Македонија
Филипче: Мицкоски ќе стои како фуснота во историјата како премиер кој не направил ништо за државата и граѓаните
Мицкоски ќе стои како фуснота во историјата како премиер кој не направил ништо за државата и граѓаните, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање при посетата на кочанското село Грдовци
Тој посочи дека премиерот Мицкоски упорно го спинува ставот на СДСМ во однос на Законот за влада, обидувајќи се да создаде погрешна перцепција во јавноста. Филипче нагласи дека Мицкоски ќе стои како фуснота во историјата – премиер кој не направил ништо за државата.
„Ние никогаш и никаде не кажавме дека ќе го напуштиме Собранието. И тоа е само уште еден спин на премиерот, кој што сака да го прикаже во јавноста како некое наше бегање од работата во институциите. Вистината е дека ние, доколку се донесе тој Закон за влада, шверцерски, и се укине Пржинската влада во ситуација кога целосно е контролирана државата, еднакво како во времето на Никола Груевски, контрола на судството, што го прави истото сега Христијан Мицкоски, контрола на полицијата со новиот закон, со партиски послушници и контрола на медиумите, од страна на орбановите медиуми, истото како што беше во времето на судиите од тефтерчето на Никола Груевски – еднакoв е системот. Тоа се нашите аргументи зошто техничката влада по истиот систем треба да остане“, рече Филипче.
Дополнително, додаде тој, се работи за закон донесен со консензус на, како што кажа, лично барање во 2018 година на Христијан Мицкоски.
Тој повтори дека СДСМ, ако се укине техничката влада, нема да учествува во работата за Изборниот закон.
„Не во работата на Собранието. Се поставува прашањето зошто премиерот по кој знае кој пат лаже и спинува. Ништо друго не му останува. Додека ја води оваа влада, колку и месеци понатаму да ја води, ќе биде запаметен по едно големо ништо – ништо ќе стои како фуснота во историјата на оваа земја, човек кој што водел владата и ништо не направил, ниту за државата, ниту за граѓаните, еве, гледаме тоа по примерот на земјоделците“, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Уапсен осомничениот за палењето на возилата на бугарската амбасада во Скопје
Полицијата го пронајде и приведе осомничениот за денешното опожарување на две службени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека станува збор за И.Д. (44) од Скопје, кој е задржан во полициска станица.
При преземените дејствија била пронајдена и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото.
Од МВР информираат дека во координација со надлежен јавен обвинител се преземаат дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по итна постапка.
Македонија
Мисајловски од Париз: инвестираме во нова и модерна опрема, зашто безбедноста на нашите граѓани и сигурноста на Алијансата е врвен приоритет
Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска (15 јуни) престојува во Париз, Франција каде присуствуваше на отворањето на меѓународниот саем за одбрана и безбедност „EUROSATORY 2026“, а оствари средба и со Елен Конвеј-Муре, потпретседателка на Комитетот за надворешни работи, одбрана и вооружени сили во францускиот Сенат.
На средбата со сенаторката Конвеј-Муре, министерот Мисајловски се осврна на инвестициите во армијата, видливи преку стабилното зголемување на средствата наменети за одбрана кои оваа година достигнаа 2,18 проценти од бруто-домашниот производ, од кои 32,5 проценти се наменети за набавка на нова и софистицирана опрема за македонската Армија.
„Македонската Влада силно инвестира во зацврстувањето на одбраната и безбедноста на земјата, а со тоа и на колективната одбрана на Алијансата. Со зголемувањето на одбранбениот буџет и набавката на нова, модерна и софистицирана опрема, вклучително и системите за против-воздушна одбрана Мистрал 3 од Француската Република, несомнено придонесуваме кон посилно НАТО и побезбедни граѓани“, рече министерот на средбата.
Мисајловски на средбата нагласи и дека потенцијалот за развој на одбранбената соработка со Франција е навистина голем, особено во контекст на заедничките обуки и вежби, како и размената на експертиза во доменот на одбраната.
На саемот „EUROSATORY 2026“, македонската делегација одблиску се запозна со новите достигнувања на полето на воената технологија, што е од исклучителна важност имајќи го предвид активниот процес за модернизација и опремување на Армијата.
Македонија
Осуда за инцидентот со возилата на бугарската амбасада, Муцунски најави целосно расчистување на случајот
Осуда за инцидентот во кој денеска беа опожарени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје изразил министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во телефонски разговор со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски ја информирал својата бугарска колешка дека надлежните институции веќе преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот, утврдување на сите околности и изведување на сторителот пред лицето на правдата.
Тој нагласил дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дава целосна поддршка на надлежните институции за спроведување брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел утврдување на одговорноста и соодветно санкционирање на сторителот.
