјави Никола Додевски“, лидер на адвокатскиот тим на ЕЛЕМ.
Тој оцени дека е „апсурдно што ЕВН бара заштита на инвестиции, кои ги нема вложено во Македонија“.
Раководството и адвокатскиот тим на ЕЛЕМ на прес конференција во седиштето на компанијата ја обвинија ЕВН Македонија дека во изминатиот еден месец преку дел од медиумите и странските амбасадори врши притисок врз судството да ја смени одлуката со која треба да врати долг од 6,5 милијарди денари.
„Тоа што изминатиов период ЕВН го прави кон судовите во Македонија е агресија, чија единствена цел е да се издејствува поинаква одлука во корист на ЕВН“, изјави адвокатот на ЕЛЕМ.
Повторувајќи ги аргументите во спорот со ЕВН, директорот на ЕЛЕМ Влатко Чинговски истакна дека суштински е анекс договорот за продажба на ЕСМ со кој австриските газди се согласиле дека имаат долгови.
„Врз основа на овој анекс договорот, ЕВН Македонија плаќаше кон ЕЛЕМ средства заклучно со октомври 2007, така што нивната теза дека компанијата ја купиле без долг паѓа во вода“, изјави Чинговски.
„ЕВН призна дека ја купила компанијата со вкупни побарувања од 13 милијарди денари. Врз основа на анекс договорот АД ЕСМ се обврзал да го исплати долгот кон АД ЕЛЕМ од 6,5 милијарди денари преку наплата на тие побарувања , сукцесивно како ќе ги собира средства од граѓаните и потоа ќе го плаќа долгот кон ЕЛЕМ со 50 – 50 поделба. Составен дел на овој договор требало да биде спецификација. кои се тие должници и колкави се сумите што ги должат. Ваквата спецификација требаше да биде готова до крајот на 2005, но таа никогаш не е доставена до ЕЛЕМ’, прецизираше Чинговски./крај/ег/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.
Македонија
Во вторник предизборен молк, до тогаш продолжува презентацијата на изборните програми
Во рамки на кампањата за парламентарните избори, која почна во четвртокот, и денеска кандидатите за пратеници во шесте изборни единици ќе ги претстават своите платформи пред граѓаните во повеќе делови од државата. Во исто време продолжува и кампањата за претседателските избори, чиј прв круг ќе се одржи в среда, на 24 април, додека вториот круг треба да се одржи заедно со парламентарните избори на 8 мај.
Кандидатот за претседател поддржан од коалицијата на СДСМ Стево Пендаровски во рамки на изборниот караван денеска ќе ги посети жителите на Ново Село, Босилово, Василево, а митинзи ќе одржи во Радовиш и во Струмица.
Кандидатката за претседател на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Македонска Каменица, Пехчево, Берово и Делчево.
Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски и коалицијата „Храбро за Македонија“ ќе одржат митинг во скопската населба Карпош, а кандидатот за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија Максим Димитриевски ќе ја презентира програмата пред граѓаните во Ресен, Претор, Новаци и во Битола.
Во рамки на третиот ден од кампањата за парламентарни избори, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски ќе биде меѓу граѓаните на Брвеница и на Тетово.
Македонија
Пендаровски: Понудата на Мицкоски за коалицирање е знак на слабост
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски синоќа од Бутел рече дека е легитимно и дека е демократски избор секој да коалицира со кого сака. Но, понудата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за коалицирање со неговата партија, уште на првиот ден од кампањата за парламентарни избори, покажува дека тој бара помош.
„Ние среде кампања не бараме помош од пријател. Мене ми се чини дека тоа е јасен знак на слабост, затоа што господинот Мицкоски знае што го очекува на 24 април и на 8 мај. Инаку зошто би барал помош од страна?“, рече Пендаровски.