Македонија
Иванов со честитка за 8-ми Септември – Денот на независноста на Република Македонија
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод 8-ми Септември – Денот на независноста на Република Македонија, упати честитка до граѓаните на Македонија.
„На 8-ми Септември 1991 година го остваривме вековниот стремеж за слободна и независна македонска држава. Гласајќи за независноста и сувереноста на Република Македонија им се оддолживме на нашите храбри предци и се обврзавме кон нашите потомци“, се вели во честитката на Иванов.
„Слободата и независноста не ни беа подарени. Од првиот ден на независноста како држава се соочувавме со двојните стандарди, со предизвикот да се движиме по необележан пат, каде за нас не важеле правилата на меѓународните односи и меѓународното право. Но, не се откажувавме и не отстапивме од нашата праведна цел – да градиме безбедна и стабилна, демократска и развиена, европска и евроатлантска Македонија, отворена кон соседите и кон светот. Ја градиме Македонија како земја на социјална правда, солидарност и напредок на личниот и заедничкиот живот. Ја негуваме вековната традиција на соживот и на прифаќање и почитување на различноста“, додава македонскиот претседател.
„Покрај надворешните, се соочувавме и со внатрешни предизвици. Политичката криза не потсети дека со сувереноста доаѓа и одговорноста. Не потсети на важноста на водење дијалог во институциите кои сами сме ги создале, и чии претставници демократски сме ги избрале. Ни останува преку дијалог и соработка да ја градиме довербата неопходна за остварување на споделените цели и визии. Бидејќи, само обединети и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни“, стои во честитката на претседателот.
„Денес, низ Република Македонија минува река од мигранти. Во трагичната сегашност на мигрантите го препознаваме нашето тажно минато. Додека сме хумани кон луѓето кои бегаат од разрушените општества и пропаднатите држави, да бидеме благодарни на она што го имаме – наша сопствена држава“, порачува Иванов.
„Чувањето на независноста е наша обврска, без оглед што носи времето. Ќе има и предизвици, но и нив сплотени ќе ги надминеме. Имаме енергија за многу нови потфати. Да ја направиме Македонија економски силна и развиена. Држава во која младите ќе можат да добијат квалитетно образование, работа и услови да формираат семејства и да имаат потомство. Заедно да носиме нови знаења, нови технологии и нови инвестиции во Македонија, да отвораме нови пазари за македонските производи, нови простори за македонското творештво,за повеќе работни места и поквалитетен живот во Македонија. Тоа можеме да го оствариме само со единство и одговорност, на кое не потсетува и денешниот голем ден“, заклучува Иванов во својата честитка по повод Денот на независноста./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димна бомба на гласачко место, летоци врз паркирани автомобили во Чаир и графити пријавени во МВР
Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, информираше за текот на изборниот процес од отворањето на избирачките места.
„Досега МВР нема регистрирано посериозни нарушувања на јавниот ред и мир при гласањето, гласањето се одвива мирно без проблеми. Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, радовишко има едно лице кое го покажало гласачкото ливче на набљудувач.
За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.
„Покрај тоа, на територија на општина Чаир се забележани летоци кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графити. На едно гласачко место во Скопје покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена испукана димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.
Апелира до граѓаните и улесниците на изборите, во текот на гласањетоо, до завршувањето, да се воздржат од било какви инциденти.
Македонија
На 12,78 отсто се искачи одѕивот до 11 часот, најголем во Демир Капија 23,99 отсто
До 11 часот на гласање излегле 229.473 граѓани и одѕивот од 3,85, колку што беше до девет часот, се искачи на 12,78 отсто.
Најголем е одѕивот во Демир Капија, 23,99 отсто, каде што од вкупно 3.208 граѓани до 11 часот гласале 769.
На седмите претседателски избори во земјава право на глас имаат 1.814.317 граѓани на 3480 избирачки места.
Македонија
Даштевски: Во првите два и пол часа пријавени се само технички проблеми, кабел или батерија, ги решаваме во од
Ситни техники проблеми околу биометриските уреди се пријавени во првите два и пол часа од гласањето. Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски извести дека гласањето се одвива мирно и без неправилности, а техничките проблеми вели дека тековно ги решаваат.
„Пријавени се само технички проблеми, батерија или кабел на биометриските уреди кои ги решаваме во од. Сите гласачки места се отворени и засега нема прекин никаде“, рече претседателот Даштевски.
Одѕивот во првите два и пол часа е 3,85 отсто, но пристигнале податоци од само 832 избирачки места. На овие избори право на глас имаат 1. 814.317 граѓани на 3480 избирачки места.