Македонија
(Фото) Холандија донира специјализирани возила за МВР за превоз на мигранти и затвореници
Заменик министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, денеска во Министерството за внатрешни работи присуствуваа на примопредавање на донација од Кралството Холандија, претставувано од амбасадорот Озлем Џанел и генералниот директор на Службата за транспорт и поддршка при Министерството за правда и безбедност на Холандија, Ерик Де Брост.
Донацијата се состои од две специјализирани комбиња за превоз на затвореници и мигранти, наменети за Одделот за гранични работи и миграции при Бирото за јавна безбедност.

На настанот му претходеше потпишување на Протокол за примопредавање од страна на директорот Јанев и генералниот директор Де Брост.
Заменик министерот Исени изрази благодарност за континуираната поддршка од Кралството Холандија, истакнувајќи дека оваа донација претставува значаен придонес во јакнењето на оперативните капацитети на Министерството.
„Со примопредавањето на овие специјализирани возила директно ја зајакнуваме оперативната подготвеност на нашите служби и ја унапредуваме меѓународната полициска соработка. Оваа донација не е само материјална поддршка, туку и силна потврда за довербата и партнерството меѓу двете земји“, истакна Исени.

Тој додаде дека билатералната соработка со Кралството Холандија се реализира преку повеќе заеднички проекти насочени кон модернизација на полицијата, зајакнување на институционалните капацитети и унапредување на владеењето на правото.
Од МВР наведуваат дека донацијата претставува уште еден конкретен чекор во продлабочувањето на партнерството меѓу двете земји и придонесува кон поефикасно справување со безбедносните предизвици, особено во областа на граничното управување и миграцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Средба Мицкоски-Ердоган: Потврдена блиската и стратешка соработка меѓу Македонија и Турција
Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која била потврдена традиционално блиската, пријателска и стратешка соработка меѓу двете држави.
Според објавата на премиерот, на средбата било изразено заедничко задоволство од одличните политички односи, кои се темелат на меѓусебна почит, доверба и искрено пријателство меѓу двата народа.
Продлабочување на економската соработка и нови инвестиции
„Разговаравме за можностите за дополнително продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, нови инвестиции, како и за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната. Ја нагласив важноста на Турција како значаен економски и политички партнер, истакнувајќи дека Владата останува посветена на создавање поволна и предвидлива деловна клима за нови турски инвестиции и отворање нови работни места.“, стои во статусот на Мицкоски.
Како што напиша македонскиот премиер, претседателот Ердоган ја потврдил поддршката на Турција за развојот и просперитетот на Македонија, како и подготвеноста за понатамошно зајакнување на билатералните односи во сите области од заемен интерес.
Во рамки на разговорите биле разменети мислења и за актуелните регионални и меѓународни предизвици, при што била нагласена потребата од стабилност, соработка и економски развој на регионот.
На крајот од својата објава, премиерот Мицкоски изрази уверување дека односите меѓу двете пријателски држави ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во периодот што следува.
Македонија
Николоски: Почнуваме изградба на нов автопат, Скопје – Блаце ќе биде главна артерија за поврзување со Косово и Црна Гора
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, оствари работна средба со Фатих Туркменоглу, директор на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која се разговараше за изградбата на автопатот Скопје – Блаце.
На средбата, претставниците на ЕБОР информираа дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта успешно е завршена постапката за избор на Изведувач. Изведувачот на автопатот е конзорциумот предводен од македонската градежна компанија Гранит. После подолг временски период една домашна градежна компанија целосно ќе изведува автопат.
Автопатот Скопје – Блаце претставува витална патна артерија со која Македонија се поврзува со Косово и Црна Гора. Неговата изградба ќе придонесе за поефикасен транспорт и побезбеден сообраќај , ќе ја подобри поврзаноста со соседните земји и ќе создаде нови можности за економски развој, трговија и инвестиции.
Реализацијата на овој проект има големо значење за регионалното поврзување и за унапредување на транспортната инфраструктура, со што Македонија дополнително ќе ја зацврсти својата улога како важна транзитна и транспортна врска во регионот.
По завршувањето на сите административни процедури и обезбедување на соодветни банкарски гаранции ќе започне изведбата на терен и градежни активности.
На средбата беше потврдена и одличната соработка помеѓу Владата, Министерството и ЕБОР, при што беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на партнерството и поддршка на идните инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за државата.
Македонија
Битола сака да стане велоград, ќе набавува електрични велосипеди за граѓаните
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски на седницата на која се носеше ребалансот на Буџетот за 2026 година кажа дека во Програмата за животна средина планирани се 4.8000.000 денари за набавка на електрични велосипеди, што ја потврдува тенденција за Битола да стане вело град, преку создавање на вело инфраструктура, но и набавка на велосипеди кои ќе можат да ги користат граѓаните.
Како што објасни претседателот на Советот Бојан Бојкоски новите електрични велосипеди ќе бидат на принципот изнајмување преку апликација по симболични цени на изградените велосипедски патеки, односно на неколку пунктови граѓаните ќе имаат можност да ги изнајмуваат со цел да ги користат велосипедските патеки.
