Македонија
ДУИ: Изјавата на ВМРО- ДПМНЕ дека Владата бара „законско решение“ за полагањето на правосудниот испит е обид за саботирање на Законот за употреба на јазиците
Изјавата на ВМРО- ДПМНЕ дека Владата бара „законско решение“ за полагањето на правосудниот испит, кое наводно ќе било во согласност со Уставот и препораките на Венецијанската комисија, претставува уште еден обид за заобиколување и саботирање на Законот за употреба на јазиците, оценуваат во ДУИ.
Проблемот, како што велат, не е во недостаток на законско решение.
Според ДУИ, решението веќе постои во самиот Закон за употреба на јазиците, поточно во член 23, кој јасно предвидува дека сите други закони мора да се усогласат со овој закон во рок од 12 месеци од неговото стапување во сила.
„Тоа значи дека не постои потреба од „ново решение“, туку единствено обврска за спроведување на постојниот закон.
Секој обид да се бараат паралелни или алтернативни решенија надвор од член 23 претставува директен удар врз принципот на универзалност на Законот за јазиците и обид тој да се сведе на селективна и ограничена примена.
ДУИ ќе се спротивстави на каква било интерпретација или законска интервенција со која Законот за употреба на јазиците ќе се става подредено на други закони или ќе се отвора пат за негово селективно спроведување“.
Нагласуваат дека почитувањето на Законот за јазиците не е прашање на добра волја, туку уставна и законска обврска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Азески е избран за в.д. претседател на Коморскиот инвестициски форум
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, е избран за вршител на должност претседател на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), кој ги обединува стопанските комори од регионот на Западен Балкан.
На седницата одржана во Белград, Република Србија, Азески беше едногласно избран со мандат да спроведе темелни корекции во структурата на КИФ и на Бизнис советот, составен од најголемите компании од регионот.
Во рамки на седницата беа донесени и повеќе одлуки, меѓу кои и иницијатива за изработка на студија за Регионален тренинг и сертификационен центар, чија реализација ќе биде поддржана од Германската развојна банка (KFW).
Азески зад себе има долгогодишно искуство во регионалното коморско поврзување – двапати ја предводеше Асоцијацијата на балкански комори, веќе 11 години е потпретседател на КИФ, а повеќе од две децении ја извршува функцијата претседател на Стопанската комора на Северна Македонија.
Коморскиот инвестициски форум, со седиште во Трст, е основан во 2015 година во рамки на Берлинскиот процес, инициран од поранешната германска канцеларка Ангела Меркел. Форумот претставува глас на приватниот сектор во регионот, застапувајќи околу 350.000 компании од земјите на Западен Балкан. КИФ е формиран од шесте национални стопански комори од регионот, со цел унапредување на меѓусебната соработка и реализација на заеднички активности од интерес за бизнис-заедницата.
Македонија
Македонија ја зајакнува еколошката правда: Потпишан Меморандум за соработка со француските партнери
Министерството за правда и Министерството за животна средина и просторно планирање потпишаа Меморандум за разбирање со Експертиза Франција (Expertise France), Француската агенција за развој (AFD) и Амбасадата на Франција во Република Северна Македонија, со што официјално се потврдува заедничката заложба за унапредување на климатската и еколошката правда во земјата.
Меморандумот ја воспоставува рамката за спроведување на регионалниот проект „Конвергенција на климатската и еколошката правда“ (CEJ Convergence), чија цел е да го подобри пристапот до правда и да го зајакне учеството на јавноста во прашања поврзани со животната средина во Македонија, Албанија и Црна Гора, во согласност со европските стандарди и законодавството на Европската Унија.
Со потпишувањето на документот, институциите ја потврдуваат својата посветеност на јакнење на владеењето на правото во областа на животната средина, унапредување на институционалните капацитети и поттикнување на поширока вклученост на граѓаните во процесите на носење одлуки што влијаат врз животната средина и климатските политики.
Проектот ќе овозможи техничка поддршка, размена на експертиза, организирање обуки и развој на механизми за подобра примена на принципите на еколошката правда. Во рамките на соработката ќе бидат воспоставени управни и советодавни тела кои ќе обезбедат координирано и транспарентно спроведување на активностите.
Министерството за правда и Министерството за животна средина и просторно планирање ќе работат заедно со француските институции на унапредување на националните капацитети и приближување на земјата кон европските практики во областа на заштитата на животната средина и пристапот до правда.
Македонија
Министерство за правда: Разгледани предлозите на институциите за реформи во изборното законодавство
Работната група за реформи во изборното законодавство денеска ја одржа осмата седница, на која беа разгледани преостанатите отворени прашања поврзани со подготовката на измените и дополнувањата на Изборниот законик.
На покана на Министерството за правда, на седницата присуствуваа претставници на институциите кои претходно доставија предлози, мислења и препораки во рамки на процесот на подготовка на измените на Изборниот законик за кои беа потребни дополнителни појаснувања. Со цел обезбедување поцелосна и поаргументирана расправа, институциите имаа можност непосредно пред членовите на Работната група да ги презентираат своите предлози и да дадат дополнителни образложенија по прашањата кои беа предмет на разгледување.
Веќе следната недела ќе бидат вградени усогласените решенија во текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, кој ќе биде доставен до членовите на Работната група за дополнителен увид и евентуални забелешки.
