Македонија
Aрсовска најавува изградба на мегапаркови во повеќе скопски општини

Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, се заложи за изградба на паркови во скопските општни Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и во Ѓорче Петров по примерот на Градскиот парк.
Според Арсовска, потребата од ваква мерка се наметнува поради негрижата за Градскиот парк изминативе години.
„Имав можност да разговарам со луѓето што ќе бидат дел од идната локална власт во општините во градот Скопје и токму на оние места каде што заеднички разговаравме и дискутиравме дека има просторни можности, таму да се направат парковите. Меѓутоа, и не само на тие локации. Понатаму, во секој случај ќе имаме можност да разгледуваме и договараме со скопјани дали ним тоа им одговара, иако јас верувам дека никој нема да има ништо против тоа да имаат навистина убав и голем парк во своето маало“, одговори Арсовска на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Кај дел од експертската јавност сепак постојат сомнежи во ваквите најави поради потребата од менувањето на детаљните урбанистички планови на секоја општина одделно за вцртување паркови, па и на Генералниот урбанистички план на Град Скопје, кој е документ што ги обединува сите ДУП-ови.
Арсовска не откри колку би чинеле и колкава површина би зафаќале ваквите површини имајќи предвид дека се работи за т.н. мегапаркови.
Таа нагласи дека ќе се посвети и на изградба на 20 помали паркови, во секое од населените места, но засега нема детали дали парковите би се граделе на приватно или јавно земјиште и како Градот финансиски би го поднел тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Спасовски: Граничната полиција со зголемена откривачка активност при спречување на обидите за илегални преминувања

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и шефот на кабинет Митко Бојмацалиев, вечерва во Демир Капија оствари работна средба со полициските службеници од пунктот за борба со илегалната миграција и криумчарење мигранти во кој работат и делуваат полициски службеници од повеќе од организациски единици во склоп на оперативната акција „Рефлекс“.
„Со денешнава посета ја почнуваме серијата средби со полициските службеници на терен, каде што на лице место во работна атмосфера, директно на терен ќе имаме можност да посведочиме како се остваруваат задачите и плановите со цел да утврдиме што им е неопходно од опрема, процеси и организација за поефикасно извршување на работните задачи, поефикасна борба со сите видови криминал, борба со корупцијата а со тоа гарантирање на безбедноста на сите граѓани.“, потенцираше министерот Спасовски.
Спасовски рече дека од голема важност е потпишувањето на Статус договорот со Фронтекс и распоредувањето на нивни полициски службеници на границите на нашата држава, и дека во текот на 2023 година, продолжува спроведувањето на заеднички мешовити патроли со странските полициски службеници од осум земји во рамки на активноста на ИОМ од 2015 година. Илегалната миграција е актуелна тема што во голема мера влијае врз безбедносната состојба на државата, еден од стратешките приоритети на министерството за кој во континуитет се преземаат мерки во делот на справување со истата. „ За 2022 година, граничната полиција имаше зголемена откривачка активност од 31,2% при спречување на обидите за илегални преминувања. На границите со соседните земји спречени се 27.391 обиди за илегални преминувања. Јужната граница сеуште е клучна точка за влез на мигрантите и нивно натамошно движење, што се огледа и во бројот на спречени обиди на границата со Република Грција- 24.965, каде е забележано зголемување на обидите за 35,5%.“, презентираше дел од резултатите во борбата со миграцијата министерот Спасовски.
Спасовски истакна дека со зголеменото присуство на илегални мигранти на нашите граници, зајакната е и оперативната активност на полицијата на стратешко и регионално ниво што бележи откриени 107 случаи во 2022 година, што претставува зголемување за 68.2%, а бројот на спречени мигранти за речиси 80%. Најголем број од случаите 73% се откриени од страна на полициски службеници од Регионалниот центар „Југ“ чија ефикасност во делувањето се должи на заедничкото делување на мешани патроли со странските полициски службеници од осум земји кои вршат засилен надзор на јужниот дел од државната граница.
Спасовски потенцираше дека функционирањето на безбедносниот систем е основа за функционирање на правната држава и изрази уверување дека ваквите активности на терен директно ќе влијаат врз унапредување на ефикасноста на сите организациски единици на полицијата со цел остварување на уште подобри резултати во обезбедување на мирот и безбедноста на граѓаните на државата.
Македонија
“Бомбашот” пријавил лажни бомби, завршија проверките

Лажни се пријавите за наводно поставени експлозивни направи во училишта, трговски центри и објекти во Скопје.
Министерството за внатрешни работи извести дека денес во 19.10 часот завршија сите потребни проверки во врска со денешните пријави од 16 средни училишта и 5 други објекти во Скопје по добиените пораки на електронски адреси со закана за поставена експлозивна направа, и утврдено е дека станува збор за лажни пријави.
Веднаш по добиените пријави, од полициските службеници беа преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа беа извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки.
Македонија
Владата го проблематизира приемот во ЕУ со национални омаловажувања, му рече Мицкоски на словенечкиот амбасадор

Фрустрациите и разочарувањето кај македонските граѓани е огромно, оцени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ,Христијан Мицкоски на средбата со амбасадорот на Република Словенија, Милан Предан, кој ја завршува својата мисија во Македонија.
На состанокот се разговараше за актуелната политичка и економска состојба во Македонија, како и македонските евроинтеграции и постојаните условувања за Македонија.
Мицкоски потенцираше дека владата не испорачува решенија за проблемите на граѓаните, дополнително го проблематизира македонското пристапување кон ЕУ со национални омаловажувања, а народот е разочаран и поради драматичното ниво на корупција.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ исто така истакна дека по многу национални откажувања, на Македонија треба да и се даде шанса да стане дел од Европската унија, без непримерни барања и без национални уцени.
На средбата, Мицкоски му се заблагодари на амбасадорот за одличните билатерални односи и поддршката која Словенија ја дава на Македонија во многу области.