Македонија
Доделени ваучерите за набавка на таблети за студентите
Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), Димитар Трајанов, во среда ги доделија ваучерите за набавување на таблет компјутери со надворешна тастатура за потребите на редовните студенти и студентите евидентирани како лица со посебни потреби.
„Денеска ја започнуваме акцијата за доделување ваучери, каде што во вредност од 8 илјади денари можете да набавите таблет со тастатура до 25.јуни. Министерството за информатичко општество и администрација додели 4.570 вредносни ваучери и тоа: на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” вкупно 1.916, на Универзитетот ,,Гоце Делчев” од Штип 879, на Универзитетот ,,Климент Охридски” од Битола 652, на Државниот Универзитет во Тетово- 855, Св. ,,Апостол и Павле” во Охрид 27 и на останатите приватни факултети вкупно 241 вредносен бон ваучер. Остануваат уште 728 за кои треба да се направи дополнителна проверка за да се увиди дали и ним може да им се доделат вредносни ваучери”, рече Ивановски.
Tој додаде дека вкупната бројка на студенти кои аплицирале изнесува 7.290, од кои 1.647 биле со повисок приход на родителите и поради тоа се одбиени и уште 291 кои не ги исполниле условите пропишани со Законот за издавање на вредносни бонови–ваучери.
Министерот Ивановски ги повика студентите да се обратат до своите факултети што поскоро, почнувајќи од утре, со цел да ги добијат своите ваучери. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Таравари: Земјотресот почна, се надевам дека на 8 мај ќе дојде промената ДУИ да биде опозиција
Масовниот одѕив на гласачите на овие претседателски избори за Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата ВЛЕН, е показател дека промените се почнати. На првата прес-конференција по затворањето на избирачките места тој рече дека очекува победа на 8 мај.
„Земјотресот по се изгледа дека денеска почна со масовното учество на граѓаните во изборите, а се надевам дека на 8 мај ВЛЕН ќе победи и ќе дојде долго очекуваната промена ДУИ да биде во опозиција“, рече Таравари.
Тој јавно се заблагодари на граѓаните за масовниот одѕив и изрази надеж дека набљудувачите нема да дозволат злоупотреби на гласовите.
„Сега веќе се знае дека на овие избори имаше многу помасовно излегување на гласање отколку претходните избори што зборува дека промените ни се приближуваат и ни доаѓаат. Ние како ВЛЕН сме пресреќни дека добивме гласови генерално од Албанците. Сега веќе промените се внатре во кутиите кои веќе се отвораат. Се надевам дека нашите набљудувачи ќе ги контролираат и нема да дозволат да има злоупотреби и ќе се гарантира секој глас кој што е даден на демократски начин дека ќе излезе на површина“, рече Таравари.
Македонија
Кузеска: Констатирани се мали прекршувања на изборниот процес, ги очекуваме резултатите и уверени сме дека граѓаните ќе ја поддржат европската иднина
Богданка Кузеска од Изборниот штаб на СДСМ, по затворањето на избирачките места изјави дека изборниот ден бил демократски, а гласањето се одвивало во фер и демократска атмосфера.
„Граѓаните својата волја ја изразија слободно и достоинствено како што доликува на една демократска земја – членка на НАТО со започнати преговори со ЕУ. Констатирани се само неколку многу мали прекршувања на изборниот процес. Сакаме да изразиме благодарност до сите граѓани кои денеска гласаа. Самото гласање е суштински чин кој произлегува од моќта на граѓаните да одлучуваат за својата иднина и иднината на државата. Ги очекуваме изборните резултати и уверени сме дека граѓаните и денеска и на 8 мај ќе ја поддржат европската иднина за Македонија. Иднина во која Македонија е дел од европското семејство и членка на ЕУ“, порача Кузеска.
Повтори дека ги очекуваат изборните резултати и наскоро ќе излезат со точни податоци.
Македонија
Евидентирани 12 случаи на фотографирање гласачко ливче, шест пријави за нудење поткуп и 15 пријави за агитирање, соопшти Тошковски
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денешниот изборен ден поминал во безбедна, мирна и демократска атмосфера.
Како што рече, безбедните избори биле резултат на добрата соработка меѓу полицијата, Државната изборна комисија и сите други чинители кои биле вклучени во спроведувањето на изборниот процес
„Овие избори беа уште еден тест за демократијата и во таа насока сакам да им честитам на граѓаните кои излегоа на гласање и ја исполнија својата граѓанска должност и со тоа уште еднаш го истакнаа демократскиот капацитет на државата и значењето на нивната активна улога во градењето на инклузивно општество“, кажа Тошковски.
Истакна дека биле евидентирани повеќе настани кои се однесуваат на прекршување на изборниот процес.
„На ниво на целата држава евидентирани се 12 случаи на фотографирање на гласачкото ливче, два случаи на кинење на гласачко ливче, шест пријави за нудење на поткуп и 15 пријави за агитирање. На подрачје на СВР Скопје во врска со пријавата за испукана димна бомба од страна на тимот за антитероризам извршена е проверка , подигната е направата и предадена е на претседателот на избирачкиот одбор. Констатирани се шест прекршоци, а ќе бидат поднесени и две кривични пријави, една за повреда на тајност на гласањето и една за повреда на избирачко право“, потенцира Тошковски.
Во Охрид било пријавено јавно гласање пред комисијата а во Тетово биле пријавени упатени навреди кон шеф на штаб на политичка партија.
Во Куманово како што додаде, две гласачки места во село Умин Дол биле затворени а избирачкиот материјал бил вратен во канцелариите на ОИК.
Во Струмица едно лице го покажало гласачкото ливче на набљудувач.