Македонија
(Фото) СДСМ прослави годишнина; Филипче: СДСМ 35 години ја носи одговорноста за иднината на државата
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на свечената седница по повод јубилиеот од основањето на партијата, порача дека СДСМ 35 години ја носи одговорноста за иднината на државата преку креирање клучни државни политики и одлуки.
Во своето обраќање, Филипче потсети на историските почетоци на партијата и државата, како и клучната улога на СДСМ во најтешките периоди и во создавањето на независноста на државата.

-Тоа не беше време на лесни решенија. Тоа беше време на санкции, ембарга, неизвесност и кревка државност. Но токму тогаш се покажа дека политиката не служи за да се делат улоги и функции, туку за да се носи тежината на државата. Но токму тогаш се покажа дека политиката не служи за да се делат улоги и функции, туку за да се носи тежината на државата. И затоа, кога денес се навраќаме на тие почетоци, не треба да паметиме само имиња и функции. Треба да ја паметиме лекцијата: државата не се гради со викање, државата се гради со разум, со институции и со одговорност. И затоа толку силно одѕвонува реченицата на Киро Глигоров: „Македонија е сѐ што имаме“. Тоа не е само наслов на книга. Тоа е и мерка на политичка зрелост, рече Филипче.
Притоа, Филипче подвлече дека вистинската државотворност се покажува во најтешките моменти, потсетувајќи на улогата на СДСМ во 2001 година и потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
-Во 2001 година, кога државата беше на работ на бездна, СДСМ беше дел од владата на национално единство и еден од потписниците на Охридскиот рамковен договор. Вистинската државотворност не е да навиваш од безбедна далечина, туку да носиш одлуки и одговорност кога цената е највисока. По конфликтот, одговорноста продолжи и во 2002 година, а во 2005 Македонија го доби кандидатскиот статус за членство во Европската Унија. Тоа не беше подарок, тоа беше силна порака дека мирот, демократијата и европската иднина не се одделни приказни, туку една иста државна и историска задача. Кога сме биле најдобри, сме биле разумни. Кога сме биле најразумни, сме биле и најевропски , рече Филипче.

На свечената седница Филипче се осврна и на поновите политички и храбри одлуки на СДСМ, потенцирајќи го членството во НАТО.
-По политичката криза, по Пржино, по изборите во 2016, во 2017 СДСМ повторно ја презеде одговорноста да ја извади државата од блокада. Дојдоа најтешките државни одлуки: Преспанскиот договор, влезот во НАТО во 2020, па стартот на пристапните преговори со ЕУ во 2022. Околу тие одлуки ќе има расправи и утре, и задутре, и уште долго. Бевме соочени, и се уште сме, со најтешките клевети и партиски пропаганди за велепредавства, за измислена распродажба на државни и национални интереси, наводно загрозени идентитет, јазик и историја. Но, фактите остануваат, тие не можат да се избришат и покрај жестоките пропаганди и манипулации: Ништо не е изгубено, напротив, идентитетот, јазикот, културата историјата се заштитени.Потпишан е договор со ЕУ на македонски јазик, државата стана побезбедна, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ, Филипче нагласи дека вистинската социјалдемократија подразбира систем на еднаквост, правда и солидарност.


-Што е вистинска социјалдемократија. Таа не е боја. Не е етикета. Не е носталгија. Не е удобна партиска поза. Вистинската социјалдемократија е политика во која слободата не е привилегија на богатите, а правдата не е утеха за сиромашните. Вистинската социјалдемократија е држава што ги шири демократските принципи и врз економијата. Тоа значи работа што носи достоинство, јавно образование што носи шанса, здравство што не зависи од врски, даноци што не го газат средниот слој и ранливите, туку бараат фер придонес од оние што имаат најмногу. Тоа значи слобода, правда и солидарност, не како плаќат, туку како систем, рече Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се зголемува свесноста за опасноста од меланом и кожните заболувања
Во рамките на ЕУРОМЕЛАНОМА 2026 денеска во Градскиот парк во Скопје се одржуваат бесплатни прегледи на бемки, дамки и сомнителни промени од врвни дерматолози, кои исто така ги советуваат граѓаните за заштита од сонце и препознавање на ризични промени, но и совети за правилна УВ – заштита. До пладне беа прегледани над сто пациенти.
-Целта на денешниот настан е промовирање на месец мај како месец посветен на превенција, рано откривање и лекување на кожните карциноми со посебен акцент на малигниот меланом, изјави примариус д-р Зорица Зафировиќ додавајќи дека имна многу заинтересирани граѓани за нивната превентивна акција.
Примариус д-р Зафировиќ изрази задоволство што се зголемува свесноста кај граѓаните во однос меланомите и кожните болести.
-Ја постигнуваме целта за раното откривање и детекција на какви било сомнителни промени со посебен акцент на кожните карциноми и информираме и ги упатуваме во нашите институции за понатамношен третман. Неколкумина беа реално, рече таа.
Во изминативе години токму преку овие акции се откриени неколкумина болни со канцер на кожа, но лекарите велат дека свеста кај граѓаните е зголемена и оти оние што се сомневаат дека имаат некакви проблеми доаѓаат на кожни прегледи.
Бројот на лицата заболени од меланом секоја година се зголемува, а причината за тоа, како што вели проф. д-р Силвија Дума од Клиниката за дерматологија е тоа што се случува во природата, но и навиките на младите луѓе, како што се солариумите, изложеноста на сонце…
-Ние работиме нели на таа превенција за фотопротекција, да укажеме дека таа протекција започнува од нулта година, рече проф. д-р Дума. Според неа, се поретки се случаите пациенти да се јавуваат доцна на преглед кај нив.
Меланомот и останатите форми на рак на кожа може да се појават кај секого, но кога се окриваат навреме, шансите за успешно лекување се значително поголеми.
Во рамки на ЕУРОМЕЛАНОМА 2026 бесплатни прегледи се организираа и во државните и приватни болници и здравствени домови.
Македонија
Многу жени трпат семејно насилство и молчат поради страв, економска зависност и недоверба во системот
Семејното насилство претставува сериозен општествен и здравствен проблем што бара координиран институционален одговор, поголема доверба во системот и ефикасна примена на Националната стратегија, порачаа учесниците на трибина на тема „Борбата со семејното насилство и насилството врз жената како социјален предизвик: институционален, психосоцијален и вредносен одговор“, нагласувајќи дека жртвите и натаму се соочуваат со страв, недоверба и долгорочни психолошки последици, поради што клучни остануваат превенцијата, навремената заштита и јакнењето на јавната свест.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Емилија Ангелова на трибината која е во организација на Форумот на жени на Социјалистичката партија на Македонија, посветена на борбата против насилството, порача дека Националната стратегија за превенција и заштита од родово базирано и семејно насилство претставува клучен документ кој поставува насока, но нејзината успешност ќе зависи од ефикасната имплементација.
Посочи дека стратегијата за периодот 2026–2033 година воведува систематизиран пристап преку акциски и годишни планови, со три главни цели, унапредување на политиките и прибирањето податоци, превенција од насилство и обезбедување ефективен систем на заштита и поддршка за жртвите. Семејното насилство, според неа, не смее да се третира како приватен проблем, туку како сериозна повреда на човековите права, која бара заеднички и континуиран институционален и општествен одговор.
Клучен предизвик, како што кажа, останува имплементацијата, за која се неопходни функционални институции, обучен кадар, брза реакција, координација и доволна финансиска поддршка, но и политичка и општествена волја.
Пратеничката посочи дека многу жени продолжуваат да молчат поради страв, економска зависност и недоверба во системот, нагласувајќи дека е неопходно да се изгради доверба и жртвите да добијат навремена заштита и поддршка.
Претседателката на Форумот на жени на Социјалистичката партија на Македонија, Зорица Јанкуловска, истакна дека насилството не смее да се третира само како институционален, туку и како длабок општествен проблем.
Според неа, насилството не се сведува само на физичка повреда, туку опфаќа и навреди, контрола, страв и молк, при што молкот, како што рече, е негов најсилен сојузник.
Јанкуловска ја посочи улогата на жените во општеството и политиката како клучна во спротивставувањето на оваа појава, потенцирајќи дека жените треба да бидат видливи и активни носители на промени, а не само формално застапени.
Многу жени, додаде, сè уште не пријавуваат насилство поради страв, економска зависност или недоверба во системот, при што нагласи дека јавните личности имаат обврска да испраќаат јасни пораки дека насилството е недозволиво.
Таа порача дека е неопходно да се изгради општество во кое жртвите ќе добиваат поддршка наместо осуда и во кое насилството ќе се препознава и спречува навремено.
Според психијатарката проф. д-р Славица Арсова последиците кај жените жртви на насилство се долгорочни и често се манифестираат преку сложено посттрауматско стресно растројство.
Таа посочи дека менталното здравје на жените е особено чувствително во одредени животни периоди, како што се адолесценцијата, периодот на бременост и по раѓањето, како и перименопаузата, при што дополнителни ризици претставуваат трауматските искуства, вклучително и насилството.
Арсова нагласи дека семејното насилство најчесто трае со години и има различни форми – вербално, физичко, сексуално и економско, оставајќи сериозни психолошки последици кај жртвите, како постојан страв, чувство на небезбедност, вина и недоверба.
Според неа, токму овие состојби често ги спречуваат жртвите да побараат помош или отворено да зборуваат, што дополнително го отежнува нивното препознавање и третман од страна на институциите и здравствените работници.
Таа предупреди на зголемен број случаи во праксата, посочувајќи дека во последниот период сѐ повеќе жени и деца бараат помош поради изложеност на насилство.
Арсова нагласи дека третманот на жртвите бара мултидисциплинарен пристап, кој вклучува фармаколошка терапија, психотерапија и работа во групи за поддршка, со вклученост на психијатри, психолози и социјални работници.
Додаде дека заштитата на менталното здравје на жените е клучна за целокупното општество, нагласувајќи дека здраво општество подразбира грижа за здравјето на мајките и децата, како основа за правилен развој и стабилност.
Настанот имаше за цел да поттикне стручна, институционална и општествена дискусија за унапредување на механизмите за заштита, превенција и поддршка во справувањето со семејното насилство, како и за зајакнување на културата на одговорност, солидарност и достоинство.
Македонија
Утре затворени улици низ Скопје
Во недела, 17 мај, во Скопје ќе се одржи 14. издание на спортско-рекреативниот настан „Прв до врв“, поради што ќе биде воведен посебен режим на сообраќај, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Во рамки на настанот, велосипедската трка ќе стартува во 9:45 часот пред Музејот на град Скопје, а учесниците ќе се движат по улиците „Св. Кирил и Методиј“, булеварите „Св. Климент Охридски“ и „Мајка Тереза“, потоа по улицата „Тодор Александров“ кон Средно Водно и Милениумскиот крст.
Планинарската тура ќе започне во 10 часот пред ООУ „Кочо Рацин“, по што учесниците ќе се движат кон Водно по планинска патека.
Од СВР Скопје најавуваат дека сообраќајот на дел од трасата ќе биде пренасочуван по околните улици.
Од МВР апелираат граѓаните да ги почитуваат насоките на полициските службеници со цел безбедно одвивање на настанот.
