Македонија
(Фото) Доктори на скопските клиники, сопственици на дерматолошки ординации, уапсени 14 лица во акцијата на МВР: набавувале фалсификувани медицински лекови и помагала за да ги употребат на трети лица
Вчера од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, спроведена е полициска акција, при што сузбиени се организирани криминални групи инволвирани во извршување на кривични дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“, соопшти МВР.


Во рамките на акцијата, врз основа на претходно обезбедени наредби од Основен кривичен суд, извршени се претреси на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола, при што лишени од слобода се 14 лица, дел од нив вработени како доктори на скопските клиники, сопственици на дерматолошки ординации и организатори на транспорт и продажба на илегално внесени стоки со статус на медицински лек и медицинско помагало, без одобрение од надлежен орган, без упатство и налепници.
При претресите пронајдени и одземени се поголемо количество на медицински лекови и помагала (филери, ботокс, хилурон), 39.285 евра, 2490 швајцарски франци и 26.000 денари, патничко возило марка „порше“, поголема количина на парфеми и декларации за истите, мобилни телефони, тревкаста материја и др.


Денеска (24.04.2026) Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава против 19 физички лица и шест правни лица, и тоа: против Н.А. (43), С.К. (46), А.К. (41), М.Ѓ. (47), Ѓ.С. (32), С.М.С. (31) и В.С. (49) за „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ (чл.285 ст.5 во врска со ст.1 и 2 од КЗ) и „злосторничко здружување“ (чл.394 ст.1 од КЗ), против В.А. (61), Р.Т.Ѓ.(53) – косопственичка на правно лице од Скопје, Н.К. (42)- вработена како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, А.К. (45)- вработен како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, Д.Ф. (44)- вработен во ЈЗУ „Универзитетска клинка за дерматологија Скопје“, М.И.В. (38)- вработена како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, А.Т. (27), С.Ф. (36)- управител на правно лице од Скопје, К.А. (53)- управител на правно лице од Битола, О.Д. (65)- управител на правно лице од Скопје и С.А. (40)- управител на правно лице од Скопје за „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ (чл.285 ст.5 во врска со ст.1 и ст.2) во врска со чл.22 „соизвршителство“ и „злосторничко здружување“ (чл.394 ст.2) од КЗ, А.М. (38) за „примање поткуп“ (чл.357), „злосторничко здружување“ (чл.394 ст.2) и „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ (чл.285 ст.5 во врска со ст.1 и ст.2) во врска со чл.22 „соизвршителство“ од КЗ и против пет правни лица од Скопје и едно од Битола за „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ (чл.285 ст.6 во врска со ст.1 и 2) од КЗ.


Во текот на 2026 година, пријавените Н.А., С.К., А.К. и М.Ѓ. создале злосторничко здружување со подрачје на делување во Скопје и околината, кон кое подоцна се приклучиле В.А., А.М., Р.Т.Ѓ., со користење на правно лице од Скопје, како и пријавените Ѓ.С., С.М.С., В.С. како организатори на злосторничко здружување со подрачје на делување во Скопје и Источна Македонија, кон кое подоцна се приклучиле пријавените Н.К., А.К., Д.Ф., М.И.В., А.Т., С.Ф., К.А., О.Д., со користење на правни лица од Битола и Скопје. Со намера да се стекнат со противправна имотна корист од големи размери набавиле фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (ботокс) од Србија, Кореа и Турција. Овие медицински лекови и помагала биле внесени на нелегален начин на територијата на нашата држава со намера истите да ги складираат, дистрибуираат и продаваат, помогнати од членовите на злосторничкото здружување, во поголемиот дел доктори по професија, и да ги употребат – аплицираат на трети лица. Пријавените иако биле свесни и знаеле дека набавената стока претставува лек и медицинско помагало, согласно Законот за лекови и не била увезена согласно пропишаните правила, како и дека за истата не било издадено упатство и декларација со одобрение од МАЛМЕД, истите вршеле естетски корекции, со што предизвикале општа опасност по животот и здравјето на луѓето.


Пријавениот А.М., во својство на царински службеник со намера да оствари за себе противправна имотна корист и да им помогне на пријавените организатори, примил поткуп во два наврати за да изврши службено дејствије кое не би смеел да го изврши, односно овозможил влез на нелегалната стока без да биде извршена царинска контрола на пристигнатите две кутии со лекови
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Средба Мицкоски-Ердоган: Потврдена блиската и стратешка соработка меѓу Македонија и Турција
Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која била потврдена традиционално блиската, пријателска и стратешка соработка меѓу двете држави.
Според објавата на премиерот, на средбата било изразено заедничко задоволство од одличните политички односи, кои се темелат на меѓусебна почит, доверба и искрено пријателство меѓу двата народа.
Продлабочување на економската соработка и нови инвестиции
„Разговаравме за можностите за дополнително продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, нови инвестиции, како и за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната. Ја нагласив важноста на Турција како значаен економски и политички партнер, истакнувајќи дека Владата останува посветена на создавање поволна и предвидлива деловна клима за нови турски инвестиции и отворање нови работни места.“, стои во статусот на Мицкоски.
Како што напиша македонскиот премиер, претседателот Ердоган ја потврдил поддршката на Турција за развојот и просперитетот на Македонија, како и подготвеноста за понатамошно зајакнување на билатералните односи во сите области од заемен интерес.
Во рамки на разговорите биле разменети мислења и за актуелните регионални и меѓународни предизвици, при што била нагласена потребата од стабилност, соработка и економски развој на регионот.
На крајот од својата објава, премиерот Мицкоски изрази уверување дека односите меѓу двете пријателски држави ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во периодот што следува.
Македонија
Николоски: Почнуваме изградба на нов автопат, Скопје – Блаце ќе биде главна артерија за поврзување со Косово и Црна Гора
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, оствари работна средба со Фатих Туркменоглу, директор на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која се разговараше за изградбата на автопатот Скопје – Блаце.
На средбата, претставниците на ЕБОР информираа дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта успешно е завршена постапката за избор на Изведувач. Изведувачот на автопатот е конзорциумот предводен од македонската градежна компанија Гранит. После подолг временски период една домашна градежна компанија целосно ќе изведува автопат.
Автопатот Скопје – Блаце претставува витална патна артерија со која Македонија се поврзува со Косово и Црна Гора. Неговата изградба ќе придонесе за поефикасен транспорт и побезбеден сообраќај , ќе ја подобри поврзаноста со соседните земји и ќе создаде нови можности за економски развој, трговија и инвестиции.
Реализацијата на овој проект има големо значење за регионалното поврзување и за унапредување на транспортната инфраструктура, со што Македонија дополнително ќе ја зацврсти својата улога како важна транзитна и транспортна врска во регионот.
По завршувањето на сите административни процедури и обезбедување на соодветни банкарски гаранции ќе започне изведбата на терен и градежни активности.
На средбата беше потврдена и одличната соработка помеѓу Владата, Министерството и ЕБОР, при што беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на партнерството и поддршка на идните инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за државата.
Македонија
Битола сака да стане велоград, ќе набавува електрични велосипеди за граѓаните
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски на седницата на која се носеше ребалансот на Буџетот за 2026 година кажа дека во Програмата за животна средина планирани се 4.8000.000 денари за набавка на електрични велосипеди, што ја потврдува тенденција за Битола да стане вело град, преку создавање на вело инфраструктура, но и набавка на велосипеди кои ќе можат да ги користат граѓаните.
Како што објасни претседателот на Советот Бојан Бојкоски новите електрични велосипеди ќе бидат на принципот изнајмување преку апликација по симболични цени на изградените велосипедски патеки, односно на неколку пунктови граѓаните ќе имаат можност да ги изнајмуваат со цел да ги користат велосипедските патеки.
