Македонија
Гаши повика на еднаквост за Ромите: „Ни треба покоординиран, поодржлив и похрабар пристап“
Претседателот на Собранието Африм Гаши се обрати по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април, нагласувајќи дека ромската заедница е неразделен дел од општеството и има исти права и достоинство како и сите граѓани.
Тој посочи дека и покрај напредокот во законодавството, многу Роми сè уште се соочуваат со препреки и дискриминација во пристапот до образование, вработување и основни услуги.
Гаши истакна дека темата „Од невидливост кон еднаквост“ ја нагласува потребата од реални можности, застапеност и почитување на достоинството.
Тој повика на покоординиран пристап со поголема институционална соработка, политичка волја, граѓанска ангажираност и медиумска одговорност.
Во однос на Собранието, ја посочи улогата на пратениците и Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите, додавајќи дека иако нема ромски пратеник, ќе биде посветен глас за заштита на нивните права.
Гаши упати повик и до извршната власт за поголема посветеност во зголемување на можностите за образование, вработување и застапеност на Ромите.
Во обраќањето, тој ја нагласи и улогата на медиумите и граѓанското општество во поттикнување јавен дијалог и унапредување на еднаквоста.
На крајот, упати порака до ромската заедница да биде активен учесник во процесите и донесувањето одлуки, истакнувајќи дека инклузијата започнува со активно учество во општеството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Опожарени неколку возила под скопското Кале: припадник на Армијата со брза реакција го спречил ширењето на огнот
Припадник на Армијата со брза реакција спречил ширење на пожар под Кале. Од оганот биле зафатени неколку паркирани автомобили на поранешниот полигон за обука за моторни возила, но професионалниот војник кој бил на заминување од рабоното место ги забележал возилата во пламен и веднаш дејствувал.
„Денес, околу 15:40 часот, на поранешниот полигон за обука за моторни возила (наспроти Националната Арена „Тодор Проевски“), професионалниот војник Христијан Божиновски, при заминување од работното место, забележал дека неколку паркирани возила се зафатени од пламен.
Проценувајќи ја сериозноста на ситуацијата и опасноста пожарот да се прошири врз останатите паркирани возила, војникот Божиновски веднаш стапил во контакт со командирот на воениот стадион во Скопје, барајќи поддршка за локализирање на огнот. Припадниците на Армијата кои ја извршувале должноста на воениот стадион во Скопје, веднаш пружале помош, употребувајќи противпожарни апарати од едницата.
Поради големината на пожарот, а проценувајќи дека истиот не може да се угасне, започнале со дислокација на неопожарените возила, со што успеале да го спречат ширењето на огнот.
При интервенцијата, професионалниот војник Христијан Божиновски се здобил со полесни повреди на едната рака, за што му е пружена соодветна медицинска помош.
Со ова дејствување, припадниците на Армијата уште еднаш го покажаа високиот професионален интегритет, како и пожртвуваноста на секој припадник без разлика дали се во униформа или не, секогаш да бидат во служба на државата и граѓаните“, е објавено на Фејсбук страната на АРМ.
Фото: депозитфотос
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Им кажа ли Филипче на сестринските партии дека пет дена славеше во Скопје изборна победа на европска држава, на партија дел од ЕПП
Добро е што Венко Филипче од Блиски Исток сега се концентрира на европски простор, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Но тоа не се случи затоа што Филипче се отрезнил и сфатил дека, сепак, фокусот треба да му биде на Македонија и на Европа, туку тоа е резултат на кризата во тој дел на светот, каде што во друштво на Зоран Заев беше чест посетител, инвеститор и сопственик на недвижности и на златна виза.
Туку да го прашаме, им кажа ли Филипче на сестринските партии дел од Партијата на европски социјалисти (ПЕС), дека во Скопје пет дена еуфорично славеше победа во европска држава, каде што убедливо победи партија дел од Европската народна партија (ЕПП)?
Им кажа ли Филипче дека, без никаква задршка, го славеше изборниот пораз на сестринската партија во Унгарија, која освои само околу 1% од гласовите“, прашуваат од партијата на власт. Инаку лидерот на СДСМ, Венко Филипче, претходно од Брселона порача дека проширувањето на ЕУ мора да продолжи.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, во југоисточните делови со услови за краткотраен локален дожд
Утре сончево со мала до умерена облачност. Во југоисточните делови ќе има услови за краткотраен локален дожд и појава на ретки грмежи. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 16 до 22 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, со сончеви периоди. Ќе дува засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 22 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
За време на викендов времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во понеделник од вечерните часови до среда времето повторно ќе биде нестабилно со врнежи од дожд. Во вторник ќе биде наместа нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Ќе дува ветер од северен правец, кој утре и во среда ќе биде засилен, повремено силен.
