Македонија
Значително зголемени буџетските приходи во јули
Наплатата на буџетските приходи во јули е значително зголемена во однос на претходните месеци, што придонесе во изминатиот месец за прв пат годинава
Наплатата на буџетските приходи во јули е значително зголемена во однос на претходните месеци, што придонесе во изминатиот месец за прв пат годинава да има буџетски суфицит.
Ова денеска на прес конференција го објави министерот за финансии Зоран Ставрески, придружуван од директорите на Управата за јавни приходи, Горан Трајковски и директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов.
Вкупните приходи во јули достигнаа 7,373 милијарди денари (близу 120 милиони евра), при што даночните приходи се остварени во износ од 6,778 милијарди денари (околу 104 милиони евра), изјави Ставрески.
Тој појасни дека јули месец е најдобар во ова тешка кризна година од аспект на вкупните буџетски приходи, додавајќи дека наплатата на даноците во јуни и во мај била за околу 30 милиони евра помала во споредба на јули.
Вкупните даночни приходи во јули се за само четири отсто помали од планираното со ребалансот, што претставува значително подобрување во однос на претходните месеци кога наплатата била помеѓу 15-20 отсто помала од планираното.
„Тоа покажува дека започнува еден тренд на постепено закрепнување на буџетските приходи и веруваме дека и во следните месеци ќе продолжи овој тренд“, изјави Ставрески, изразувајќи уверување дека државата преку уредна наплата на приходите ќе успее да си ги сервисира обврските на расходната страна.
Тој информираше дека буџетското салдо во јули за прв пат годинава е во суфицит, односно приходната страна е за 266 милиони денари поголема од расходната страна.
Кумулативно до почетокот на годината буџетскиот дефицит изнесува 5,3 милијарди денари, а владата очекува до крајот на годината да достигне околу 8,7 милијарди денари или 2,8 отсто од БДП.
„Ликвидноста на буџетот е подобрена и без никаков проблем со
тековните приходи буџетот ќе успее да ги сервисира тековните расходи“, рече Ставрески, додавајќи дека нема да има застој во исплатата на платите, пензиите, сите социјални права, родителски додатоци, социјални трансфери и друго. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска на средба со Јоли: Соработката со Албанија дава резултати
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска оствари средба со префектот на округот Корча, Нерти Јоли, со кој разговараа за соработката помеѓу Северна Македонија и Албанија во областа на културата, за досегашната реализација на проектите и можноста за нови.
„Имаме одлична соработка и секоја укажана прилика ја користиме за продлабочување на пријателските врски меѓу двете држави. Традиционално добрите односи со Албанија дополнително ги зајакнуваме со прекуграничната соработка, како најдобар европски модел за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните“, изјави Костадиновска-Стојчевска.
Префектот на округот Корча, Нерти Јоли на средбата рече преку сериозна и темелна соработка на двете држави, важни проекти и иницијативи се реализирани во културата, инфраструктурата и туризмот, изразувајќи интерес за партнерство во идните проекти.
Костадиновска-Стојчевска и Јоли се согласија дека Пустец е посебен за двете држави и дека со унапредување на соработката не само во областа на културата ќе може да се направи многу повеќе за граѓаните од двете страни на границата.
Министерката потенцирање дека успешно реализираната иницијатива „Денови на македонската култура во Корча“ во која учество зеде и Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Тирана и Министерството за култура има големи придобивки во контекст на унапредувањето на културната соработка меѓу двете држави и изрази уверување дека оваа манифестација, со поддршка на округот Корча ќе стане традиционална, бидејќи е убава можност за промоција на македонската култура и истата ги негува релациите со Македонците во Корча.
На средбата беше истакната и петнаесетгодишната соработката помеѓу битолскиот универзитет со албанскиот универзитет Фан С. Ноли, како и за поддршката за промоција и афирмација на македонскиот јазик во Албанија, за што министерката Костадиновска –Стојчевска изрази верување дека иницијативата за изучување на македонскиот јазик на Универзитетот Фан С. Ноли во Корча ќе има уште поголем од младите и идни студенти.
Македонија
Нема докази дека уапсените за убиството на докторот се сторителите
Нема докази дека лицата кои беа приведени за убиството на докторот во Железара се сторителите.
Од Обвинителството велат дека продолжуваат со дејствија, со цел идентификација на сторителите.
-До овој момент, со преземените дејствија од МВР и извршените вештачења од Институтот за судска медицина не се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека лицата лишени од слобода се сторители на кривичното дело. Од тие причини, јавниот обвинител, по истекот на времетраењето на определената мерка краткотраен куќен притвор, нема да предлага судот да определи нови мерки за претпазливост за трите лица кои беа задржани во врска со овој настан, велат од ОЈО.
Министерството за внатрешни работи, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, продолжува да презема дејствија за идентификација на сторителите на кривично дело.
Македонија
Постигната либерализација во товарниот транспорт за и од трети земји со Црна Гора
Министерството за транспорт и врски на Северна Македонија и Министерството за собраќај и поморство на Црна Гора потпишаа Протокол за либерализација на товарниот транспорт за и од трети земји.
Согласно Протоколот, либерализацијата ќе стапи на сила од 1 мај 2024 година и ќе има важност една година, период во кој ќе се прави анализа на состојбата во меѓународниот патен превоз, се со цел да се постигне конечно ослободување од системот на дозволи и во наредниот период.
Ова беше постигнато на состанокот на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока кој се одржа во Скопје.
До сега, двете земји врз база на реципроцитет разменуваа вкупно 300 дозволи за и од трети земји кои беа од огромно значење за товарниот транспорт.
Либерализацијата е чекор напред кон отстранување на сите админстративни постапки во однос на дозволите, процес што ќе придонесе за побрз и ефикасен транспорт како и зголемување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора.
Со Протоколот исто така двете страни се обврзаа да пристапат кон меѓусебно признавање на Сертификатите за професионална компетентност на возачите за учество во меѓународниот патен сообраќај. На состанокот се усогласија и процедурите во делот на превозот на патници меѓу двете земји.
Ова е прва средба на македонско-црногорската мешовита комисија за меѓународен патен превоз на патници и стока после тринаесет години, на која се донесоа низа мерки со кои значително се подобрува соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора во делот на патниот и товарниот транспорт.