Македонија
„Фала ви што правите да живее мама Ивана“ – потресна порака од жената за се собираат средства за лекување
Доктор Ненад Лазаров објави дека Ивана ги поздравува сите хумани граѓани од болница, каде денеска ѝ се поставуваат сонди до бубрезите како подготовка за патувањето кое е планирано за наредната недела.
Во јавноста беше споделено и писмо од нејзината 7-годишна ќерка, која упати емотивен повик за помош.
„Од дното на срцето ви благодарам на сите добри луѓе што донираат и ни даваат надеж! Вашата помош значи живот за мојата мама… значи уште еден ден, уште една шанса да биде покрај мене. Сега ни е најтешко… ова е нашата последна шанса да продолжи лекувањето во Турција. Ве молам, помогнете ни уште еднаш да ѝ дадеме надеж… да ѝ дадеме живот“, стои во пораката.
Од семејството информираат дека не се далеку од потребната сума, но дека е неопходна уште една мобилизација на јавноста за кампањата да биде затворена навреме.
Ивана, мајка на мало дете, веќе подолг период се бори со тешката болест, а единствената надеж за продолжување на лекувањето е специјализиран третман во странство.
Апелот останува отворен – секој што е во можност може да донира и да помогне во оваа борба за живот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Средба Мицкоски-Ердоган: Потврдена блиската и стратешка соработка меѓу Македонија и Турција
Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која била потврдена традиционално блиската, пријателска и стратешка соработка меѓу двете држави.
Според објавата на премиерот, на средбата било изразено заедничко задоволство од одличните политички односи, кои се темелат на меѓусебна почит, доверба и искрено пријателство меѓу двата народа.
Продлабочување на економската соработка и нови инвестиции
„Разговаравме за можностите за дополнително продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, нови инвестиции, како и за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната. Ја нагласив важноста на Турција како значаен економски и политички партнер, истакнувајќи дека Владата останува посветена на создавање поволна и предвидлива деловна клима за нови турски инвестиции и отворање нови работни места.“, стои во статусот на Мицкоски.
Како што напиша македонскиот премиер, претседателот Ердоган ја потврдил поддршката на Турција за развојот и просперитетот на Македонија, како и подготвеноста за понатамошно зајакнување на билатералните односи во сите области од заемен интерес.
Во рамки на разговорите биле разменети мислења и за актуелните регионални и меѓународни предизвици, при што била нагласена потребата од стабилност, соработка и економски развој на регионот.
На крајот од својата објава, премиерот Мицкоски изрази уверување дека односите меѓу двете пријателски држави ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во периодот што следува.
Македонија
Николоски: Почнуваме изградба на нов автопат, Скопје – Блаце ќе биде главна артерија за поврзување со Косово и Црна Гора
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, оствари работна средба со Фатих Туркменоглу, директор на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која се разговараше за изградбата на автопатот Скопје – Блаце.
На средбата, претставниците на ЕБОР информираа дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта успешно е завршена постапката за избор на Изведувач. Изведувачот на автопатот е конзорциумот предводен од македонската градежна компанија Гранит. После подолг временски период една домашна градежна компанија целосно ќе изведува автопат.
Автопатот Скопје – Блаце претставува витална патна артерија со која Македонија се поврзува со Косово и Црна Гора. Неговата изградба ќе придонесе за поефикасен транспорт и побезбеден сообраќај , ќе ја подобри поврзаноста со соседните земји и ќе создаде нови можности за економски развој, трговија и инвестиции.
Реализацијата на овој проект има големо значење за регионалното поврзување и за унапредување на транспортната инфраструктура, со што Македонија дополнително ќе ја зацврсти својата улога како важна транзитна и транспортна врска во регионот.
По завршувањето на сите административни процедури и обезбедување на соодветни банкарски гаранции ќе започне изведбата на терен и градежни активности.
На средбата беше потврдена и одличната соработка помеѓу Владата, Министерството и ЕБОР, при што беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на партнерството и поддршка на идните инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за државата.
Македонија
Битола сака да стане велоград, ќе набавува електрични велосипеди за граѓаните
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски на седницата на која се носеше ребалансот на Буџетот за 2026 година кажа дека во Програмата за животна средина планирани се 4.8000.000 денари за набавка на електрични велосипеди, што ја потврдува тенденција за Битола да стане вело град, преку создавање на вело инфраструктура, но и набавка на велосипеди кои ќе можат да ги користат граѓаните.
Како што објасни претседателот на Советот Бојан Бојкоски новите електрични велосипеди ќе бидат на принципот изнајмување преку апликација по симболични цени на изградените велосипедски патеки, односно на неколку пунктови граѓаните ќе имаат можност да ги изнајмуваат со цел да ги користат велосипедските патеки.
