Македонија
Герасимовски: 73 граѓани користат бесплатна нега во домот, има уште слободни места за услугата ,,Сервис за стари лица”
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска го посети домот на сограѓанката Снежана Чупевска, корисничка на бесплатниот „Сервис за стари лица“, за да се информира како се реализира проектот и какви придобивки носи услугата за повозрасните жители на општината.
„Во моментот услугата ја користат 73 наши сограѓани, а вкупниот капацитет на проектот е за 90 лица, што значи дека има уште слободни места и ги повикувам сите заинтересирани да се пријават. Со овој проект обезбедуваме директна поддршка, социјализација и помош за нашите пензионери. Им го олеснуваме секојдневието на повозрасните и им овозможуваме достоинствена и соодветна нега во нивните домови“, рече Герасимовски.
За време на посетата, градоначалникот разговараше со 76-годишната корисничка на сервисот и со негувателката Бранка Милковска, кои посочија дека услугата, покрај грижата и поддршката, создава и блиски односи и искрени пријателства.

Проектот обезбедува домашна посета на негуватели трипати неделно, во траење од по два часа, помош во секојдневните активности, одржување на личната хигиена, давање терапија, подготовка на оброци, набавка на прехранбени производи и лекови, како и разговор и дружење.
За корисниците на кои им е потребна физикална терапија, обезбедени се посети од физиотерапевт двапати неделно, во траење од по еден час.
Проектот „Сервис за стари лица“ се реализира во соработка со здружението „Хуманост“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре почнува собраниската расправа за реконструкција на Владата
Собранието утре со почеток во 11 часот ќе ја одржи седницата за реконструкција на Владата, на која треба да бидат разрешени и избрани нови министри во осум ресори.
Ова е прва реконструкција на владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
Според предложените кадровски решенија:
– Сашо Клековски е предложен за нов министер за здравство. Тој доаѓа од директорската функција во Фондот за здравствено осигурување, каде што треба да биде заменет од Златко Перински.
– Иван Стоиљковиќ ќе го преземе Министерството за локална самоуправа, додека неговото досегашно Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците ќе го раководи Агон Ферати.
– Во Министерството за правда, Јетон Шасивари доаѓа на местото на Игор Филков.
– За министер за земјоделство, шумарство и водостопанство е предложен актуелниот државен секретар Борче Серафимовски, кој ќе го наследи Цветан Трипуновски.
– Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе го преземе досегашниот заменик-министер Ѓоко Велковски, кој доаѓа на местото на Фатмир Лимани.
– Нов министер за култура и туризам треба да биде Седат Сулејмани, кој ќе го замени Зоран Љутков.
– За министер без ресор задолжен за инклузија и спроведување на Стратегијата за Ромите е предложен Ерџан Демир.
Во меѓувреме, владината коалиција се прошири со Демократската партија на Турците, чиј пратеник во изминатиот период настапуваше како независен.
Премиерот Христијан Мицкоски дополнително треба да го соопшти името на кандидатот од оваа партија кој ќе раководи со министерство без ресор.
Македонија
(Фото) Уште една опасна артилериска граната пронајдена кај битолското с. Меџитлија
Пиротехничарот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Ѓорѓи Стефанов, безбедно отстрани неексплодирана артилериска граната со калибар 75 mm, што потекнува од Првата светска војна и ја транспортира до Армискиот полигон „Криволак“, каде што ќе биде уништена.

Како што информираат од ДЗС, гранатата била пронајдена при градежни работи што ги изведуваше ЈП „Стрежево“ – Битола, во атарот на село Меџитлија, Општина Битола, во близина на македонско-грчката граница.
Пријавата до ДЗС била доставена преку бројот за итни случаи 112.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова им подари традиционална галичка пафта на младенците на „Галичка свадба“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на „Галичка свадба“, којашто и годинава се одржа под нејзино покровителство.
Во духот на вековната традиција, пречекана со домашна нафора и сол од најмладите галичани, претседателката проследи дел од свадбарските обичаи што со векови се пренесуваат низ мијачкиот крај, како еден од најавтентичните изрази на македонското културно наследство.
По венчавањето во храмот „Св. Петар и Павле“, таа им се придружи на младенците и свадбарите во традиционалното оро.

Честитајќи им го бракот на овогодинешните младенци, Мартина Михајлова и Александар Пендароски, таа им подари галичка пафта со мотив од традиционалната галичка носија која е симбол на плодноста и македонското свадбено богатство.

Сиљановска-Давкова им посака заедничкиот живот да им биде исполнет со љубов, доверба и меѓусебна почит, а домот со разбирање и детска смеа.
За неа, семејството е највозвишената човечка заедница, бракот е уметност на неможното, а децата неговото најголемо богатство.

Годинашната „Галичка свадба“ започна на 10 јули со традиционалното поставување на свадбарскиот бајрак и симболичното фрлање три пушки од куќата на зетот, со што беше означен почетокот на свадбените свечености.
Од година во година, манифестацијата привлекува сѐ повеќе посетители од земјата и од странство, останувајќи една од најпрепознатливите симболи на македонскиот културен идентитет.
