Македонија
Груевски на средби со дијаспората во САД
Премиерот Никола Груевски и владина делегација, во петок, остварија средба со македонската дијаспора во Колумбус, Охајо, Соединетите Американски Држави.
Груевски ги истакна континуираните заложби на Владата за остварување на конкретна соработка со македонската дијаспора во сите сфери од заеднички интерес, потенцирајќи дека иселениците се значаен сегмент од македонската нација кои служат како мостови за соработка во земјите во кои живеат.
Потсетувајќи дека Владата го втемели правото на глас на иселениците, тој се осврна и на проектите кои се спроведуваат, а во чиј фокус се македонските иселеници, како што е проектот преку кој членовите на дијаспората на ефикасен начин може да ги добиваат потребните документи кои ги издаваат надлежните органи на Република Македонија. Претседателот на македонската Владата ги информираше присутните за реформите кои се спроведуваат во нашата земја, и истакна посветеност за градење на понатамошни заеднички активности со дијаспората во насока на промоција на македонските национални интереси, остварување на поголем број на странски директни инвестиции и ангажман на иселениците во реализација на проектите. Ја истакна и значајноста на финансиските контрибуции кои македонските иселеници ги упатуваат на членовите на нивните семејствата кои живеат во нашата земја.
„Целата помош која што доаѓа од македонската дијаспора до граѓаните во Македонија е од големо значење. Можеби вам ви изгледа малку, можеби вие помагате на некој ваш роднина, братучед или било кој друг во Македонија, но кога сите тоа го прават на начин кој го прават со децении наназад, се заедно, тоа е огромна помош за Македонија“, истакна премиерот Груевски во своето обраќање пред присутните.
Претседателот на македонската заедница во Колумбус, Благоја Станишевски изрази благодарност до македонскиот премиер и членовите на владината делегација за постојаната комуникација со иселениците и реализацијата на проекти кои се од интерес за дијаспората.
„Дека сме сите заедно и на иста линија знаеме и по тоа што Република Македонија ни возврати со можноста да се стекнеме со македонски документи, пасоши, државјанства за тие што ги немаат, а исто така и со правото да можеме да гласаме на парламентарните и претседателските избори во Република Македонија“, истакна Станишевски.
Македонските иселеници позитивно ги доживуваат средбите со македонската Влада и на нив гледаат како на можност за размена на идеи кои се од интерес за нашата земја и заедничките интереси.
„Ова е можност да размениме некои идеи за меѓународна соработка, за што поцврсти да бидат тие конекции помеѓу иселениците од Америка и во Македонија, со една заедничка цел на секаков можен начин да се подобри животот на Македонците во Македонија и на иселениците во Америка“, изјави Филип Станковски, македонски иселеник кој живее во Колумбус.
Иселениците дадоа и позитивна оценка за проектот „Родум од Македониј“а кој го организира Владата, а преку кој македонските иселеници поминуваат дел од летниот период во Република Македонија каде што може да се запознаат со карактеристиките на економскиот и општествен живот.
„Тоа е многу добар проект, „Родум од Македонија“, оваа година бев таму, работев во кабинетот на министерот за странски инвестиции Џери Наумоф, бевме и на Галичката свадба, во Прилеп, во Охрид, и треба што повеќе млади Македонци да одат во Македонија“, изјави Филип Јотовски кој оваа година престојувал во нашата земја преку владиниот проект./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
В недела посебен сообраќаен режим во Скопје
Министерството за внатрешни работи известува дека на 31.3.2024 (недела), со почеток во 9 часот, поради одржување атлетска трка на 10 км, со траса на движење од долниот паркинг на Средно Водно по регионалниот пат (Р2138) до паркингот на манастирот „Св. Пантелејмон“ и обратно, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот.
Македонија
Левицата: Решението за градба кај болничкиот комплекс Воена болница да се поништи веднаш
„Го повикуваме градоначалникот Стевчо Јакимовски да ги почитува законите и да го поништи Решението за градба на 17-катницата кај Болничкиот комплекс „Воена болница“, истакнуваат од Левица.
Потсетуваат дека политичката партија Левица повеќепати укажа на штетноста од градбата на повеќекатницата на истата локација, паралелно организираше протест на којшто граѓаните јавно го искажаа незадоволството од своеволието на градоначалникот и инвеститорите за противзаконската одлука на истите да почнат со градба на зграда за којашто немаат законска дозвола.
„Од пред неколку дена е правосилно Решението со кое се поништува незаконски позитивното конзерваторско мислење, кое се обидоа да го издејствуваат инвеститорите, а истото, по наши сознанија, е пристигнато во Општината на 21.3.2024 година, по што градоначалникот треба веднаш во законски рок да постапи по истато. За жал, Решението за градба уште не е поништено.
Од општинската администрација не даваат одговори по однос на прашањето по Решението со кое се одбива жалбата на инвеститорите, но успеавме да го добиеме, бидејќи е информација од јавен карактер“, дообјаснуваат од оваа партија.
Го повикуваат градоначалникот Стевчо Јакимовски во пресрет на изборната претседателска кампања да се одважи, како што велат, да ги испочитува законите и да го поништи Решението за градба веднаш, како би докажал пред граѓаните дека, навистина, ги застапува нивните интереси“.
Македонија
Инспектори затекнале диви менувачници на Бит-пазар, но наместо да ги запечатат, им дозволиле да работат
Полицијата поднесе кривична пријава против шест инспектори, вработени во Државниот пазарен инспекторат, и тоа: С. Б. (32), Ј. Р. (54), В. М. (47), Б. С. (46), С. С. (61) и Р. Б. (37), сите од Скопје, поради злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Во текот на март и април 2023 година, вршејќи контрола кај три менувачници, лоцирани во близина на Бит-пазар, а за кои било утврдено дека не биле регистрирани како фирми и не поседувале лиценци издадени од НБРМ за вршење менувачко работење, но подолг временски период работеле како менувачници, инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот, како и да им изречат глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра во денарска противвредност.
Но, пријавените пазаришни инспектори ги прекршиле сите одредби од наведениот закон и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници ниту им издале решение за забрана за вршење нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите во кои ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот ниту, пак, им изрекле глоба во износ од 1.000 до 20.000 евра.
Напротив, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна глоба во износ од 80 евра во денарска противредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на законот за забрана и спречување вршење нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.