Македонија
Денеска е Слегување на Светиот Дух – Духовден
Духовден е еден од дванаесетте големи празници во православието, по Велигден, востановен во спомен на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, опишано во Делата на светите апостоли
Духовден е христијански празник посветен на слегувањето на Светиот Дух врз апостолите и формирањето на Црквата. На овој ден се исполнило Христовото ветување за доаѓањето на Светиот Дух (Духот на Вистината, Утешителот, Силата одозгора, ветувањето на Таткото) што Христос им го даде заповедувајќи им на апостолите да не се оддалечуваат од Ерусалим додека тоа не се случи.
На педесеттиот ден по Велигден, во јудејскиот празнил Педесетница (Шавуот), востановен во спомен на дарувањето на еврејскиот народ на Законот на Синајската гора, апостолите се собраа во Ерусалим на ридот Сион, каде што пред своето апсење и распнување на крстот Исус Христос ја имаше Тајната вечера. И тогаш „ненадејно се чу шум од небото, како при налет на силен ветер, и ја исполни целата куќа каде што седеа…“
На овој ден Христовите апостоли беа облечени со силата на Светиот Дух и комплетно оспособени да бидат Христовото тело на Земјата. На овој ден апостолите, од здружение на граѓани, откако го примија Светиот Дух беа трансформирани во Христова Црква. На овој ден апостолите беа трансформирани од едни збунети и уплашени Христови ученици, во вешти, до смрт лојални и храбри Христови проповедници со исклучителна јасност и длабоко разбирање на Христовата евангелска порака.
На овој ден, по Петровата проповед, се крстија околу три илјади души и славно беше формирана првата Христијанска Црква. Затоа овој ден е наречен Роденденот на Христовата Црква.
Празникот Духовден спаѓа меѓу големите Господови празници. Меѓу народот е познат со повеќе имиња, како Дуовден, Доедни, Свети Дух, Света Тројца, Педестница итн. Се празнува десет дена по Спасовден (Вознесение Христово), а педесет дена по Велигден (Воскресение Христово).
Се вика и Педесетница не само затоа што се празнува педесет дена по Велигден туку и затоа што настанот се случил точно на еврејскиот празник Педесетница што Евреите го празнувале во спомен на денот кога Господ му ги дал на Мојсие законите во Синајската Гора.
Во народот овој празник најчесто е поврзан со душите на умрените, а и обичаите што се изведуваат на овој ден се поврзани со тие верувања.
Духовден се празнува три дена, а првиот ден од празникот секогаш е во недела. Овој е единствен од дванаесетте големи празници што нема претпразненство. Тоа се надоместува со фактот што во текот на целиот период од Велигден до Духовден се чувствува празничното расположение. На овој празник редовно му претходи задушница што се празнува во саботата пред Духовден, кога се изведуваат повеќе обичаи што им се наменети на покојните предци. Овој ден меѓу народот е познат и под името „Мртва сабота“./крај/мф/бс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Времето утре – променливо облачно со сончеви периоди
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во источните делови ќе има повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен, а во западните делови од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 7, а максималната ќе достигне од 13 до 20 степени.
Во Скопје променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во недела и во вторник на повеќе места ќе има врнежи, кои повремено ќе бидат пообилни и поројни проследени со појава на грмежи и засилен ветер. Поради спуштање на постудена воздушна маса во недела на планините врнежите повремено ќе преминуваат во снег и ќе се формира нова снежна покривка.
Македонија
Ибраимоски и Глигорова: „СТОП за исвршителите, брзите кредити и должничкото ропство“ е еден од главните постулати на програмата „Храбро за Македонија“
Носителот на пратеничката листа на коалицијата „Храбро за Македонија“ во изборната единица пет, Самка Ибраимоски, денеска заедно со активистката и кандидатка за пратеничка Ана Глигорова ја посетија Битола каде се потпишуваше петицијата „СТОП за извршителите и брзите кредити“.
Воедно, Ибраимоски и Глигорова нагласија дека оваа борба за правда, за враќање на извршителите кадешто им е местото и ослободување на народот од должничко ропство е еден од главните приоритети на предизборната програма на коалицијата „Храбро за Македонија“.
– Денеска бевме во Битола, на средба со граѓани. Имавме петиција за „СТОП на извршителите“ и стоп за кеш кредити, успешна петиција. Суштината на нашата кампања во изборна единица пет, ќе биде токму оваа агенда: „СТОП за извршители и СТОП за брзи кредити“. – нагласи Глигорова.
– Ме радува што сите граѓани ја прифатија нашата иницијатива и се потпишаа многу луѓе и тоа е добро, што народот почна поинаку да размислува за разлика од претходно. И очекувам дека и во другите градови, како што се Ресен, Охрид, Струга, Демир Хисар и другите околни места, ќе ни ја дадат поддршката за парламентарните избори, истакна претседателот на ПЦЕР и носител на пратеничката листа, Самка Ибраимоски.
Скопје
Арсовска изврши увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска заедно со претставници од Секторот за планирање и уредување при Град Скопје и скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ извршија увид во завршните градежни работи на реконструкција на водоводната мрежа на улицата Антон Попов во општината Гази Баба.
Со изведбата на водоводните приклучоци на овој потег кои се поврзуваат со постојната водоводна мрежа со профил од 150 милиметри, се решава повеќедеценискиот проблем на жителите со честите прекини во водоснабдувањето поради застареноста на системот, а се решаваат загубите на вода и трошоци за поправките на дефектите на водоводната мрежа, велат од Град Скопје.
Изведбата на овој проект претставува дел од програмата на градоначалничката Данела Арсовска за обновување на градската мрежа, во децениски заборавените населени места, што претставуваше и долгогодишно барање на жителите од тој дел на градот, се додава во соопштението на Град Скопје.