Македонија
Битола ги третира улиците со калциум ацетат за намалување на загадувањето
Општина Битола почна со третирање на градските сообраќајници со калциум магнезиум ацетат, како една од мерките за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух.
„Денес започнавме со една акција, која е и прво искуство за нас, со ЈКП „Комуналец“ адаптиравме едно возило кое што е оспособено да прави прскање, кое што нанесува емулзија од калциум магнезиум ацетат, која што емулзија хемиски е прилагодена да ги привлекува ПМ10 и ПМ2,5 честичките. За нанесување на таа емулзија треба посебни услови така да денес денот е погоден за тоа и ќе се направи една обиколка со прскање по улиците „Партизанска“, „Васко Каранѓелевски“, „Булевар 1ви Мај“, „Филип Втори Македонски“, „Прилепска““, рече Градоначалникот на Битола, Владимир Талески.
Возачите во градот треба да ја намалат брзината на возење, максималната брзината во градот во овој период треба да биде до 40 километри /час, затоа што емулзијата е лизгава и треба внимателно да се вози.
Во периодот кој следува инспекциите засилено ќе работат. “Минатата година на големите објекти задолжително беа чистени оџаците и сега ќе се проверуваат, ќе се контролираат институциите и правните лица со што загреваат, а ќе бидат изрекувани и казни. Така што заеднички треба да направиме нешто повеќе, додека не стигне големиот проект за Битола, тоа е топлификација, но дотогаш ќе бараме начини како можеме да си го олесниме животот кој што се однесува на делот од загадениот воздух во Општина Битола“, изјави Талески.
Калциум магнезиум ацетат е средство кое се користи за контрола и намалување на ситната прашина (ПМ10 и ПМ2,5 честичките) и за стабилизација на патиштата. Средството е еколошки производ, биоразградлив, не е штетен за растенијата (погоден е за апликација во близина на паркови и зелени површини), а најважно е што не е корозивен (нема да предизвика оштетување на возилата). Производот е лесен за апликација и целосно е стабилен.
„Со количините кои што општината ги набави околу 6 или 7 тона, се надевам дека и во наредни денови кога ќе има погодни временски предуслови за аплицирање со средство ќе продолжиме и понатаму со негово распрскување. Делувањето на средството е еднодневно и се е во зависност од бројот на возила кои што се движат во тој дел од сообраќајницата. Доколку има поголема фреквенција на возила ќе биде потребно да се прска и два пати дневно“, истакна директорот на ЈКП „Комуналец“ Битола, Зоран Соклевски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.
Македонија
Притвор од 48 часа за две лица кои се задржани по убиството на лекарот во Железара
Со оглед на тоа што се уште се преземаат дејствија за обезбедување докази, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје синоќа до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка краткотраен куќен притвор во траење од 48 часа за две од лицата кои беа задржани во врска со убиството на лекар во скопската населба Железара, извести Обвинителството.
Како што велат од Обвинителството, предлогот е прифатен и бараната мерка е определена.