Македонија
Бесплатни часови по пливање во новиот базен во Карпош: целта е сите деца до девет години да научат да пливаат
Заменик-градоначалникот на Општина Карпош, Неделчо Крстевски, на денешното свечено отворање на новиот базен во Карпош, најави дека Општината ќе обезбеди бесплатни часови по пливање за сите деца од прво до трето одделение. Влезот на базенот за учениците од Карпош ќе биде, исто така, бесплатен.

Базенот е широк девет метри, долг е 25 метри, а длабочината му е од 0,8 до 1,2 метри
„Го преземаме како Општина Карпош овој, слободно кажано, маркантен базен за Општината кој ќе го користат најмладите. Со оглед на тоа што, согласно димензиите, тој е наменет токму за најмладите, Општина Карпош во наредниот период, заедно со основните училишта, ќе обезбеди децата од прво до трето одделение да имаат бесплатни часови по пливање. Во наредните неколку години нашата цел е сите дечиња до деветгодишна возраст во Карпош да знаат да пливаат“, рече заменик- градоначалникот Крстевски.
Базенот е широк девет метри, долг е 25 метри, а длабочината му е од 0,80 до 1,2 метри. За неговата изградба Министерството за спорт потроши околу 760 илјади евра.
Во новиот базен, покрај заменик-градоначалникот се прошетаа и премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски.
Премиерот, одговарајќи на новинарски прашања по свеченото пуштање во употреба на базенот, не одговори конкретно на прашањето колку време градоначалникот Сотир Лукровски, кој не доаѓа во Општината повеќе од еден месец, ќе биде на боледување. Мицкпски уште еднаш кажа дека боледувањето на Лукровски е личен момент и тој не сака да го коментира, но ги осуди, како што рече, „политичките глодачи“ кои на туѓа мака се обидуваат да добијат поени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на амбасадори за германско-францускиот нон-пејпер: Политички сигнал дека сегашниот модел на проширување во ЕУ не ги дава посакуваните резултати
Од Советот на амбасадори сопштија дека со особено внимание ги проследија неодамнешните иницијативи поврзани со иднината на политиката на проширување на Европската Унија, вклучително и заедничкиот германско-француски нон-пејпер претставен на Самитот во Тиват минатата недела.
Овој документ, како што велат, претставува прво формализирање на идеи кои во изминатиот период беа артикулирани низ повеќе иницијативи и политички настапи во рамки на ЕУ, вклучително и во иницијативата на Министерството за надворешни работи на Република Австрија од април оваа година, како и во јавните настапи и писмото на германскиот канцелар Фридрих Мерц. Во таа смисла, оценуваат дека Тиватскиот нон-пејпер може да се разбере како обид за создавање нов европски консензус околу концептот на постепена интеграција.
Советот оценува дека овие иницијативи испраќаат значаен политички сигнал дека во земјите-членки расте свесноста дека сегашниот модел на проширување не ги дава посакуваните резултати со очекуваната динамика. Долгото отсуство на нови членки, слабеењето на ентузијазмот кај земјите-кандидатки, вкрстените интереси и влијанија во регионот и актуелните геополитички предизвици укажуваат, велат од таму, на потребата од нови и пофлексибилни пристапи кон интеграцијата на Западен Балкан.
„Особено е значајно што во фокусот на овие иницијативи се наоѓаат секторската интеграција, пристапот до делови од Единствениот европски пазар, учеството во европските програми и постепеното вклучување во политиките на Унијата. Од перспектива на надворешно-политичките и економските интереси на Република Северна Македонија и регионот, Советот ги поздравува сите иницијативи кои овозможуваат конкретни придобивки за граѓаните, компаниите и институциите уште пред формалното членство во ЕУ. Ваквиот пристап може да придонесе за побрза економска интеграција, зголемена конкурентност и зајакнување на довербата во европскиот процес.
Истовремено, Советот смета дека во тековната дебата недоволно внимание се посветува на прашањето на економската конвергенција како суштинска цел на европската интеграција. Иако новите иницијативи предвидуваат различни форми на пристап до Единствениот пазар и европските политики, останува нејасно е додаваат, дали и во која мера земјите од Западен Балкан би добиле постепен пристап до клучните инструменти на европската кохезиска политика и структурните фондови“.
Советот потсетува дека историското искуство на државите од Централна и Источна Европа покажува дека нивната успешна економска конвергенција кон просекот на Европската Унија не била резултат исклучиво на пристапот до Единствениот пазар, туку и на значителната поддршка преку Кохезискиот фонд, Европскиот фонд за регионален развој, Европскиот социјален фонд и другите финансиски инструменти на Унијата.
„Оттука, модел на постепена интеграција кој обезбедува пристап до Единствениот пазар, но не и паралелен пристап до инструментите за финансиска конвергенција, носи потенцијален ризик од продлабочување, наместо намалување, на развојниот јаз меѓу регионот и Европската Унија“.
Советот на амбасадори смета дека идните модели на постепена интеграција е неопходно да бидат проследени со постепено и условено отворање на инструментите на кохезиската и структурната политика за земјите кандидатки кои покажуваат капацитет за нивно ефикасно користење“. Ова, како што појаснуваат, би придонело постепената интеграција да обезбеди реална економска конвергенција и видливи придобивки за граѓаните уште пред формалното членство во Унијата.
Во оваа насока, Советот посочува на неопходноста од проактивно и конструктивно вклучување на земјата во претстојната европска дебата за содржината на постепената интеграција. Ова, според нив, подразбира и подготовка на јасни национални позиции во однос на секторите подготвени за забрзана интеграција, пристапот до Единствениот европски пазар, учеството во европските политики и програмите, како и идниот пристап до финансиските инструменти на Унијата.
„Советот на амбасадори останува цврсто посветен на европската перспектива на државата и смета дека тековните иницијативи отвораат можност за нова динамика во процесот на интеграција. Истовремено, тие треба внимателно да се обликуваат така што постепената интеграција ќе претставува инструмент за побрза политичка, економска и институционална конвергенција со ЕУ, но не и замена за полноправното членство, кое останува крајна цел на процесот на проширување и единствена рамка што обезбедува целосно учество во институциите, политиките и механизмите на одлучување на Унијата“.
Македонија
Сончево со температури до 33 степени, попладне со услови за невреме
Времето во текот на денот, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме со појава на град. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 33 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Во четврток претпладне ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Од четврток попладне, ноќта кон петок и петок ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд (над 15 l/m2), грмежи и засилен, повремено силен ветер од северозападен правец кој наместа повремено ќе достигнува брзина од 60 km/h. Температурата во петок ќе опадне за неколку степени. За време на викендот времето ќе биде претежно сончево со мала локална облачност и посвежо.
Македонија
Савески со директорот на Финансиската полиција: борбата против финансискиот криминал и корупцијата во фокусот
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески на денешната средба со директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски разговараше за зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка во борбата против финансискиот криминал и корупцијата.
На средбата ги разгледаа можностите за унапредување на координацијата и размената на информации помеѓу Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство, со цел поефикасно откривање и сузбивање на кривичните дела од областа на финансискиот криминал со посебен акцент на спроведувањето на финансиските истраги.
