Македонија
Aко Бугарија бара признавање на бугарското малцинство и таа треба да го признае македонското, вели Силјановска-Давкова

Европската унија сама себеси се перцепира како единство на различности. Одеднаш, сега, се покажува дека членки на ЕУ промовираат еден чуден ЕУ-однос, ние и вие. Многу пати сум го цитирала професорот Џозеф Вајлер од Харвард, познат по уставот на ЕУ, кога вели дека ЕУ прво, иако се вика Европска унија е потесен ентитет од Европа, а сепак се вика Европска унија и дека односот кон кандидати и кандидатите, и кандидатите за кандидати треба да го смени, бидејќи напати тој начикува на судија и обвинет или се одвива според начелото молчи и слушај. Тоа не се однесува, се разбира , на ЕУ како ентитет и на органите, туку еве на некои членки, вели професорката и актуелен пратеник, Гордана Силјановска Давкова на трибината организирана во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ насловена „Заштита на националните и државни интереси, наместо пазар дипломатија“.
Таа ова го посочи во однос на Република Бугарија и нејзиниот однос кон Македонија со наметнување разно разни барања и услови, како што е и барањето за промена на уставот за впишување на бугарско малцинство, а од нејзина страна неправејќи никакви отстапки на зацртаните позициите нарекувајќи ја чудна тактита за земја членка на Европска унија која се потира на начелото на еднство на различностите.
Во однос на признавањето и заштитата на правата на малцинствата, Силјановска Давкова посочи дека тука особено треба да важи начелото на реципроцитет, односно како што Бугарија бара признавање на бугарско малцинство во Mакедонија истото треба да го направи и таа, и во Бугарија да го признае македонското малцинство и да ги гарантира неговите права, што е во согласнот и со добиените пресуди од Судот за човекови права кои ги покренаа Македонците во Бугарија.
„Од она што го покажува историската меморија, токму на прашањето на заштитата на правата на малцинствата најмногу се инсистирало на реципроцитет. Да посочам, и ние и Бугарија, и сме ја потпишале и сме ја ратификувале рамковната Конвенција за заштита на правата на малцинствата. Ако ја следиме логиката на солунскиот Самит и на она што тогаш, комесарот за Оли Рен го изрази дека, регионот е Европа историски, географски, културно, дека само во два културно историски моменти на Отоманската империја и на комунизмот не сме биле заедно. И дека логиката е јасна ако е ова портата на ЕУ, тогаш или ние ќе извезуваме мир или ќе увезуваме немир“, истакна Силјановска Давкова.
Во однос на барањето за промена на Уставот, таа истакана дека е неизбежно дека тој повторно ќе се менува, најмногу поради ЕУ интеграциите како што е примерот со Србија која пред недела дена се изјаснуваше и на реферндум, но дека тоа ние треба да го направиме со барање од внатре, како на пример претседател на држава, а не како барање кое некој од надвор ни го наметнува.
„Мој белгиски колега вели, Уставот треба да се менува со рака што трепери од одговорност. Да, ние го менуваме уставот со рака што трепери од страв, до сега неколку пати. И замислете, за триесетина години 36 амандмани, споредено со САД, з аповеќе од 200 години, 27 амандмани, имаат илјада предлози и пет илјади неуспешни обиди. Проблемот е што ние, дали треба да го смениме уставот, јас одговорно тврдам и тоа ќе го направиме. Србија тоа сега го правање со референдум, во функција на ЕУ интеграцијата, мешутоа не со барање од надвор, туку со барање од внатре. Еден паметен претседател или претседател на собрание, одамна би ја проширил уставната комисија со експерти, за да видиме во овие 30 години кои проблеми ги манифестираше уставната норма во праксата како систем“, посочи Силјановска Давкова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Притвор за осомничените за продажба на парцели за “ЕВН електрани”

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против седум лица, од кои за двајца постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Измама во службата од член 355 став 4 во врска со став 3 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик, додека останатите се осомничени за помагање при извршување на кривичното дело.
Во текот на 2021 година, првоосомничениот и второосомничениот, во својство на управители – одговорни лица во правно лице, заеднички, со намера за друг да прибават противправна имотна корист, ги довеле во заблуда членовите на управниот одбор на оштетено правно лице, а потоа и овластеното лице во правното лице да извршат незаконита исплата.
Во постапка за купување на недвижен имот – земјиште со намена за изградба на фотонапонски волтаици, двајцата осомничени не ги почитувале и ги заобиколиле интерните постапки и не ги извршиле неопходните претходни проверки кои што биле должни да ги извршат.
Притоа намерно исклучиле дел од вработените лица кои поради нивната стручност било задолжително да бидат вклучени во постапката, а на дел од вработените им дале директни наредби и насоки за изготвување на cost benefit анализи за исплатливоста на инвестицијата, вметнувајќи невистинити податоци и прикривајќи ја реалната состојба.
Врз основа на лажните податоци од анализите за исплатливост, изготвени по наредба на двајцата осомничени, купопродажбата била оценета како погодна, па на 15.09.2021 година надзорниот одбор на правното лице донел одлука – Одобрение за купување на недвижниот имот.
Со таквите дејствија првоосомничениот и второосомничениот влијаеле да бидат одобрени изготвените невистинити анализи од страна на доминатниот акционер во компанијата и да се реализира инвестицијата за купување на недвижен имот – вкупно 48 катастарски парцели во КО Делчево, КО Ветрен, КО Габрово и КО Берово од кои биле 29 во сопственост на останатите осомничени.
Осомничените првично ги стекнале парцелите со формални договори за дар, кои во суштина се договори за купопродажба бидејќи за трансакцијата им биле исплаќани парични средства. Со тоа незаконски била избегната обврската за достава на писмена понуда или објава на јавен оглас за земјиштето.
Дел од наведените катастарски парцели не ги исполнувале критериумите за пренамена од земјоделско во градежно земјиште согласно Законот за урбанизација, дел од катастарските парцели не исполниле услов согласно објавените критериуми предвидени во јавниот објавен оглас за доделување на право на користење премии за електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали објавен од страна на
Министерството за економија, иако согласно одлуките на Надзорниот одбор и Управниот одбор на правното лице парцелите биле купувани токму со таа намена.
Купопродажбата се реализирала со склучување на купопродажни договори помеѓу правното лице од една страна во својство на купувач и четвртоосомничениот, петоосомничениот, шестооосмничената и седмоосомничениот од друга страна во својство на продавачи.
Третоосомничениот, пак, бил во постојан контакт со осомничените и помагал околу лоцирање на недвижностите.
Правното лице, врз основа на склучените договори, за недвижност – земјоделско земјиште од 5, 6, 7 и 8 класа, со вкупна проценета пазарна вредност од 2.146.723 денари, на продавачите им исплатило парични средства во вкупен износ од 99.431.060 денари.
Разликата помеѓу исплатената сума и реалната вредност на парцелите изнесува околу 97.284.337 денари и претставува значителна имотна корист што ја оствариле осомничените.
Оценувајќи дека постои опасност за влијание врз сведоци, вештаци, соучесници и прикривачи, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за шестмина осомничени, додека за една осомничена се предложени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на местото на живеење, обврска на осомниченaтa да се јавува повремено на определено службено лице, привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница односно забрана за нејзино издавање и забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со одредени лица.
Македонија
Патријархот Кирил за Српската и Македонската црква: Долгата поделеност конечно е исцелена

Патријархот московски и на цела Русија Кирил денеска го поздрави повторното обединување на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) со Српската православна црква (СПЦ), оценувајќи го како „значаен историски настан“.
„Ќе ве информирам за еден ваков добар и важен историски настан – обновувањето на комуникацијата меѓу Српската патријаршија и Охридската архиепископија“, рече патријархот Кирил на состанокот на Светиот синод на Руската православна црква, пренесува РИА Новости.
Патријархот Московски и на цела Русија Кирил истакна дека тоа е важен историски настан.
Македонија
Ковачевски: Манастирот Св. Јован Бигорски е живо сведоштво за автентичниот македонски идентитет

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска го посети манастирот Св. Јован Бигорски, каде што беше пречекан од игуменот на манастирот, eпископ aнтаниски г. Партениј. Премиерот Ковачевски беше придружуван и од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, и заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.
Во обиколката на манастирскиот комплекс, премиерот Ковачевски беше запознаен со историјата и мисијата на манастирот Св. Јован Бигорски, како еден од најзначајните монашки и духовни центри во историјата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Епископ антаниски г. Партениј, како игумен на манастирот, на премиерот Ковачевски му ги презентираше најважните и исклучително значајни артефакти во манастирската црква Св. Јован Крстител во која доминантно место има прекрасниот и единствен од ваков вид иконостас во православието, врвно дело на мијачките копаничари, Петре Филиповски – Гарката од с. Гари, со својата тајфа и Макариј Фрчковски од Галичник.
За време на разгледувањето на манастирските содржини, премиерот Ковачевски истакна дека сега со историската одлука за признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, убавините и вдахновената духовна атмосфера на манастирот Св. Јован Бигорски, стануваат достапни за верниците од сите сестрински православни цркви за да го сведочат единството и црковно заедништво како една од најсуштинските вредности на православното христијанство.
Премиерот Ковачевски нагласи дека во признавањето на МПЦ-ОА како канонска автокефална црква се вградени и големите дела на сите црковни и духовни големци во нашата историја кои учествуваа во создавањето и афирмацијата на идентитетот на македонскиот народ и на прифаќањето возобновена Охридската архиепископија во лицето на МПЦ како еднаква и официјално прифатена во заедницата православни цркви.
Премиерот Ковачевски ја посети и манастирската библиотека во која се чуваат уникатните и оригиналните книги како што поучната творба „Огледало“ на македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ, издадена во Виена во 1816 година, поемата „Арматолос“ („Сердарот“) на Григор Прличев, издадена во Атина во 1860 година, реткиот примерок на црковнословенскиот месецослов, кој потекнува од времето на руската царица Екатерина Велика, отпечатен во 1793 година, како и едно од првите изданија на Светото писмо на народен јазик од 1874 година.
Книгите се најсилното оружје во одбраната на македонскиот јазик и идентитет, рече за време на посетата на манастирот премиерот Ковачевски, и истакна дека делата на македонските преродбеници од 19 век, црковните книги и зачуваните писма на бигорските игумени и монаси говорат дека македонскиот народ има многувековна црковна и долга историја, култура.
Обиколката на манастирот Св. Јован Бигорски заврши во конакот со својот автентичен внатрешен амбиент се издвојуваат големиот синодикон и приемната одаја за гостите кои во огромен број го посетуваат овој црковен бисер на МПЦ-ОА.