Македонија
(Фото) Герасимовски: Пензионерките ги учат младите за домаќинство и семејните вредности во пресрет на Велигден
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, присуствуваше на едукативно-креативната работилница во ООУ „Киро Глигоров“, каде пензионерките од „Активот на жени“ ги учеа седмодделенците за велигденските обичаи, фарбањето на јајца и подготовките за големиот празник, како дел од часот по домаќинство.

„Бев сведок на прекрасна атмосфера каде младите учеа од повозрасните за нашата богата традиција, во пресрет на Велигден. Радоста и ентузијазмот беа големи и кај учениците и кај нашите пензионерки. Ваквите проекти сплотуваат генерации. Повозрасните се чувствуваат корисни, а младите се запознаваат со обичаите“, рече Герасимовски.

Општина Центар-Скопје, во рамки на проектот „Застапеност на своевремениот наставен предмет домаќинство во образовниот процес“, веќе втора година организира работилници за учениците од седмите одделенија од сите општински основни училишта.
Заедно со пензионерките, учениците совладуваат практични вештини како готвење, месење колачи, шиење, кроење, плетење и везење, како и активности за уредување на домот.

Работилниците се одржуваат во сите осум основни училишта и во Здружението на пензионери на Општина Центар.
Целта на проектот е учениците да ги прифатат и практикуваат позитивните вредности застапени во наставното градиво од изборниот предмет „Вештини на живеење“, се наведува во соопштението на Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа: Продолжуваат инвестициите во комуналната инфраструктура во Чаир
Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, го означија почетокот на изградбата на нова водоводна и канализациона мрежа на улицата Дижонска 15. Проектот е финансиран од Министерството со 6,9 милиони денари.
Со оваа инвестиција директно се одговара на инфраструктурните потреби на жителите од овој дел на Чаир, обезбедувајќи подобри услови за живеење и повисок квалитет на живот, соопштија од министерството.
Хоџа истакна дека активностите се дел од континуираниот процес на унапредување на комуналната инфраструктура во општината, но и пошироко низ државата, преку конкретни проекти што носат видливи и одржливи резултати. Целта е јасна, вели тој, секој граѓанин да има пристап до основни услуги и здрава, чиста животна средина.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди и температури до 25 степени
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Во јужните делови ќе има услови за краткотраен локален дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 17 до 25 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 23 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Утре и за време на викендот времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Утре и во сабота ќе дува умерен до засилен северен ветер и ќе има појава на локален дожд со услови за ретки грмежи. Од вторник повторно ќе биде нестабилно со врнежи од дожд и појава на грмежи.
Македонија
Ѓорѓиевски: Вардариште ќе стане минато, започна процесот на одгасување на депонијата
Започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште, што претставува значаен чекор кон нејзино целосно затворање и трансформација во современ мега парк, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Како што ветив, вели тој, по спроведената физибилити студија, денес започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште.
Мапирани се 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови кои со години се наталожуваа на ова место, пишува скопскиот градоначалник.
„Од сите бушотини ќе се земаат примероци кои ќе се испитуваат во сертифицирани лаборатории, со цел прецизно утврдување на количеството и составот на гасовите.
Паралелно, се одвива и процесот за темелно површинско расчистување на депонијата.
Вардариште, почитувани, ќе стане минато.
Она што со децении беше симбол на запоставеност и извор на ризици по здравјето и никој не успеа да го реши, ние го претвораме во можност и нов почеток.
На ова место ќе никне современ мега парк на површина од околу 300.000 метри квадратни, простор на живот, рекреација и чист воздух, новите бели дробови на Скопје.
Ова ќе биде новото срце на градот, место каде семејствата ќе создаваат спомени, младите ќе спортуваат, а природата повторно ќе го врати својот изгубен сјај.
Градиме иднина во која зеленилото не е луксуз, туку стандард, а здравата животна средина, приоритет.
По завршувањето на целиот процес, ќе изградиме и мост кој ќе ги поврзува Гази Баба и Аеродром, значително намалувајќи го сообраќајниот метеж и создавајќи побрза и пофункционална градска поврзаност“.
