Македонија
Милошоски: Блокадата е нова грчка хипокризија
Денешниот исход во Брисел може да се дефинира како нова грчка хипокризија, изјави во вторник во Скопје министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
Денешниот исход во Брисел може да се дефинира како нова грчка хипокризија, изјави во вторник во Скопје министерот за надворешни работи Антонио Милошоски.
Тој посочи дека земјата која, наводно, се залага за сите земји од западниот Балкан да се приклучат кон Европската унија што поскоро, при првата шанса да и даде заслужена можност на нашата земја да ги отпочне преговорите, тоа го блокира.
Ова е официјалниот став на македонската Влада откако Советот на ЕУ денеска ја одложи одлуката за одредување датум за почеток на преговори на Македонија со ЕУ поради противењето на Грција, јавува телевизијата А1.
Шефот на македонската дипломатија истакна дека попречувањето не само што ќе штети на имиџот на ЕУ, туку дополнително може да го наруши и угледот на самиот процес на евроинтегрирање. Тој се заблагодари на шведското претседателство и до големиот број земји-членки кои поддржаа на Македонија следната година, како што беше на почетокот иницирано, да и биде определен термин во кој ќе се одлучува за добивањето на датумот.
„Тоа покажува дека сите останати земји-членки го ценат нашиот напредок, го валоризираат сериозно и тоа ќе биде нашата мотивација за дополнително да продолжиме со реформите и да успееме да најдеме начин како да ги оствариме своите амбиции на еден легитимен, реален и остварлив пат“, рече Милошоски во Собранието на РМ, пренесува А1.
„Попречувањето од официјална Атина по однос на нашиот заслужен почеток на преговори нема да придонесе за подобрување на атмосферата во билатералните разговори што ги имаме во врска со спорот кој Грција го има со нашето уставно име, но во исто време Македонија ќе продолжи и тука, со она што се смета конструктивен придонес за да можеме да се придвижиме напред“, изјави Милошоски.
Но, потенцирам дека блокадите нема да донесат предност, блокадите од Атина нема да не предомислат да продолжиме и понатаму да ги застапуваме и да ги браниме нашите уставни норми и нашиот национален, јазичен, македонски идентитет. Тоа е европска вредност и би било многу противречно ако една земја-членка очекува со своите злоупотреби на членството да му оневозможи на еден мал и мирољубив народ да си го изразува јасно и да го промовира својот национален и државен идентитет“, додаде министерот Милошоски.
Шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ денеска во Брисел решија прашањето за одредување датум за старт на преговорите на Република Македонија за членство во Унијата да биде повторно разгледано за време на претседавањето на Шпанија, во првата половина од 2010 година./крај/а1/амп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Како што ветив, платите се за 12% повисоки за културните работници
Вработените во култура ја добија мартовската плата покачена за 12 проценти. Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска изјави дека со тоа, таа го исполни своето ветување.
„Како што ветив, платите на културните работници од денеска се покачени за 12 проценти.
Овааа Влада предводена од СДСМ се грижи подеднакво за сите. Од 2019 година до денес, покачувањето на платите во Секторот култура се искачи на 52 отсто, со потпишувањето на Колективниот договор“, изјави министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска додаде дека веќе две години се бори за повисоки плати за вработените во културата и успехот не може никој да го порекне. Платите пораснаа и повторно ќе растат.
„Не постои ниту еден чинител кој е против повисоки плати, особено кога Законот за кој оваа Влада се избори е на страната на културните работници“, вели министерката.
Таа, како предизборна игранка и манипулација ги оцени реакциите и протестите на СКРМ.
Вчерашниот состанок во Министерство за финансии, вели министерката за култура, „не беше свикан со намерата која Синдикатот за култура им ја презентираше на своите членови, нути пак за некаква игра, денес тоа се докажа“.
Македонија
Спасовски: Минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари
Носителот на листа на кандидати за пратеници од Изборна единица 2, предводена од СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, оствари средба со пензионерите од Куманово.
„Во спектарот на еднаквите можности за сите е и грижата за нашите највозрасни граѓани – пензионерите. Токму затоа, не се откажуваме! Продолжуваме со подобрување на животниот стандард на пензионерите. Во следниот мандат предвидуваме минимална пензија од 20.000 денари и просечна пензија од 30.000 денари. СДСМ и коалицијата “За европска иднина” продолжуваат да вложуваат на вистинскиот пат, патот кон Европа каде нашата земја ќе продолжи да се развива со нови работни места, повисоки плати, повисоки пензии и подобар животен стандард за сите”, истакна Спасовски.
Македонија
Спречени 3.000 вработувања и унапредувања предложени од техничката Влада
Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор бидејќи се прекршил Законот за техничката влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова.
Како што вели, иако одлуките морало да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничката влада, министерот Бесими ги потпишал сам.
„Незаконити се одлуките на министерот за финансии и државниот секретар во Министерството за финансии по спроведените постапки за вработување и унапредување во Министерството за финансии, како и одлуките на министерот за финансии за давање согласности за вработување во јавниот сектор, сите донесени по формирањето на преодната Влада за организирање на изборите. Ова е потврдено со судски одлуки. Вишиот управен суд донесе две пресуди во моја корист, со кои ги поништи како незаконити одлуките на ДИК, кои беа донесени врз основа на барање на Министерството за финансии“, рече Петрова и додаде:
„Со поништувањето на одлуките на ДИК сите наведени акти поврзани со вработување во Министерството, кои не се потпишани со врзан потпис на министерот за финансии и на дополнителниот заменик-министер, не произведуваат правно дејство. Тоа се однесува и на издадените согласности за вработувања по сите основи во целиот јавен сектор, како и почнатите постапки врз основа на тие согласности“.