Македонија
ДУИ бара оставка од Меџити: 1.000 евра месечно од Чаир за партиски активист од друга општина
Демократската унија за интеграција обвини за, како што наведува, злоупотреба на буџетот во Општина Чаир и побара оставка од Изет Меџити.
Според партијата, во системот Open Finance е евидентирана месечна исплата од околу 1.000 евра за Хаќим Рамадани, поранешен директор и кандидат за градоначалник на Брвеница на претходните локални избори.
ДУИ тврди дека лицето не живее во Чаир, не е даночен обврзник во општината и, како што наведуваат, нема поврзаност со реалните потреби на граѓаните.
Во исто време, според соопштението, воспитувачките и вработените во градинките во Чаир шест месеци не ја добиле исплатата од околу 100 евра, поради што, како што се наведува, дел од нив ги напуштаат работните места.
„Пари за партиските кадри има, за воспитувачките нема“, се наведува во реакцијата.
Од ДУИ оценуваат дека станува збор за „морална, политичка и институционална злоупотреба“ и додаваат дека Меџити го загубил кредибилитетот да зборува за одговорност и грижа за граѓаните.
Партијата бара негова итна оставка и најавува дека ќе продолжи со притисокот додека, како што велат, не се врати институционалното достоинство во Чаир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се спрема ли „албанско сценарио“ за Законот за игри на среќа?
Старо-новиот предлог-закон за игри на среќа во Македонија сè повеќе личи на веќе виденото албанско сценарио, кое, поради корист на поединци, отвори широка врата за нелегалното обложување, реагираат од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија.
Кога владата на Еди Рама во Албанија во 2018 година помпезно најави целосна забрана на спортските обложувалници и казината, официјалниот наратив беше „крај на лудилото“ и „заштита на семејствата“. Но тамошната опозиција со години алармираше дека целта е единствено елиминирање на легалната конкуренција, за онлајн обложувањето да премине во рацете на братот на премиерот, Олси Рама, за кој постоеше сомнение дека преку својот партнер си обезбедил и 30-годишна концесија за мониторинг на бизнисот со игри на среќа. Некои познавачи на индустријата коментираат дека слично денес се случува кај нас. Но прашуваат: за кого се чисти пазарот и кој ќе биде македонскиот „Олси Рама“ кој ќе раководи со овој државен монопол?
Денес во Албанија вистината излезе на виделина. Самиот Рама јавно призна дека забраната е фијаско и дека мафијата профитирала „на црно“. Поради тоа, Албанија неодамна повторно го легализира онлајн обложувањето, но овојпат со само 10 ексклузивни лиценци наменети за елитата. Македонската Влада денес свесно го пресликува овој криминален модел.
Лажен морал и подготовка на теренот
Вицепремиерот Изет Меџити истапи напред како предводник на борбата против приредувачите на игри на среќа и вели дека затворањето на легалните бизниси се прави исклучиво заради „заштита на младината“. Но експертите посочуваат дека член 7 од предлог-законот покажува друга реалност: Владата воведува целосен државен монопол врз интернет-игрите на среќа. Велат дека власта глуми лажен морал, додека ликвидира 100% регулирани домашни компании, за да си обезбеди терен каде профитот ќе го контролираат политичките моќници.
Всушност, затворањето на легалните објекти нема да ја спречи играта, туку ќе ја турне во рацете на сивата економија и ќе ја врати во темните подруми на мафијата. Играчите ќе завршат во диви казина и на странски нерегулирани сајтови, без никаква државна контрола и без заштита за малолетниците.
Додека Европа ги напушта државните монополи и преминува кон слободни пазари, македонската Влада свесно ја криминализира индустријата. Од асоцијациите на приредувачи на игри на среќа АСОМ и АПИС упорно алармираат дека овој закон не ги штити граѓаните, туку ги жртвува работниците, го празни буџетот и ѝ ја предава државата на подземјето за да се нахранат апетитите на поединци. Велат дека време е пратениците да одлучат: дали ќе застанат во одбрана на 10.000 македонски семејства или ќе бидат директни соучесници во реализацијата на албанското сценарио во Македонија?
Комерцијален текст
Македонија
Левица обвинува за лицемерие околу законот за игри на среќа
Опозициската Левица реагира дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН го предлага истиот закон за игри на среќа со ограничување од 500 метри од образовни и верски објекти, кое, како што наведуваат, претходно било критикувано од сегашните владејачки структури како недоволно.
Во соопштението на Левица, се посочува дека во 2023 година тогашниот опозициски функционер Изет Меџити изјавувал дека растојанието од 500 метри е „смешно“ и најавувал амандмани со кои казината би се дислоцирале на најмалку три километри од населените места.
Од Левица тврдат дека денес истите политички партии се откажуваат од претходните ставови и, како што наведуваат, прават отстапки пред интересите на коцкарската индустрија. Според партијата, дополнително проблематично е што не се преземаат мерки за ограничување на онлајн платформите за игри на среќа, кои претходно биле критикувани за влијание врз младите.
Партијата оценува дека предложените законски измени претставуваат „површна реформа“ која нема суштински да го намали коцкањето или да ја заштити младата популација.
Левица предлага поинаков пристап, според кој казината и обложувалниците би биле дозволени само во погранични и туристички подрачја, надвор од урбаните средини, со цел, како што наведуваат, да се намали нивната достапност во секојдневниот живот на граѓаните.
Од партијата порачуваат дека, доколку не се прифати таков модел, станува збор за политички маркетинг и заштита на профитите во индустријата за игри на среќа.
Македонија
И Виница се пруклучува на маршот за загинатите во Пулс: Условна казна не е правда за 63 загубени животи
Денеска попладне и Виница ќе се придружи на „Маршот на ангелите“ кој е посветен на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Во пожарот во дивата дискотека загинаа 63 претежно млади, а повредени беа над 200 лица.
Како што информираа од здружението на граѓани „16 март 2025“, собирот е предвиден од 16 часот и 45 минути на плоштадот „Ангел Винички“, со што, се повикуваат сите граѓани и поддржувачи, да се приклучат на маршот, кој е предвидено да започне во 17 часот и 5 минути. Организаторите велат дека маршот е повик за вистинска правда и порака дека ваква трагедија никогаш не смее да се повтори.
„Маршираме затоа што зад бројката 63 стојат 63 прекинати животи, неостварени соништа, празни соби и семејства што засекогаш останаа без дел од себе. Затоа што над 500 повредени и преживеани не се бројки во извештај туку луѓе што секој ден живеат со физички последици и трауми од таа ноќ. Маршираме затоа што за ваква трагедија не смее да постои симболична одговорност. Затоа што условна казна не е правда за 63 изгубени животи и стотици уништени семејства. Молчевме доволно. Сега зборуваат ангелите преку нас. Чекорат преку нас. Во сабота и Виница ќе чекори со нас“, пишува во објавата.
