Македонија
„Генералка викенд“ од 8 до 10 мај – десетици илјади волонтери ќе чистат на 500 локации во Македонија
На 8, 9 и 10 мај, по шести пат ќе се одржи годишната и најмасовната еко-акција во земјава и целиот Балкан – „Генералка викенд“. Рекордниот еко настан мобилизира десетици илјади волонтери од 80 општини, 600 организации, јавни институции и приватни компании.
„Ова е најголемата логистичка операција досега за собирање отпад и подигнување на еколошката свест кај граѓаните. ‘Генералка викенд’ прерасна во национална годишна традиција која докажува дека грижата за татковината може да обедини луѓе од различни, општествени, културни и јавни средини“, велат организаторите.

Акцијата ќе се спроведува три денови истовремено на повеќе од 500 локации, во 80 општини низ целата земја. Овие еко акции се организирани и координирани од општините во соработка со Црвениот крст.
Официјалниот настан за отворањето на „Генералка викенд“ 2026 е во 9 часот на 8 мај и ќе го води Град Скопје со чистење на кејот на реката Вардар. Еко акцијата е организирана и поделена во осум тимови, на потегот од реката Лепенец до мостот „Киро Глигоров“ ќе бидат распоредени на северната и јужната страна на реката Вардар. Во соработка со Комунална хигиена и Паркови и зеленило ќе бидат мобилизирани стотици волонтери од приватни компании, институции и училишта за да ја исчистат најголемата зелена и рекреативна зона во главниот град.

Помеѓу многуте активности, се спроведуваат и посебни акции како што се: Чистење на дивите сметилишта во Националниот парк Шар Планина, предводени од 20 припадници на Вооружените сили на Р.С. Македонија, чувари на Националниот парк, експертски тим на австриската компанија за управување со отпад Саубермахер и локалното население.
Ќе се спроведе и еко акција во Охрид (Конгресен центар), за заштита на крајбрежјето, во соработка со студенти и професори од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Општина Охрид, клубовите Сороптимист Мома Охрид и Сороптимист Вадуц како дел од најстарата и најголема светска женска организација Сороптимист Интернешнл и со поддршка на Саубермахер.
Покрај сите активности за чистење на терен, преку соработката меѓу Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, еко-образовната програма „Еко час“ се спроведува во училиштата низ целата земја и во соработка со „Генералка викенд“.
Еко акцијата е волонтерска иницијатива, каде што учесниците се одговорни за сопствената безбедност и стана најголемата еколошка акција досега во нашата земја. Пораката е: Подготвени сме да го рециклираме отпадот од минатото за зелена иднина. Максимата на иницијативата останува иста: „Да се извалкаме и да исчистиме!“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче оствари средба со хрватскиот главен преговарач на Хрватска за ЕУ
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, денеска се сретна со хрватскиот експерт Владимир Дробњак, кој беше главен преговарач за пристапните преговори на Хрватска со Европската Унија.
На средбата беа разменети мислења и искуства во однос на евроинтегративните процеси, предизвиците со кои се соочуваат земјите кандидати и перспективите за понатамошното проширување на Унијата.
Во разговорот, Филипче се осврна на актуелната политичка состојба во државата, како и на закочениот европски пат на земјата.
Ја истакна потребата од забрзување на евроинтегративниот процес, нагласувајќи дека реформите, внесувањето на малцинствата во Уставот и добрососедските односи остануваат клучни предуслови за напредок на земјата на европскиот пат.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди
Врeмето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец (над 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 14, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 26 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Во петок и во деновите од продолжениот викенд времето ќе биде променливо облачно и нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи и силен ветер (над 60 km/h
Македонија
Муцунски со амбасадорите на земјите членки на ЕУ: разменети мислења за забрзување на реформските приоритети и евроинтегративниот процес на државата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска одржа работен појадок со амбасадорот на Европската Унија во земјата, Михалис Рокас, и амбасадорите на земјите членки на Европската Унија акредитирани во Република Северна Македонија.
На средбата, Муцунски ги информираше присутните за актуелните политички и реформски процеси во државата, со посебен осврт на напредокот во исполнувањето на обврските поврзани со отворањето на преговорите со Европската Унија. Во таа насока, беше презентиран и напредокот во изработката на Акцискиот план за почитување на правата на заедниците, како и тековните активности во рамки на Реформската агенда и останатите обврски од европскиот интегративен процес.
Посебно беше нагласена и континуираната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како и поддршката за Украина, како јасен показател за стратешката определба за полноправно членство во Европската Унија.
На средбата беа разменети мислења за реформските приоритети и евроинтегративниот процес на државата, со акцент на потребата од негово забрзување.
Во таа насока, беше истакната важноста од засилена регионална соработка, искористување на концептот на постепена интеграција, размена на искуства и континуирана поддршка од земјите членки на Европската Унија.
Средбата е дел од редовниот дијалог со претставниците на земјите членки на Европската Унија, насочен кон отворена размена на мислења и координација околу прашањата поврзани со европската интеграција на државата.
