Македонија
ДИК бара Судот поажурно да ги издава уверенијата за неосудуваност
Судот треба да го има предвид рокот за пријавување на кандидатските листи, кој истекува во петок на полноќ, сметаат од Државната изборна комисија (ДИК), откако од опозициските СДСМ и од ЛП се пожалија дека уверенијата за неосудуваност за нивните кандидати ќе им бидат издадени од судот на 15-ти ноември, а рокот за пријавување е 11-ти ноември.
Државната изборна комисија со писмо ќе побара од Основниот суд Скопје 1 Скопје поажурно да ги изготвува уверенијата за неосудуваност и да го има предвид рокот за пријавување на кандидатските листи согласно Изборниот законик, кој истекува во петок на полноќ. Ваков заклучок бил донесен на вчерашната седница на изборната комисија.
Кандидатите за пратеници својата кандидатура до ДИК треба да ја достават до полноќ во петок, додека, пак, според партиските реакции од Судот добиле објаснувања дека уверенијата ќе им бидат изготвени во рок од пет до седум дена со што ќе се пробие рокот предвиден со Изборниот законик.
Од ДИК засега не може да кажат дали проблемот што се јавил со издавањето на овие уверенија може да го опструира целиот изборен процес.
Објаснуваат дека рокот за поднесување на кандидатските листи не може да биде пролонгиран, бидејќи со тоа ќе се прекрши Изборниот законик. ДИК ќе ги разгледува кандидатските листи во сабота, а за оние што не се комплетни може да им даде рок од 48 часа да ги остранат утврдените неправилности. Проблем што тука се јавува е што тој рок е за време на викенд, кога судот вообичаено не работи.
Вчера СДСМ реагираше дека со овие активности претседателот на судот Владимир Панчевски намерно се обидува да го наруши изборниот процес.
Од Судот, пак, ги обвинија кандидатите за пратеници дека навремено не ги извадиле овие уверенија, поради што сега имаат преголем број барања на кои не можат да одговорат. Судот вчера рече и дека ќе организира дежурства./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонската армија ѝ се заблагодари на Норвешка со знамето на Исланд
Од Армијата на Македонија ги измешаа знамињата на Норвешка и Исланд.
Во благодарноста на „Фејсбук“ триесетина минути стоеше, наместо норвешкото, знамето на Исланд.
„Моторните возила од Кралството Норвешка веќе се на својата крајна дестинација. По нивното распоредување, армиските единици ќе добијат поголема транспортната способност и мобилност“, напишаа од македонската Армија.
Македонија
Македонката Светлана Мојсов меѓу 100-те највлијателни личности во светот според магазинот „Тајм“
Македонката Светлана Мојсов, светски познат научник, чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина, е меѓу 100-те највлијателни личности во светот за годинава, според најновиот избор на американскиот магазин „Тајм“.
Таа се најде во овој престижен избор заедно со уште двајца научници, Џоел Хабенер и Ден Дракер, во сегментот „Пионери“, меѓу други влијателни личности, како Америка Ферера, Лесли Локо, Офелија Дал, Кенеди Одеде и други.
Како што пишува Алис Парк, виш дописник на „Тајм“, во образложението за изборот на Мојсов, Хабенер и Дракер, појавата на ефикасни лекови за слабеење, како што е „вегови“ (Wegovy), е кулминација на долгогодишната тимска работа.
Научниците во Европа и во САД, кои први работеа на лековите за дијабетес, направија критична врска помеѓу инсулинот и инкретините, дел од семејството цревни хормони, познати како глукагони, со што им помогнаа да разберат како да управуваат со нивото на шеќерот во крвта и тежината.
Во годинашната листа на магазинот „Тајм“ во категоријата највлијателни лидери се сопругата на починатиот руски опозиционер, Јулија Навални, кинескиот премиер Ли Џијанг, полскиот премиер Доналд Туск, аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и италијанската премиерка Џорџа Мелони меѓу лидерите.
Покрај нив, помеѓу највлијателните лидери се и бразилската министерка за животна средина и климатски промени, Марина Силва, директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, и шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Јермак.
Во изборот на највлијателните личности на американскиот весник се најдоа и јапонскиот режисер Хајао Мијазаки, британската пејачка со албанско потекло, Дуа Липа, британскиот актер Дев Пател и австралиската пејачка Кајли Миног.
Македонија
Приведено уште едно лице за кражбата на сефот во Црниче
Приведено е уште едно лице за кражбата на сеф од маркет во Црниче.
Од МВР информираа дека вториот приведен е В. Т. (36) од Скопје.
Претходно, Обвинителството објави дека приведен е 26-годишен скопјанец, кој учествувал во кражбата.
Со тоа, двајцата се сомничат дека на 1 април провалиле во затворен маркет на улицата Востаничка во Скопје, одзеле метален сеф во вредност од 12.000 денари, дневен промет во износ од 228.000 денари и цигари вредни 45.000 денари, или сѐ во вкупна вредност од 285.000 денари.
ОД МВР информираа дека судија на претходна постапка на едното лице му определи мерка притвор.