Македонија
ДУИ повикува на обединување на Албанците
Демократската Унија за Интеграција, (ДУИ), изборната кампања ја продолжи во Битола,каде лидерот Али Ахмети, во придружба на шефот на Централниот изборен штаб, Беким Незири и кандидати за пратеници од таа изборна единица, рече дека ДУИ ќе продолжи да се бори за доброто на граѓаните Албанци, каде и да живеат насекаде низ Македонија.
„Битолчани, апелирајте кај сите да бидеме што пообединети. Ние како Албанци, имавме советници во општина Битола, сега веќе немаме, затоа што ние како Албанци во Битола се расцепкавме во многу политички табори. Колку сме пообединети, толку ќе бидеме побитни. ДУИ, сака вие да се обедините. Иако на некого сте лут, треба да си простите меѓу себе. Треба смело да чекориме, да се приближиме меѓу себе. Нема битка што не се добива, ние сме заинтересирани тука да оствариме уште повисоки цели. Ние сме авангарда, ние ќе се ангажираме за вас од еден крај до друг крај, меѓутоа, апелираме да стоите што е можно поблиску еден до друг, со цел да бидете колку што е можно посилни во одлучувањето на општинско ниво,“ изјави претседателот на ДУИ и носител на Изборната листа во Изборната единица број 6, Али Ахмети.
Ахмети исто така рече дека изборите од 11 декември се многу значајни за ДУИ меѓутоа, и за сите Албанци.
„Овој мандат се преполови, меѓутоа, иако се случи така, ние како ДУИ сме постигнале многу. Јас сум горд што во текот на овој мандат се отворија над 2 илјади работни места, ги подржуваме сите странски инвеститори, затоа што само со нови работни места ние можеме да ја ублажиме социјалната благосостојба на Албанците, меѓутоа и на сите други во земјава,“ изјави Ахмети.
Шефот на Централниот изборен штаб, Беким Незири, ги потсети жителите на Битола дека Изборната единица број 5 каде припаѓа и Битола, е од особено значење за ДУИ. Незири исто така рече дека да бидеш Албанец во Тетово, во Гостивар, зошто не и во Скопје, во Чаир, е лесно, но да бидеш Албанец во Битола, да го сочуваш јазикот на предците е многу тешко и за ова ДУИ е благодарна.
„Нема сомнение дека ДУИ ќе победи, ова не го тврдиме ние туку го тврдат и нашите политички опоненти. Тоа што не интересира нас, што е предизвик на Централниот штаб, е ДУИ да постигне да се предизвика себеси, предизвикувајќи го резултатот од 2014 година. Сведоци сте дека во последно време се имаат појавено неколку политички субјекти кај Албанците неколку месеци пред изборите, и ова не е случајно. Во чија полза е расцепкувањето на албанските гласови? Ова сигурно оди во прилог на македонскиот политички блок. Секој раздор значи и ослабување на политичкиот субјект на Албанците. Сите Албанци треба да го поддржат лидерот на ДУИ, затоа што само на овој начин Албанците во нашата земја ќе имаат подобра иднина,“ изјави шефот на Централниот изборен штаб, Беким Незири.
Раководството на ДУИ, пред жителите на Битола се обврзаа дека ќе се грижат за сите албански населени места,опфаќајќи ја тука и Битола, затоа што ДУИ е благо што има победено непријатели, сите оние што пишуваа од црно поцрно за Албанците ./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Финансиската полиција да отвори истрага за преземањето на „Стопанска Банка АД Битола“
Финансиската полиција да отвори истрага за преземањето на „Стопанска Банка АД Битола“, побара денеска на прес – конференција, Александар Саша Димитријевиќ од СДСМ.
„Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска објавува нова бомба. Банкарот на Вучиќ стана банкар и на Мицкоски. Пред само два месеци српската Алта банка ја презеде „Стопанска Банка АД Битола“. За тоа согласност дал Трајко Славески, гувернер на НБРМ. Дали токму тоа е причината за која Трајко Славевски беше избран за Гувернер НБРМ, само за да тивко и експедитивно се реализира токму оваа зделка? Но клучното прашање е: Што се крие зад оваа зделка? Зошто веднаш по доаѓањето на власт на ДПМНЕ се реализираат вакви дилови? Одиме со фактите по ред. Сопственик на Алта Банка е Давор Мацура од соседна Србија. За краток период од сопственик на мала менувачница во Земун, станува сопственик на банка, земјишен магнат, инвеститор, кој има договори со огромни државни компании во Република Србија. Последно, на банката која до вчера била менувачница и е даден огромен државен бизнис на Електростопанството на Србија, а тоа се сметките за струја. Според пишувањата на српските медиуми рецептот за успех се неговите врските со власта на СНС Александар Вучиќ, неговиот брат и кум. Српската опозиција редовно го обвинува Мацура за криминал. А медиумите во Србија го врзуваат пријателството и со Милан Радојчиќ, под американски санкции и на црната листа. Но, кога Мацура се обидел да се прошири и во ЕУ, односно да купи речиси 20 проценти од уделот во австриската Адико банка, Европската централна банка му го суспендирала правото поради сомнеж за потеклото на капиталот. По пишувањата на угледниот Фајненшл тајмс, постоела долга истрага на ЕЦБ за Alta Pay поради сомнежи за перење пари“, рече тој.
Според Дмиитријевиќ, ова значи легален влез на сомнителни финансиски текови во Македонија и отворање врата за можно перење пари.
„Како тоа Европската централна банка има преземено ваков ригорозен чекор а Трајко Славевски и НБРМ без размислување го дозволиле преземањето во Македонија? Зошто не биле по внимателни?“, праша тој.
Според Дмитријевиќ, оваа трансакција е нераскинливо поврзана со финансиско-политичката мрежа на владејачките структури со Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали ова значи отворање на патот за селење на сомнителен капитал и влијанија од Србија во Македонија. Бараме Финансиското разузнавање и Финансиската полиција да отворат истрага за ова крајно сомнително преземање. Бараме да се испитаат потеклото на парите и ризикот од перење пари“, рече тој.
Македонија
(Видео) Левица: Лицата со аутизам и даунов синдром ќе добијат бесплатен паркинг во Скопје
Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје поднесе амандмани за измена на Програмата за повластен паркинг за лицата со попреченост.
Оваа Програма опфаќа одредени категории на лица со попреченост, но лицата со аутистичен спектар и Даунов синдром не беа опфатени, велат од партијата Левица.
„Четири години од оваа говорница се бориме за измена на оваа Програма.Секогаш се наоѓаше некаков изговор да не се направи тоа.На лицата со попреченост им е доста од изговори.Родителите на деца со аутизам и Даунов синдром и онака имаат големи финансиски издатоци за лекување на нивните деца кои Фондот за здравство не ги рефундира, плаќаат приватно дефектолози и сл.така да плаќањето на паркинг простор им е дополнителен товар, бидејќи некои од нив оваа услуга ја користат секојдневно” – истакна во своето излагање Катерина Јовановска- координаторот на советничката група на Левица.
„Иако првично од страна на Градот амандманите не беа прифатени, по аргументираното излагање на Јовановска Советот едногласно изгласа Заклучок – Програмата да биде изменета и лицата со аутистичен спектар и Даунов синдром да добијат повластен паркинг.
Истово ќе важи и за лицата со попреченост кои што не живеат во Скопје, а доаѓаат во главниот град за лекување“, се додава во соопштението на партијата Левица.
Македонија
Нема веќе одење во Царина за потврди за царински долг, Централен регистар со еден клик ги гледа електронски
Хартиените потврди за царински долг кои се потребни за упис и промени на правниот субјект во Централниот регистар стануваат минато. Централниот регистар со само еден клик ги добива овие податоци од Царинската управа електронски во реално време, што за фирмите и граѓаните значи заштеда на време и ресурси. Истовремено на овој начин овозможуваме безбедност, интегритет и точност на обезбедените податоци со што делуваме во насока на сузбивање на можни измами. Ова го истакна директорот на Царинска управа, Бобан Николовски на заедничка прес-конференција со директорката на Централен регистар, Анита Стамнова, на којашто беше промовирана ваквата новина во работењето.
На годишно ниво се издаваа во просек од седум до девет илјади хартиени потврди за царински долг. Ова значеше пет до десет дена за обработка на секое барање, што за фирмите и граѓаните низ цела држава претставуваше административен товар. Сега, граѓаните нема да мораат веќе да доаѓаат лично до централната управа во Скопје или да ангажираат адвокати кои ќе им ги вршат овие услуги во нивно име и за нивна сметка.
„Со овој чекор, јасно ги покажуваме нашите заложби за создавање подобри услови за водење бизнис, преку намалување на бирократските процедури и зголемување на ефикасноста на администрацијата, како едно од клучните ветувања пред бизнис заедницата. Бизнисот нема време за чекање, а ние како институции сме должни и јасно ги демонстрираме нашите напори кон создавање одржливо општество во кое економскиот раст ќе биде движен од зголемената ефикасност и доверба во системот“, потенцира Николовски.
Директорката на Централен регистар, Анита Стамнова вели дека успешно е завршена првата фаза од проектот за надградба на Едношалтерскиот систем со обезбедување на доказ за платени царински давачки по службена должност во постапките за упис на промена – пренос на удел.
„Централниот регистар и Царинската управа остануваат посветени на трансформација на услугите со фокус на корисниците и нивните потреби, користејќи модерни дигитални технологии за овозможување на поедноставни и поефикасни услуги. Во оваа насока продолжуваме да ги развиваме нашите услуги и ги охрабруваме сите чинители во давањето на јавни услуги за бизнисите и граѓаните на меѓусебна соработка со цел имплементација на поефикасни електронски услуги, односно градење на функционален систем на јавни услуги како основа за враќање на довербата во институциите на нашата држава“, истакна директорката на Централен регистар, Анита Стамнова.

