Македонија
Ѓорѓиевски: Вардариште ќе стане минато, започна процесот на одгасување на депонијата
Започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште, што претставува значаен чекор кон нејзино целосно затворање и трансформација во современ мега парк, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Како што ветив, вели тој, по спроведената физибилити студија, денес започна процесот на одгасување на депонијата Вардариште.
Мапирани се 22 точки, односно бунари за собирање на отпадните гасови кои со години се наталожуваа на ова место, пишува скопскиот градоначалник.
„Од сите бушотини ќе се земаат примероци кои ќе се испитуваат во сертифицирани лаборатории, со цел прецизно утврдување на количеството и составот на гасовите.
Паралелно, се одвива и процесот за темелно површинско расчистување на депонијата.
Вардариште, почитувани, ќе стане минато.
Она што со децении беше симбол на запоставеност и извор на ризици по здравјето и никој не успеа да го реши, ние го претвораме во можност и нов почеток.
На ова место ќе никне современ мега парк на површина од околу 300.000 метри квадратни, простор на живот, рекреација и чист воздух, новите бели дробови на Скопје.
Ова ќе биде новото срце на градот, место каде семејствата ќе создаваат спомени, младите ќе спортуваат, а природата повторно ќе го врати својот изгубен сјај.
Градиме иднина во која зеленилото не е луксуз, туку стандард, а здравата животна средина, приоритет.
По завршувањето на целиот процес, ќе изградиме и мост кој ќе ги поврзува Гази Баба и Аеродром, значително намалувајќи го сообраќајниот метеж и создавајќи побрза и пофункционална градска поврзаност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова на отворањето на Народната канцеларија: Ова е почеток на поотворена и подиректна комуникација со граѓаните
Како резултат на континуираните заложби на претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за поголема отвореност и непосредна комуникација со граѓаните, денеска во Скопје беше отворена Народната канцеларија на Претседателот.
Во присуство на бројни граѓани и претставници на граѓанскиот сектор, Сиљановска-Давкова истакна „канцеларијата ќе биде жив простор на дијалог, дебата, едукација и граѓанско учество, место, коешто ќе ги поврзува институциите и заедницата и ќе придонесува за зајакнување на демократската култура“.
За Сиљановска-Давкова, возобновувањето на Народната канцеларија е резултат на домашните искуства и потреби, но идејата е инспирирана од практиката во САД. Целта е да се создаде достапен простор во срцето на градот, каде што секој граѓанин ќе може слободно да дојде, да побара помош, да постави прашање, да предложи иницијатива, или да упати критика.
Во Народната канцеларија таа препознава отворено демократско катче за сите: за граѓаните, невладините организации, средношколците, студентите, пензионерите, а особено за младите кои сакаат да ги искажат своите таленти и знаења.
Повикувајќи на силен граѓански активизам, претседателката укажа дека просторот ќе биде достапен за организирање на трибини, едукативни настани, младински и волонтерски иницијативи, културни и хуманитарни проекти.
Со цел институцијата Претседател да биде подостапна и поблиска до граѓаните низ целата земја, Сиљановска-Давкова ја искажа намерата вакви народни канцеларии да бидат отворени и во други градови низ државата.
Воедно, таа се заблагодари на Националниот младински совет на Македонија за досегашната работа, посакувајќи успешна соработка во идина.
По поздравното обраќање, претседателката оствари средба со граѓани меѓу кои активисти во различни области, доктори, професори, спортисти, студенти, волонтери, како и лицa со оштетен вид.
Тие ги претставија предизвиците со коишто се соочуваат; споделија успешни професионални приказни; дадоа предлози и иницијативи за подобрување на здравствените услуги; побараа поддршка за реализација на општокорисни активности; упатија покани до претседателката за присуство на настани и ги разгледаа можностите за соработка со Кабинетот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ по реакциите за Дејвид Гета: СДСМ го чека празникот за независноста на Бугарија
Разбираме дека Дејвид Гета не му е по вкусот на Филипче кој го преферира Харис Џиновиќ, но разликата помеѓу Дејвид Гета на Стадион, достапен за сите граѓани и Харис Џиновиќ на приватна журка на Филипче и Заев во Дубаи платен со крадени пари од граѓаните е евидентна и огромна, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Во реакцијата се додава дека срамно е што СДСМ е и против прослава на независноста на Македонија, бидејќи очигледно го чекаат славјето на денот за независност на Бугарија.
СДСМ претходно побара одговори од Владата во врска со најавениот концерт на Дејвид Гета во Скопје по повод 35 години од независноста.
Од партијата прашаа колку ќе ги чини граѓаните целиот настан, наведувајќи дека само хонорарот на Дејвид Гета, изнесува најмалку еден милион евра.
Македонија
(Видео) Филипче: Реформите се викаат Уставни измени и почеток на преговорите – тоа е вистинскиот пат напред
Актуелната власт нема кредибилитет и граѓаните се соочуваат со застој и манипулации во однос на европскиот процес, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање.
„Реформите се викаат Уставни измени и почеток на преговори, отворање на поглавјата. Тоа е вистинскиот пат напред. Ниту Христијан, ниту бандата нека не мачкаат очи, нека не лажат. И ако не сакаат, нека си заминат, затоа што ќе одговараат сите“, рече Филипче.
Филипче потенцираше дека власта две години не испорачала реални резултати во рамки на реформската агенда.
„Гледаме дека најавуваат работа на реформска агенда, а што правеа две години? Ништо не направија, не сакаат да работат. Еве докажаа, и секој ден се докажува дека лажеле граѓаните и Гордана и Христијан и Тимчо. Лажеле. На тие луѓе не може да им се верува. Тие луѓе немаат кредибилитет да водат државата. Ги интересира само нивниот интерес, а не интересот на сите граѓани. Ги злоупотребија и ги излажаа, вклучувајќи ги членовите на ВМРО, коишто после заминувањето на оваа група на власт, повторно ќе живеат во изолирана Македонија и сиромашни. А кога таа банда ќе си замине, ќе им биде добро, затоа што живеат од украдени народни пари, ама ќе одговараат и ќе враќаат пари“, порача Филипче.
