Македонија
Eвропски ден без жртви во сообраќајот
19 септември е прогласен за Европски ден без жртви во сообраќајот, а оваа иницијатива е посветена кон покревање свесност на граѓаните да ја намалат брзината при управување со моторно возило. Мотото на кампањата е „Намалувањето на брзината спасува животи“.
АМСМ, како единствена членка на ФИА од Македонија – Светската автомобилистичка организација, се приклучува кон иницијативата за ден без ниедна жртва во сообраќајот.
На оваа светска кампања се приклучија многу познати личности, како Патрик Демпси (актер во познатата серија Grey’s Anatomy, режисер, продуцент и тркач со автомобили) и Јохан Блејк (олимписки шампион на 100м.).
Одбележувањето на Европскиот ден без жртви во сообраќајот е продолжение на кампањата на ФИА и АМСМ за да спасиме 3 500 животи во светот секој ден, само доколку се придржуваме кон 10-те златни правила:
• Почитувајте ја пропишаната брзина – намалување на просечната брзина за 5% може да резултира во намалување бројот на фатални сообраќајни незгоди за 30%.
• Проверувајте ги гумите– кога возите со оштетени или истрошени гуми, го ставате сопствениот, но и животот на другите, на ризик.
• Без СМС додека возите – веројатноста за сообраќајна незгода е за четири пати поголема кога возачите користат мобилен телефон.
• Секогаш бидете внимателни, фокусирани и концентрирани – во 49% од сите фатални сообраќајни незгоди, учесници се пешаци, велосипедисти или мотоциклисти.
• Носете мотоциклистичка кацига – соодветното носење на мотоциклистичка кацига може да го намали ризикот од смрт за 40%.
• Проверете го видот – ако послабиот вид остане некоригиран, тоа би значело дека 1 од 5 возачи не се во можност јасно да го видат патот.
• Користете детско седиште за автомобил – детското седиште за автомобил ги намалува шансите за фатални последици во случај на сообраќајна незгода за 70%.
• Врзете се – користењето на безбедносни појаси е клучно за безбедноста и на возачите и на патниците, а во случај на сообраќајна незгода го намалува ризикот од смрт на возачот и патниците на предно седиште за 45-50%
• Никогаш не пијте кога возите – се проценува дека алкохолот е предизвикувачки фактор на 1 од 3 фатални сообраќајни незгоди, а строгото имплементирање на законот за возење под дејство на алкохол може да го намали бројот на жртви на патиштата за 20%.
• Бидете видливи – ова особено важи за пешаците и велосипедистите, имајќи предвид дека 22% од сите жртви во сообраќајот се пешаци.
• Застанете кога сте уморни – кај сообраќајните незгоди кои се поврзуваат со умор, веројатноста за фатални последици е три пати поголема, а во едно неодамнешно истражување 1 од 10 возачи признале дека им се има случено да заспијат зад волан.
За промоција на Златните правила задолжени се некои од најугледните светски спортисти и естрадни уметници, како Фарел Вилијамс – пејач, текстописец и продуцент, Нико Розберг – шампион во ФИА формула 1 во 2016 година, Јохан Блејк – олимписки и светски шамион на 4х100м и светски шампион на 100м, Рафаел Надал – тенисер и носител на 14 гренд-слем титули и многу други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер присуствуваше на тренингот на КК Работнички во салата Кале. Со кошаркарите разговараа за издигнувањето на тимот и потребите за достигнување на високи резултати и на следните натпревари.
„Сакам да се заблагодарам пред се и на тренерот на цел стручен тим но и на сите играчи за одличните резултати коишто ги имаме годинава. Успеавме со клубот од невозможно да направиме возможно. Клубот којшто го начекавме пред две години на 10то место со 4-5 неисплатени плати и долг од 600 000 евра да го вратиме на победничките патеки. Важно е што во моментов табелата трепка што сме на прво место и се надевам дека тоа така ќе остане и до крај. Јас верувам дека ќе имаме успех оваа сезона и уште поголем успех следната“, им порача Герасимовски на кошаркарите.
При средбата Герасимовски ги извести играчите дека општина Центар го има имотниот лист на салата и успеа да го исполни ветувањето дека ќе ја врати сопственоста на салата под ингеренции на општината.
Општина Центар на крајот на минатата година доби финансиски средства од Владата во вредност од 30 милиони денари наменети за реконструкција на салата, при што Герасимовски ги информираше играчите со процесот и проект планот кој е веќе во изработка за реновирање на матичната сала на Работнички. Конечно Работнички се враќа на шампионските патеки, ви благодарам за тоа, порача Герасимовски.
Македонија
Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел
Министерката за одбрана, Славјанка Петровска објави дека судот донел одлука со која се утврува дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, неправедно ја клеветел.
„Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел да ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста, Овој е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки“, пишува Петровска.
Во продолжение таа додава дека не сака пари од нечесник и се откажува од паричниот надомест.
„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“, додава Петровска.
Македонија
Манолева: По 43 години, болницата во Отешево доби комплетно нов лик, современи услови за третман и медицинска опрема
Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, вчера беше во посета на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција лекување и рехабилитација на хронични респираторни неспецифични и алергиски заболувања ОТЕШЕВО. Оваа јавно-здравствена установа минатата година доби комплетно нов лик со реновиран болнички објект финансиски поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија во висина од 20 милиони денари.
„Со имплементацијата на овој проект подобрени се болнички услови за третман на пациенти, поставен е нов мебел како донација од Луксембург, а собите се наместени со нов инвентар. Сите амбуланти, лабораторија, дневна соба, ехо кабинет, соба за спирометрија и алерго тестови се позиционирани во реновираниот објект. Како што можевме да видиме од посетата амбулантите веќе функционираат во реновираните простории. Специјализираната болница Отешево нуди современи услови за третман на пациенти и достоинствени услови за работа на здравствените работници“, рече Манолева.
Болницата во Отешево опстојува повеќе од 43 години и ова е прво реновирање кадешто значително се унапредени болничките услови. Во изминатиот период, установата се зајакна и со два апарати за физикална медицина и рехабилитација во склоп на проектот во вредност од 270 илјади денари.