Македонија
Филков за протестите за полагање на правосуден испит: Македонскиот јазик не е пречка, тој е обврска
Најостро реагирам на обидот, полагањето на правосудниот испит да се претвори во поле за политички притисок и етничка конфронтација. Правосудниот испит не е прашање на политика, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок на државата. Обидите да се прикаже законската обврска за познавање на македонскиот јазик како дискриминација се опасна манипулација со јавноста и директен удар врз уставниот поредок, реагира министерот за правда Игор Филков за протестите.
„Македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на Република Северна Македонија и темел на институционалниот и правниот систем.
Недозволиво е чувствителни теми што директно го засегаат правниот систем да се користат за собирање политички поени или за создавање меѓуетнички тензии.
Правосудниот испит се спроведува согласно важечките закони и професионални стандарди, а не според дневно-политички агенди или притисоци од улица. Правото на протест е демократско право, но никој нема право преку насилни протести да бара уривање на критериумите и стандардите во правосудството“.
Министерството за правда, додава тој, останува отворено за аргументиран институционален дијалог, но нема да дозволи девалвација на правосудниот систем, ниту поткопување на улогата на македонскиот јазик како столб на државноста и институционалниот поредок.
Македонскиот јазик не е пречка — тој е обврска, уставна вредност и гаранција за функционирање на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу: Првото психолошко советувалиште за деца и адолесценти отвора нов пристап кон менталното здравје
Македонија
Мицкоски: Макрон и Мерц ни дадоа силен мотив да продолжиме во реформите
Во овие две години откако сум претседател на Владата пораките од Самитот ЕУ-Западен Балкан во Тиват беа најсилни а тоа е дека процесот на проширување не е завршен. Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц дадоа силен мотив да продолжиме во делот на реформите, да испорачуваме, врз основа на методот на заслуга, а не врз основа на билатерални прашања и тоа беше неколку пати потенцирано на самиот самит, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Во врска со „нон пејперот“ на Макрон и Мерц, Мицкоски посочи дека институциите во Брисел веќе добиле инструкции за операционализација на овој документ, што ќе овозможи поголемо користење на одредени алатки од страна на земјите од регионот и почести состаноци на високо ниво.
-Она што го слушав и од францускиот претседател и од германскиот канцелар, а и таму во работниот дел од Самитот, можев да заклучам дека документот што тие го имаат подготвено, „нон пејперот“, институциите во Брисел веќе добиле инструкции за негова операционализација и претставува значајно подигнување на нивото на односи помеѓу Западен Балкан и Европската Унија, односно, тој документ и таа реформа овозможуваат механизам со којшто ќе имаме, поголемо користење на одредени алатки од страна на земјите на Западен Балкан и тој никако не е во конфликт со проширувањето. Тоа се два паралелни процеси. Ова е еден процес, а проширувањето си останува како друг процес, нагласи Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Институтот за јавно здравје.
Мицкоски информира дека на самитот било договорено да има почести состаноци кои нема да бидат веќе на ниво на самити ЕУ Западен Балкан – два пати годишно, еднаш во јуни, еднаш во декември, туку најмалку два пати месечно.
-Тоа ќе значи дека ќе можете со луѓето кои што одлучуваат да разговарате и да креирате политики и да ја градите иднината заедно, така што во секој случај и францускиот претседател и германскиот канцелар дадоа силен мотив да продолжиме во делот на реформите, да испорачуваме, врз основа на методот на заслуга, а не врз основа на билатерални прашања и тоа беше неколку пати потенцирано на самиот самит. Така што јас се враќам од самитот навистина задоволен и инспириран да продолжиме сите во Владата да работиме уште попосветено и уште помотивирано за да можеме да ги користиме сите оние алатки кои што со овие нови механизми ќе ни бидат ставени на располагање, рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања во врска тоа дека Македонија не била спомената на прес-конференцијата во Тиват, како и на пораките од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и бугарскиот премиер Румен Радев дека без уставни измени нема поместување во процесот, Мицкоски истакна дека неговиот оптимизам е цврсто заснован на директните разговори во Црна Гора.
-Мојот оптимизам се темели на тоа што јас бев единствениот од земјите од Западен Балкан кој имаше билатерални состаноци и со францускиот претседател Макрон и со германскиот канцелар Мерц. И точно знам што се зборуваше на тие состаноци и точно знам што ќе следи во периодот којшто е пред нас – рече премиерот, додавајќи дека од страна на соговорниците добил одговори на некои од дилемите и кога ќе се земе сето ова предвид, оттаму доаѓа неговиот оптимизам.
Мицкоски ја отфрли како неточна тезата на одредени експерти дека планот од „нон-пејперот“ не може да се аплицира за Македонија поради тоа што земјата формално ги нема стартувано преговорите по кластери. Според него, документот е прецизно направен за да овозможи механизми дури и за земјите кои се само кандидати или немаат одржано прва меѓувладина конференција.
-Планот на Мерц и Макрон ги вклучува сите земји на Западен Балкан. Не се сите земји на исто ниво во процесот на, на интеграција, но ги вклучува сите земји на Западен Балкан – групата шест и не е поврзан со процесот на проширување, бидејќи и едниот и другиот паралелно продолжуваат. Да, точно е, одредени делови од овој план подразбираат одредени поглавја да бидат затворени, но и тука ќе има во периодот кој што следи одредени поместувања, додаде премиерот.
Тој, одговарајќи на новинарско прашање, повтори дека додека е тој претседател на Владата нема никогаш да поддржи уставни измени во кои што нема да имаме јасен крај дека ќе го почнеме процесот и ќе го завршиме.
-Додека немам јасни гаранции дека нема да има повеќе билатерални прашања и идентитетски прашања, само таков тип на уставни измени можам да поддржам. Сè останато нема никогаш да го, еве поддржам, рече Мицкоски.
Во однос на тоа дали наишол на разбирање за оваа тема на средбите со Мерц и со Макрон, тој кажа дека и двајцата високи челници на ЕУ покажале голема заинтересираност, и очекува во периодот што следи да има интензивирање на разговорите за оваа тема. Тој истакна дека темелните европски вредности треба да важат за сите.
-Подготвени сме да бараме решение, но непринципиелно е, бидејќи ги слушав вчера изјавите, да се повикувате на почитување на човековите права, нели, така кажа премиерот на Бугарија, а на бирото да ви стојат четиринаесет пресуди од Судот за човекови права во Стразбур и да не дозволувате македонската земница во Бугарија да си регистрира невладина организација. ната. Или принципите важат за сите или не важат, тоа се темелните европски вредности. Важно е дека многу почесто ќе бидеме во Брисел на масата и ќе можеме да зборуваме. Тоа е многу понапред од тоа што бевме пред година, две, три или или претходно, така што ја повикувам македонската јавност да не подлегнува на било какви притисоци кои што значат неизвесен крај, а дополнително национално понижување за граѓаните во Македонија. Ние мора да сме внимателни и прецизни со јасна стратегија која што ја имаме како влада и која што ја водиме. Имаме пријатели и чекор по чекор ќе дојдеме до целта, порача премиерот одговарајќи на новинарски прашања.
Македонија
ЗНАМ: Пендаровски и Ковачевски си противречат за враќањето на Груевски
Движењето ЗНАМ оцени дека јавноста заслужува одговори поради, како што наведува, спротивставените изјави на поранешниот претседател Стево Пендаровски и поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, поврзани со наводни разговори за враќањето на Никола Груевски во земјата во периодот на обезбедување мнозинство за уставните измени.
Од партијата посочуваат дека Пендаровски во телевизиско интервју зборувал за сценарија во кои се разгледувале можности за враќање на Груевски преку помилување или амнестија, со цел да се влијае врз процесот на уставните измени и политичките односи во државата.
Истовремено, ЗНАМ потсетува дека Ковачевски во друго телевизиско гостување изјавил дека во периодот кога бил претседател на СДСМ не се воделе разговори за какви било политички аранжмани или коалиции со поранешни премиери.
Според ЗНАМ, станува збор за две различни верзии на настаните, поради што јавноста има право да знае која од нив е точна.
Партијата го повика актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, да се произнесе дали повеќе им верува на Пендаровски или на Ковачевски. Воедно, од ЗНАМ побараа и поранешниот премиер Зоран Заев да одговори на прашањата поврзани со наводите за комуникација меѓу Будимпешта и Скопје и евентуални политички договори.
Во соопштението, ЗНАМ поставува прашања и до СДСМ и ДУИ за тоа дали постојат службени белешки, записници или стенограми од евентуалните разговори, како и дали тие имале влијание врз политичките процеси и законските измени во државата.
Од партијата најавуваат дека ќе продолжат да бараат, како што велат, целосно расветлување на сите околности поврзани со овие наводи, оценувајќи дека граѓаните заслужуваат целосна транспарентност за носењето на важните политички одлуки.
