Македонија
Андоновски во Загреб: Македонија и Хрватска ја продлабочуваат соработката за дигитална трансформација
Во рамки на работната посета на Загреб, Хрватска, Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, оствари средба со министерот за правда, јавна администрација и дигитална трансформација на Република Хрватска, Дамир Хабијан, на која се разговараше за унапредување на соработката во областа на дигиталната трансформација, модернизацијата на јавните услуги и јакнењето на дигиталната инфраструктура.
На средбата беа разменети искуства за развојот на дигитални услуги за граѓаните, со посебен осврт на мобилните апликации и платформите преку кои граѓаните полесно пристапуваат до услугите на институциите.
Беше нагласено дека силната инфраструктура, интероперабилноста меѓу институциите и безбедната размена на податоци се клучни за ефикасна дигитална трансформација на јавниот сектор.
Посебен акцент беше ставен на хрватските искуства во дигитализацијата на архивското работење, е-архивата и системите за управување со документи — DMS. Министерот Андоновски истакна дека ваквите искуства се особено важни за процесите што Министерството за дигитална трансформација ги спроведува во насока на воспоставување поефикасна, транспарентна и дигитално поддржана јавна администрација. “Богатото искуство на Хрватска во дигитализацијата на процесите во јавната администрација и правосудството е од исклучително значење за македонскиот процес на дигитална трансформација.”
На средбата беше разговарано и за можноста за организирање обуки и размена на експерти меѓу двете земји, особено во областа на архивското работење и електронското управување со документи. Воедно, беше отворена и можноста за заедничка соработка преку твининг-проекти и европски механизми за поддршка на дигиталната трансформација.
Министерот Андоновски ја истакна Република Хрватска како добар пример за дигитализација на јавниот сектор и нагласи дека соработката со земјите од регионот и Европската Унија е од особено значење за забрзување на реформските процеси во Македонија.
„Дигиталната трансформација е основа за подобри, побрзи и подостапни услуги за граѓаните. Хрватското искуство во областа на е-архивата, податочните центри и дигиталните услуги претставува значаен пример на кој можеме да се огледаме и да развиваме конкретна соработка“, истакна министерот Андоновски.
Двајцата министри изразија подготвеност за продолжување на комуникацијата и иницирање конкретни активности за продлабочување на билатералната соработка во областа на дигиталната трансформација.
Билатералната средба на министрите е дел од посетата на Андоновски на Хрватска и учеството на Форумот на IDU. Како член на Извршниот одбор на ИДУ, Андоновски ќе учествува и на седницата на Извршниот одбор во текот на утрешниот ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Едно лице со полесни изгореници во пожарот меѓу Долани и Љуботен
Едно лице се здобило со полесни изгореници во пожарот што денеска избувна меѓу селата Долани и Љуботен во Општина Штип, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). На повреденото лице му била укажана медицинска помош, а нема информации за други повредени.
Од страната кон селото Долани се изорани заштитни појаси со трактори, по што пожарот е ставен под контрола и е спречено неговото ширење кон населеното место.
Според ЦУК, пожарот во моментов се шири кон селото Љуботен, при што се зафатени сува трева, нискостеблеста вегетација и борова шума.
Во гаснењето учествуваат пожарникари од ТППЕ Штип, механизација од ЈП „Стипион“, трактори, полициски службеници и екипи на Итната медицинска помош.
Македонија
Сончево и топло во Скопје, температурата ќе достигне 34 степени
Времето утре ќе биде сончево и топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер, кој во западните делови ќе биде од западен правец, а долж Повардарието и во источните региони од југоисток.
Утринските температури ќе се движат од 7 до 16 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 27 и 34 степени.
Во Скопје се очекува сончево и топло време со мала облачност и слаб до умерен југоисточен ветер. Температурата ќе се движи од 13 до 34 степени.
Според прогнозата, во текот на новата седмица ќе преовладува топло време. Во вторник се очекува локален развој на нестабилна облачност, а во среда на повеќе места ќе има пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Од четврток повторно ќе преовладува претежно сончево време со променлива облачност.
Македонија
ВЛЕН: Автопатот Скопје-Блаце требаше да биде готов кога беше купена „Соравија“
Од ВЛЕН соопштија дека почетокот на работите на автопатот Скопје–Блаце претставува реализација на проект што граѓаните го чекале со децении.
Тие ја обвинија ДУИ дека за 24 години власт не успеала да го реализира автопатот, додавајќи дека според претходно ветуваните рокови тој требало да биде завршен уште во периодот кога семејството Ахмети ја купило „Соравија“.
Од коалицијата оценуваат дека по заминувањето на ДУИ од власта почнала реализација на крупни инфраструктурни проекти, меѓу кои автопатот Скопје–Блаце, Коридорот 8, како и изградбата на кампусот на УНТ и болниците во Кичево и Тетово.
Според ВЛЕН, претходната власт имала погрешни приоритети и била поврзана со корупциски скандали и злоупотреба на јавни средства.
Фото: изградба на автопат (илустрација)
