Македонија
FH: Македонија со најмала медиумска слобода на Балканот
Рестриктивните закони и насилството врз новинарите придонесоа за глобално опаѓање на слободата на печатот во 2014 година, донесувајќи ја на најниско ниво во последните повеќе од 10 години, при што Македонија е најлошо рангирана на Балканот, соопшти „Фридом Хаус“ во извештајот објавен во среда.
Земјите добиваат бодови за состојбата, од 0 за најслободните до максимум 100 за најмалку слободните.
Резултатот на Македонија е 58, со што е најлошата земја на Балканот, пишува во извештајот.
„Неколку земји во Западниот Балкан и натаму се со загрижувачки тренд за кршење на слободата на медиумите во 2014 година. Состојбата на медиумите е обележана со неколку заеднички проблеми: користењето на законите за клевета и навреда од политичарите и бизнисмените за да се сузбие критичкото известување; провладина политика во јавните радиодифузни сервиси, притисоци врз уредници од страна на политичките водачи и приватните сопственици, што доведува до самоцензура; застрашување, закани и напади врз новинари за кои не се изрекуваат казни, како и нејасна сопственичка структура. Резултатот на Македонија опадна за 10 поени во изминатите 10 години, со што е најлошата земја на Балканот“, се вели во извештајот.
Извештајот забележува за Македонија дека неколку „опозициски ориентирани медиуми беа затворени во изминатиот петгодишен период, а новинарот Томислав Кежаровски остана во притвор во 2014 година поради сомнителните обвиненија дека го открил идентитетот на заштитен сведок во случај за убиство“.
Во извештајот се наведува дека Белорусија, Крим, кој е под руска окупација, Иран, Туркменистан и Узбекистан се меѓу 10-те најлоши земји и територии во светот според слободата на печатот. На Балканот, најголем пад бележи Србија чиј премиер Александар Вучиќ е критикуван за непријателска реторика и притисок врз независните медиуми./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Јавното обвинителство се координира со другите институции за обезбедување фер и демократски изборен процес
Координација на активностите за успешно спроведување на претстојните избори, со поддршка од сите институции што се дел од овој процес, беше тема на денешниот состанок на јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери. На средбата присуствуваше и јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседател на Комисијата во Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности поврзани со извршување кривични дела од Глава шеснаесет – кривични дела против изборите и гласањето од Кривичниот законик и други кривични дела што би биле сторени при организирањето и спроведувањето на изборите.
На средбата заеднички се констатира дека двојните избори во државава се од исклучителна важност во рамките на очекувањата за напредок на Република Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес и во таа насока се потенцира улогата на сите надлежни институции и потребата од ефикасно дејствување со цел спроведување фер и демократски изборни процеси. Се нагласи и очекувањето од двете страни дека сите учесници во изборите го согледуваат својот дел од одговорноста и ќе придонесат во поттикнувањето и одржувањето атмосфера на конструктивност.
Во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, денеска, јавниот обвинител Бајрами и членови на Комисијата остварија работна средба со членовите на Државната изборна комисија, на која двете институции меѓусебно се информираа за текот на подготовките за организација и следење на изборниот процес, како и потенцијалните ризици. Привремената комисија во Јавното обвинителство непосредно ќе комуницира со членовите на ДИК во текот на спроведувањето на изборниот процес и особено на денот на гласањето за да се информира за сите евентуални изборни нерегуларности што би можеле да бидат предмет на кривична одговорност за сторителите.
Македонија
Склучен меморандум за соработка помеѓу Економскиот факултет – Скопје и „Кроација осигурување“ АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје
Денес во просториите на Економскиот факултет – Скопје, деканот проф. д-р Предраг Трпески одржа состанок со г-дин Александар Манев-генерален директор на Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје и со претставници од истата институција.
Во рамки на остварената средба, се одвиваше плодна дискусија во насока на унапредување и продлабочување на меѓусебната соработка помеѓу двете институции како и обезбедување достапност на професионална размена на искуства заради остварување на заеднички цели. Во таа насока, состанокот се заокружи со потпишување на Меморандум за соработка помеѓу двете страни со кој се официјализираше соработоката помеѓу Економскиот факултет – Скопје и Кроација осигурување АД, Друштво за неживотно осигурување Скопје.
Со ова, двете институции се согласија да соработуваат во реализација на широк спектар на активности и иницијативи од взаемен интерес за едукација и подобрување на знаењето и стручноста преку најразлични активности и проекти од взаемен и општествен интерес, реализирање на практична настава за студентите од Факултетот, презентирање на практични проблеми, решенија, предизвици и можности за студентите на Факултетот, организирање работилници и конференции, и други активности.
За време на посетата, генералниот директор, г-дин Александар Манев и останатите претставници, во придружба на деканот и продеканите на Економскиот факултет – Скопје, ги разгледаа капацитетите со кои располага Економскиот факултет – Скопје.
ПР
Македонија
Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на матичниот лекар во скопска Железара, кој беше најден со девет убодни рани.
„Во согласност со моите информации приведено е уште едно лице. Приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови. Се продолжува со други истражни дејства сè со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Штом имаме дополнителни нови информации, јавноста ќе биде дополнително известена“, рече Тошковски.
Тој не сакаше да ги коментира обвинувањата од СДСМ дека откога е дојден на местото министер за внатрешни работи, работите не одат на подобро.
„Вакви изјави не заслужуваат сериозен одговор затоа што се несериозни изјави. Тотално не би ги коментирал“, рече Тошковски и додаде дека македонскиот народ се смее на она што се обидуваат да го тераат како приказна и повика да завршат ваквите паушални обвинувања.