Македонија
Изборните реформи влегуваат во фаза на разгледување на предлозите од политичките партии и институциите
Во Министерството за правда денес се одржа шестата седница на Работната група за реформи во изборното законодавство во позитивна атмосфера, што покажа подготвеност за изнаоѓање компромисни решенија.
На седницата беше усвоен записникот од претходната седница, по што членовите на Работната група пристапија кон разгледување на доставените мислења, предлози и забелешки од политичките партии, институциите, регулаторните тела и граѓански иницијативи.
„Министерството за правда останува целосно посветено на водење инклузивен, транспарентен и консултативен процес, чија крајна цел е донесување на современо, функционално и европски усогласено изборно законодавство кое ќе обезбеди фер, демократски и кредибилни изборни процеси“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со температури до 33 степени, попладне со услови за невреме
Времето во текот на денот, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме со појава на град. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 25 до 33 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 33 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Во четврток претпладне ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Од четврток попладне, ноќта кон петок и петок ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд (над 15 l/m2), грмежи и засилен, повремено силен ветер од северозападен правец кој наместа повремено ќе достигнува брзина од 60 km/h. Температурата во петок ќе опадне за неколку степени. За време на викендот времето ќе биде претежно сончево со мала локална облачност и посвежо.
Македонија
Савески со директорот на Финансиската полиција: борбата против финансискиот криминал и корупцијата во фокусот
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески на денешната средба со директорот на Управата за финансиска полиција Слободан Ивановски разговараше за зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка во борбата против финансискиот криминал и корупцијата.
На средбата ги разгледаа можностите за унапредување на координацијата и размената на информации помеѓу Управата за финансиска полиција и Јавното обвинителство, со цел поефикасно откривање и сузбивање на кривичните дела од областа на финансискиот криминал со посебен акцент на спроведувањето на финансиските истраги.
Македонија
Прифатена парична гаранција од 55.000 евра: Стефан Богоев излезе од притвор
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје ја уважи жалбата на осомничениот С.Б. и ја прифати понудената гаранција, со што му е укината мерката притвор што претходно му беше определена, се истакнува во официјалното соопштение.
„Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по жалба со предлог гаранција на осомничениот С.Б., изјавена против решение на судија на претходна постапка од 04.06.2026 година со кое, по предлог на надлежниот јавен обвинител, му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена, донесе решение со кое ЈА УВАЖИ жалбата и ја прифати понудената гаранција на осомничениот“.
Определената гаранција, како што се наведува во соопштеното, се состои од готови средства во износ од 55.000 евра, во денарска противвредност во корист на РС Македонија, а кој износ се депонира како гаранција за обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката.
„Дополнително спрема обвинетиот се определуваат и мерки на претпазливост согласно член 146 ст.1 т.3 од ЗКП односно привремено одземање на патната исправа и забрана за преминување на државната граница.
Доколку осомничениот не се придржува на определената мерка на претпазливост, судот може да определи други построги мерки за обезбедување присуство“.
