Македонија
Груевски најави нова инвестиција, но и дека уште ќе се гради во Центар
Нова турска инвестиција со 200 вработувања, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа на ИЕ 4, Никола Груевски на митингот во Кисела Вода, а подоцна пред центарци рече дека многу се гради и дека уште ќе се гради.
„Турска компанија донесе одлука да инвестира и ќе гради фабрика во Бунарџик. Се работи за компанија која произведува електроника за автобуси и земјоделска механизација, а во Скопје доаѓа како партнер и добавивач на белгиски Ван Хол. Со градба ќе почне во 2017година, инвестиција ќе се протега и гради на површина од 20 000 м2. Планираат до крај на 2017 да почнат со работа прво со 100 вработувања и 3 милиони евра инвестиција, а потоа ќе се прошират и ќе инвестираат дополнителни 6 милиони евра и ќе вработат вкупно 200 лица“, објави Груевски.
Подоцна вечерта, Груевски во Центар рече дека општината добила многу инвестиции кои им служат на луѓето кои живеат во Центар, но и на сите кои гравитираат тука.
„Се изградија канти гаражи, претходно Скопје беше претрупано со автомобили, сега полека културата се менува и луѓето се почесто ги користат катните гаражи, а цената е пристапна. Во соработка со Скопје се реконструираа булевари: „Илинден“, „Теодосиј Гологанов,“ се инвестираа над 650 мил денари а се изгради кружен тек кај Католичка црква. Ја изградивме арената Филип II Македонски со 32.500 седишта и инвестиција од 40 милиони евра. Се изгради жичарница од Средно водно. Се реновираа училишта, се изградија спортски сали, се реновираа клиники. Се отрови читалната 1000 книги, ги изградивме нови објекти за Археолошкиот музеј, како и Музејот на македонската борба и самостојност, Спомен куќа на Мајка Тереза. Нов објект на МНТ кој е возобновување на старата градба. Се изградија нови објекти на МНР, Јавното обвинителство, Министерството за финансии кои претходно беа во згради каде се плаќаа кирии. Се изгради Јавна соба, за креативните“, рече Груевски.
Тој најави дека во Општина Центар се предвидува изградба на три нови подземни сообраќајници, инвестицијата е во вредност од 100 милиони евра, потоа ќе се изградат 245 километри мрежа за дистрибутивни цевки за гас само во Скопје, ќе се изградат нови градинки, ќе се инвестира во факултетите, ќе се изгради нов факултет.
„Ќе се возобнови старата учителска школа, предвидуваме градба на нов објект за театар Комедија, ќе се реконструираат Албанскиот и Турскиот театар, ќе се отвори и новата филхармониска сала. Ќе изградиме две нови спортски сали, ќе изградиме 9 тениски игралишта во Центар, како и фудбалски и кошаркарски игралишта. Се предвидува и нова сала за свечени моменти, ќе имам и голема мултифункционална библиотека“, рече Груевски.
Тој исто така потенцираше дека ќе се изгради и новиот студентски дом „Медицинар“ ќе се изврши реконструкција на скопското Кале, ќе се обноват фасадите во старата скопска чаршија./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме во кабинетот на Сиљановска-Давкова
Во претседателскиот Кабинет, денеска, 270 деца од скопските основни училишта „Вера Јоциќ“, „Лазо Ангеловски“ и „Димитар Македонски“, како и од градинките „Буба Мара“ и „Лилипут дворче“, присуствуваа на церемонијата на свечено менување на државното знаме.
Учениците ја пееја химната, интонирана од македонскиот воен оркестар, придружуван од воениот оркестар на Вооружените сили на Романија, којшто престојува во земјава по повод заедничкиот предновогодишен концерт.
Во придружба на своите наставници, образовни асистенти и едукатори, децата ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме изведена од Баталјонот за почести при македонската армија.
По свечниот чин, децата го разгледаа импозантниот диптих „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“ на академик Глигор Чемерски, како и работната просторија на претседателката.
Во разговорот со Сиљановска-Давкова, децата зборуваа за нивните активности, за подготовките на приредбите во пресрет на новогодишните празници и ги испеаја нивните омилени песничките.
Следеа низа прашања: за претседателската функција и работните обврски, но и за нејзиното детство, основното образование, домашните миленици, омилените книги и музиката.
Претседателката ги посоветува да учат, да спортуваат, да цртаат, да ја чуваат природата и животната средина, да се дружат и да не се навредуваат.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје конечно добива Луна Парк
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денес ја најави долгоочекуваната реализација на проектот за новиот Луна Парк, значајна инвестиција што по децении неизвесност конечно ќе го донесе модерниот семеен парк за забава што го заслужува Скопје, информираат од Град Скопје.
Со започнувањето на јавната набавка за проектирање и монтажа, градот, додаваат од таму, влегува во нова фаза на урбана трансформација која ќе понуди современи атракции, целосна пристапност и нови содржини за сите генерации.
„По долги години оддолговлекувања и лажни ветувања, денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк.
По децении изминати во кои генерации деца беа лишени од местото што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти, конечно започнуваме со реализација на проект што ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град.
Пред нас е изградба на ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди.
Ќе создадеме простор исполнет со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава. Посебно внимание посветуваме на пристапноста.
Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош“.
Ккако што најавува скопскиот градоначалник на просторот од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена.
„Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје.
Почитувани скопјани, како што ветив – најдоброто доаѓа!
Скопјани конечно добиваат Луна парк што ќе биде симбол на нов почеток, на едно модерно, гордо и достоинствено Скопје“.
Македонија
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, соопшти Фетаи
Законот за правична и соодветна застапеност доби позитивна оценка од Венецијанската комисија, со што се потврдува дека е во целосна согласност со европските стандарди и демократските вредности, информираат од кабинетот на заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, во врска со Законот за соодветна и правична застапеност.
Со овој закон, додаваат во соопштението, ќе се обезбеди квалитетна рамнотежа меѓу системот на заслуги и почитувањето на професионалните стандарди, од една страна, и принципот на правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, од друга страна.
„Законот овозможува правична вклученост во вработувањето во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа, без да се наруши квалитетот и професионализмот.
Изјаснувањето на етничката припадност е целосно доброволно и не предизвикува никакви негативни последици врз остварувањето на правата на граѓаните, во согласност со меѓународните стандарди за човекови права и недискриминација. Паралелно со доброволното изјаснување за етничката припадност, законот предвидува и материјални докази од личните карти и други официјални јавни документи, со цел да се спречат можните злоупотреби на само идентификацијата“.
Со ова законско решение, како што појаснуваат од кабинетото на Фетаи се зајакнува институционалниот интегритет, инклузивноста и довербата на граѓаните во системот, преку планирано и деполитизирано управување и примена на европските стандарди за добро владеење.
Делегацијата беше предводена од заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, придружуван од професорите по уставно право Тања Каракамишева Јовановска и Јетон Шасивари.

