Македонија
Благ пораст на цените, намалена трговска маржа кај основните производи, утврди Министерството за економија
Министерството за економија и труд, во соработка со Државниот пазарен инспекторат, изготви компаративна анализа на движењето на цените на основните прехранбени и непрехранбени производи, согласно заклучокот донесен на 162-та седница на Владата на Република Северна Македонија.
Анализата ги опфаќа цените на 55 најпродавани производи, следени во четири трговски синџири со различно ценовно позиционирање, во периодот од 1 февруари до 1 април 2026 година.
Резултатите покажуваат дека во анализираниот период е регистриран минимален пораст на продажните цени од 0,43%, додека набавните цени бележат нешто повисок раст од 1,01%. Истовремено, просечната бруто профитна маржа кај трговците е намалена од 16,28% на 15,80%, што укажува дека дел од притисокот од растот на набавните цени е апсорбиран од трговците, со цел да се задржи стабилноста на цените за граѓаните.
Во однос на поединечните категории:
-кај основните прехранбени производи е забележан благ пораст од 0,45%, при што најголемо зголемување има кај кисело млеко, сирење, јајца и масло;
-кај безалкохолните пијалоци е евидентиран пад од 1,01%;
-кај овошјето и зеленчукот има намалување од 0,86%, и покрај растот кај доматите и кромидот;
-кај основните хигиенски производи е забележан пораст од 1,42%.
Министерството оценува дека движењата на цените во анализираниот период се умерени и под контрола, благодарение и на намалувањето на трговските маржи.
Од таму со најава дека Министерството за економија и труд ќе продолжи активно да ги следи пазарните состојби и, доколку е потребно, ќе предложи соодветни мерки за стабилизација на цените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Средба Мицкоски-Ердоган: Потврдена блиската и стратешка соработка меѓу Македонија и Турција
Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која била потврдена традиционално блиската, пријателска и стратешка соработка меѓу двете држави.
Според објавата на премиерот, на средбата било изразено заедничко задоволство од одличните политички односи, кои се темелат на меѓусебна почит, доверба и искрено пријателство меѓу двата народа.
Продлабочување на економската соработка и нови инвестиции
„Разговаравме за можностите за дополнително продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, нови инвестиции, како и за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната. Ја нагласив важноста на Турција како значаен економски и политички партнер, истакнувајќи дека Владата останува посветена на создавање поволна и предвидлива деловна клима за нови турски инвестиции и отворање нови работни места.“, стои во статусот на Мицкоски.
Како што напиша македонскиот премиер, претседателот Ердоган ја потврдил поддршката на Турција за развојот и просперитетот на Македонија, како и подготвеноста за понатамошно зајакнување на билатералните односи во сите области од заемен интерес.
Во рамки на разговорите биле разменети мислења и за актуелните регионални и меѓународни предизвици, при што била нагласена потребата од стабилност, соработка и економски развој на регионот.
На крајот од својата објава, премиерот Мицкоски изрази уверување дека односите меѓу двете пријателски држави ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во периодот што следува.
Македонија
Николоски: Почнуваме изградба на нов автопат, Скопје – Блаце ќе биде главна артерија за поврзување со Косово и Црна Гора
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, оствари работна средба со Фатих Туркменоглу, директор на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која се разговараше за изградбата на автопатот Скопје – Блаце.
На средбата, претставниците на ЕБОР информираа дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта успешно е завршена постапката за избор на Изведувач. Изведувачот на автопатот е конзорциумот предводен од македонската градежна компанија Гранит. После подолг временски период една домашна градежна компанија целосно ќе изведува автопат.
Автопатот Скопје – Блаце претставува витална патна артерија со која Македонија се поврзува со Косово и Црна Гора. Неговата изградба ќе придонесе за поефикасен транспорт и побезбеден сообраќај , ќе ја подобри поврзаноста со соседните земји и ќе создаде нови можности за економски развој, трговија и инвестиции.
Реализацијата на овој проект има големо значење за регионалното поврзување и за унапредување на транспортната инфраструктура, со што Македонија дополнително ќе ја зацврсти својата улога како важна транзитна и транспортна врска во регионот.
По завршувањето на сите административни процедури и обезбедување на соодветни банкарски гаранции ќе започне изведбата на терен и градежни активности.
На средбата беше потврдена и одличната соработка помеѓу Владата, Министерството и ЕБОР, при што беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на партнерството и поддршка на идните инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за државата.
Македонија
Битола сака да стане велоград, ќе набавува електрични велосипеди за граѓаните
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски на седницата на која се носеше ребалансот на Буџетот за 2026 година кажа дека во Програмата за животна средина планирани се 4.8000.000 денари за набавка на електрични велосипеди, што ја потврдува тенденција за Битола да стане вело град, преку создавање на вело инфраструктура, но и набавка на велосипеди кои ќе можат да ги користат граѓаните.
Како што објасни претседателот на Советот Бојан Бојкоски новите електрични велосипеди ќе бидат на принципот изнајмување преку апликација по симболични цени на изградените велосипедски патеки, односно на неколку пунктови граѓаните ќе имаат можност да ги изнајмуваат со цел да ги користат велосипедските патеки.
