Македонија
Андоновски од Стратешкиот дијалог со САД: Продлабочување на соработката во сајбер-безбедноста и дигиталната инфраструктура
Министерот за дигитална трансформација е дел од Владината делегација на Стратешкиот дијалог помеѓу Македонија и Соединетите Американски Држави во Вашингтон. Според Андоновски, ова претставува значаен чекор во унапредување на билатералната соработка, со посебен фокус на дигиталната трансформација и сајбер-безбедноста.
Во рамки на дијалогот, Андоновски ја предводи сесијата која ќе се однесува на дополнително зајакнување на партнерството во делот на сајбер-безбедноста, преку поддршка за развој на институционалните капацитети, проценка и унапредување на заштитата на критичната дигитална инфраструктура, како и понатамошна соработка со доверливи меѓународни партнери.
Според информациите од Стратешкиот дијалог, се предвидува продлабочена експертска и техничка соработка со релевантни американски институции, со цел унапредување на националните способности за превенција, детекција и одговор на сајбер-закани, како и поддршка во процесите на стратешко планирање и модернизација на безбедносните системи.
Андоновски изјави дека во рамки на партнерството се разгледуваат можности за поддршка во развој на напредни сајбер-капацитети и зајакнување на заштитата на клучните државни системи, преку обука, опрема и размена на експертиза.
“Оваа соработка е во целосна согласност со стратешките приоритети на Владата и Министерството за дигитална трансформација, вклучително и имплементацијата на Националната стратегија за сајбер-безбедност 2025–2028, како и усогласувањето со европските стандарди и директиви.”, изјави Андоновски по сесијата.
Министерството за дигитална трансформација останува посветено на изградба на сигурна, отпорна и доверлива дигитална инфраструктура, како предуслов за ефикасни јавни услуги, заштита на институциите и зајакнување на довербата на граѓаните.
“Стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави претставува важен столб во унапредувањето на националната дигитална и сајбер-отпорност и силна поддршка за реформските процеси во оваа област.”, заклучи Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Вреди“: Се враќа целосната функционалност на Комисијата за односи меѓу заедниците, нов чекор за зајакнување на Охридскиот рамковен договор
Со години, Комисијата за односи меѓу заедниците беше ставена на маргините, оценуваат од „Вреди“.
„Беше де факто ослабена од политиките на ДУИ. Нејзината улога беше ослабена. Ја изгуби реалната тежина во процесите на одлучување, иако произлегува од Охридскиот рамковен договор.
Од денес, тоа се менува. На чело на Комисијата е избран пратеникот на „Вреди“, Аднан Азизи. Тој ќе предводи нова фаза. Фаза на целосна функционалност и јасна институционална одговорност.
Комисијата повеќе нема да биде формалност. Таа ќе биде активен орган. Функционален механизам со реално одлучување и директна одговорност за правична и соодветна застапеност, употребата на јазиците, образованието и културата, со цел целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и Бадинтеровиот принцип“.
„Вреди“ како што додаваат од партијата, става крај на практиките на институционално занемарување. Законот за правична и соодветна застапеност, подвлекуваат дека ќе се спроведува со целосна сериозност. Според нив, институционалната еднаквост повеќе нема да остане само на хартија.
Македонија
Савески-Хрицова: разговарано за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и амбасадорката на Словачката Република Ивета Хрицова на заедничка средба ги разгледаа можностите за идна соработка особено во областа на реализацијата на европските реформи во работата на Јавното обвинителство.
Меѓу клучните активности во претстојниот период, преку контакти со словачкото обвинителство, ќе биде иницирана размена на искуства во повеќе области, студиски посети, како и испитување на можностите за потпишување меморандум за соработка меѓу македонското и словачкото обвинителство.
Савески и Хрицова разговараа и за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките.
Македонија
Утре променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер
Утре ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
