Македонија
Андоновски: Околу 120% раст на трансакции на платформата за интероперабилност
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска се обрати на отворањето на Третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители, што се одржува во организација на Институтот на сметководители и овластени сметководители, под мотото „Генерација со визија – Професија со иднина“.
Во своето обраќање, министерот Андоновски истакна дека дигиталната трансформација не е само технолошки процес, туку суштинска промена во начинот на кој државата, бизнисот и граѓаните комуницираат меѓу себе. Тој нагласи дека целта е помалку хартија, помалку шалтери, помалку повторување на исти податоци и значително помалку изгубено време за граѓаните и компаниите.
„За бизнисот, дигиталната трансформација значи побрзи постапки, пониски административни трошоци, помалку неизвесност и повеќе време за работа, инвестиции и развој. Бизнисот не треба да биде курир помеѓу институциите. Податоците треба да се движат, а не граѓаните и компаниите“, порача Андоновски.
Министерот посочи дека платформата за интероперабилност е еден од клучните механизми преку кои институциите се поврзуваат, нивните системи меѓусебно комуницираат, а податоците што веќе постојат во една институција можат, согласно закон и со соодветна заштита, да се користат од друга институција.
Во тој контекст, Андоновски информираше дека е забележан околу 120% раст на трансакциите на платформата за интероперабилност, што, според него, покажува дека институциите сè повеќе ги користат дигиталните канали за размена на податоци и дека системот постепено станува реална поддршка за поефикасна администрација.

„Интероперабилноста не е само технички проект. Таа е економска мерка, мерка за подобра деловна клима и начин да им помогнеме на компаниите да бидат попродуктивни, а институциите побрзи, попрецизни и поодговорни“, истакна министерот Андоновски.
Тој додаде дека секое намалување на административниот товар директно ја олеснува работата на сметководителите и на компаниите што тие ги поддржуваат, имајќи предвид дека нивната секојдневна работа е поврзана со рокови, документи, извештаи, финансиски податоци, даночни обврски, регистрациони постапки и комуникација со повеќе институции.
Посебен акцент во обраќањето беше ставен и на Националниот портал за услуги — uslugi.gov.mk, кој, како што истакна Андоновски, треба да биде централна точка преку која граѓаните и компаниите ќе можат полесно, побрзо и појасно да пристапуваат до услугите што ги нудат институциите.
„Националниот портал не треба да биде само дигитална табла со услуги. Тој треба да биде влезна врата кон поинаква јавна администрација — администрација ориентирана кон корисникот, кон поедноставување на постапките и кон реална услуга“, рече Андоновски.
Министерот го поздрави фактот што ИСОС, како професионална организација, активно ја користи платформата за интероперабилност, но и услугите од Националниот портал како дигитална платформа за пристап до услугите што ги нуди за своите членови. Тој оцени дека тоа е позитивен пример што треба да биде поттик и за други организации и институции да ги дигитализираат своите услуги и да ги направат подостапни за корисниците.
„Дигитализацијата има вистинска вредност само тогаш кога граѓаните и компаниите ќе ја почувствуваат во секојдневието — кога една услуга ќе се заврши побрзо, кога нема да се бара документ што веќе постои во друга институција и кога компанијата ќе може да се фокусира на раст, наместо на бирократски лавиринти“, нагласи Андоновски.
Министерот Андоновски порача дека сметководителите имаат клучна улога во процесот на дигитална трансформација, бидејќи токму тие најдобро знаат каде процедурите се сложени, каде се повторуваат податоците и каде дигиталните решенија можат да донесат најголема корист.
„Нашата цел е јасна: дигитални услуги што навистина функционираат, институции што меѓусебно разменуваат податоци, процедури што се пократки и поедноставни, и држава што е партнер на бизнисот, а не пречка во неговото работење“, порача министерот за дигитална трансформација.
Андоновски заклучи дека дигиталната трансформација не е избор, туку неопходност, но дека таа мора да биде паметна, безбедна, инклузивна и насочена кон конкретни резултати.
„Не ни е потребна дигитализација што само ќе ја преслика бирократијата во електронска форма. Ни треба дигитализација што ќе ја намали бирократијата“, истакна Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дождлив викенд со грмежи и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 23 степени.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно време со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Следува период на променливо облачно време со сончеви периоди во текот на денот. Локално ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Утре ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи, засилен до силен ветер (над 70 кm/h) и услови за појава на град. Во недела ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Македонија
„Вреди“: Се враќа целосната функционалност на Комисијата за односи меѓу заедниците, нов чекор за зајакнување на Охридскиот рамковен договор
Со години, Комисијата за односи меѓу заедниците беше ставена на маргините, оценуваат од „Вреди“.
„Беше де факто ослабена од политиките на ДУИ. Нејзината улога беше ослабена. Ја изгуби реалната тежина во процесите на одлучување, иако произлегува од Охридскиот рамковен договор.
Од денес, тоа се менува. На чело на Комисијата е избран пратеникот на „Вреди“, Аднан Азизи. Тој ќе предводи нова фаза. Фаза на целосна функционалност и јасна институционална одговорност.
Комисијата повеќе нема да биде формалност. Таа ќе биде активен орган. Функционален механизам со реално одлучување и директна одговорност за правична и соодветна застапеност, употребата на јазиците, образованието и културата, со цел целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и Бадинтеровиот принцип“.
„Вреди“ како што додаваат од партијата, става крај на практиките на институционално занемарување. Законот за правична и соодветна застапеност, подвлекуваат дека ќе се спроведува со целосна сериозност. Според нив, институционалната еднаквост повеќе нема да остане само на хартија.
Македонија
Савески-Хрицова: разговарано за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и амбасадорката на Словачката Република Ивета Хрицова на заедничка средба ги разгледаа можностите за идна соработка особено во областа на реализацијата на европските реформи во работата на Јавното обвинителство.
Меѓу клучните активности во претстојниот период, преку контакти со словачкото обвинителство, ќе биде иницирана размена на искуства во повеќе области, студиски посети, како и испитување на можностите за потпишување меморандум за соработка меѓу македонското и словачкото обвинителство.
Савески и Хрицова разговараа и за предизвиците во гонењето на висока корупција, како и за можностите за избегнување на одолговлекување на постапките.
