Македонија
Хоџа: Трајни решенија и зелен пресврт во третманот на отпадот, водите и аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, денеска во одговор на прашање поставено во врска со справувањето со отпадот, одговори дека регионалниот систем за управување за отпад е во фокусот на негово работење, каде се работи за важна стратегија која конечно го гледа светлото на денот, и која повеќе не е само документ на хартија, туку активно се имплементира на терен.
Дивите депонии, слабо функционалните или нефункционални депонии, сите стануваат минато, со еден ваков целосен пресврт во начинот на кој проблемот со отпадот е третиран, а кој го гледаме со отпочнувањето на инфраструктурата и опремата за трите регионални центри во Русино, Новаци и Свети Николе, беше посочено во Собранието.
На прашањето поврзано со аерозагадувањето како еден од најсериозните предизвици, Хоџа напомена дека фокусот е ставен на индустријата и институциите, бидејќи смета дека таму одговорноста и примерот треба да се посилни.
„Со новиот Закон за индустриски емисии кој стапува на сила во 2027 година и најавената јавна расправа за новата дозвола на УСЈЕ, се работи на градење на довербата на граѓаните, низ отворен дијалог, со факти и експертска поддршка.
Кај 21 државен објект веќе е извршена промена кон еколошки начин на загревање. Ова се дел од 70-тина објекти низ државата кои се опфатени со овој проект на Министерството за животна средина. Во однос на мерките за домаќинствата, периодов се случува распределбата на ваучери за инвертери, мерка која ја спроведува Министерство за енергетика, со која 4300 семејства помалку ќе загадуваат, менувајќи го начинот на греење на своите домови“.
Хоџа одговараше и на прашање поврзано со водите, за што потенцираше дека управувањето со водите не е само техничко, туку стратешко прашање, бидејќи системски се унапредува управувањето со водите преку реформи, инвестиции и усогласување со ЕУ стандарди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без камата за старите долгови: „Водовод“ со акција за отплата на рати од 20 април до 5 јуни
ЈП Водовод и канализација – Скопје ја известува јавноста и граѓаните на град Скопје, дека акцијата за отплата на долговите без пресметка на камата за задоцнето плаќање е во тек.
Акцијата за отплата на долговите на рати без камата е со определено времетраење и започнува од 20.04.2026 година, а завршува заклучно со 05.06.2026 година.
„Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг за потрошена вода (тужен и редовен), да ја искористат можноста за плаќање на рати без пресметана камата.
Одлуката за спроведување на акцијата за отплата на заостанатите долгови без пресметка на камата не важи за органите на државната и локалната власт и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Македонија или од општините, од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје.
По истекот на овој период одлуката престанува да важи“, велат од Водовод.
За секоја дополнителна информација за услугите на ЈП Водовод и канализација – Скопје контактирајте на:
02 3073 010, Дежурно Информативен Центар; 02 3240 300, Дирекција; [email protected]; www.vodovod-skopje.com.mk;
Македонија
Трипуновски: Интепелацијата на СДСМ е нелегитимна, а Љупчо Николовски политички не постои
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски реагираше по најавата за интерпелација од страна на Социјалдемократски сојуз на Македонија, оценувајќи дека станува збор за „нелегитимен потег“.
Реакцијата доаѓа откако пратеникот Љупчо Николовски соопшти дека СДСМ поднел интерпелација поради, како што наведе, корупција и колапс во земјоделството.
„Љупчо Николовски се јави, навистина се јави. Кој за што, Љупчо за мене!“, напиша Трипуновски, додавајќи дека Николовски „политички не постои“, а СДСМ, како партија е инвентар и полека исчезнува.
Министерот оцени дека „рејтингот им паѓа толку ниско што го пробива секое дно“, а интерпелацијата ја нарече „толку нелегитимна како што Николовски е нелегитимен во СДС“.
„Интерпелацијата ќе биде исто толку неуспешна како твојот мандат како министер за земјоделство“, додаде Трипуновски.
Во реакцијата тој оцени дека иницијативата е „безначајна“, споредувајќи ја со, како што наведе, „заплената на 30 килограми путер“.
Македонија
Во Анталија потврдена соработката: Сиљановска-Давкова и Ерен за нови проекти со ТИКА
На маргините на Дипломатскиот форум во Анталија, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со претседателот на ТИКА, Абдула Ерен, на којашто беше потврдена одличната соработка и силното македонско-турско партнерство.
Претседателката се заблагодари за континуираната и значајна поддршка од ТИКА, којашто со над 1.300 реализирани проекти има видлив и траен придонес во повеќе сектори: образование, здравство, културно наследство и инфраструктура.
За неа, особено важна е помошта во здравствениот сектор, особено инвестицијата во современа медицинска опрема за Клиниката за радиотерапија и онкологија, што придонесува за унапредување на јавното здравје, како и минатогодишната донација за Хидробиолошкиот институт во Охрид.
Сиљановска-Давкова ја истакна важната улога на турската заедница во македонското општество, чии идентитетски права се не само уставно загарантирани, туку во голем степен и реализирани. Обајцата се согласија дека постои спремност за надминување на проблемите врзани за образованието на мајчин јазик на Турците. Според Претседателката, тие не се резултат на системска политика, туку на слабости на локално ниво.
Соговорниците изразија подготвеност за продлабочување и проширување на македонско-турската соработка преку нови конкретни проекти со ТИКА.
