Македонија
Јаневска: МОН со системски пристап одговара на предизвикот на вештачката интелигенција во образованието
„Вештачката интелигенција веќе не е иднина за која зборуваме теоретски, таа полека, но сигурно станува дел од секоја училница и од секојдневието на учениците. Прашањето што денес го отвораме не е дали таа ќе влијае врз образованието, туку како ние ќе го насочиме тој процес“, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска на денешната панел-дискусија од кампањата „Магијата е во знаењето“, посветена на улогата на вештачката интелигенција во образованието.
Таа истакна дека Министерството за образование и наука активно ги следи современите образовни трендови, со посебен фокус на развојот и примената на вештачката интелигенција во образованието и континуирано спроведува анализи и мерки преку системски пристап, со цел навремено и суштинско прилагодување на образовниот систем. Посебен акцент, како што нагласи, се става и на континуираните обуки за наставниот кадар, со цел наставниците да бидат подготвени за новите дигитални алатки и промени во наставниот процес.
На панел-дискусијата „Училницата на иднината: Вештачка интелигенција, знаење и новата улога на наставникот“, се разговараше за трансформацијата на образовниот процес во дигиталната ера и новите предизвици за наставниците и учениците.
Претставниците од академската заедница нагласија дека вештачката интелигенција веќе го менува начинот на кој учениците пристапуваат кон знаењето, но дека предизвикот останува во развивањето на критичко размислување и правилната употреба на алатките.
Од практична перспектива, наставниците посочија дека учениците веќе активно користат дигитални алатки, што го прави наставниот процес поинтерактивен, но истовремено бара и постојано прилагодување на методите на работа.
„Децата многу брзо прифаќаат нови технологии, но најважно е да ги насочиме како да размислуваат, а не само како да дојдат до одговор“, беше истакнато од панелот.
Денешната панел-дискусија беше последна, шеста во низата што во изминатиот период се одржаа во повеќе градови низ земјава, во рамки на кампањата „Магијата е во знаењето“, насочена кон подигнување на јавната свест за суштинската важност на знаењето и незаменливата улога на наставниците во општеството. Кампањата започна симболично на 5 октомври – Светскиот ден на учителите.
Во текот на сите настани беше нагласена потребата од континуиран дијалог, размена на искуства и заедничко градење на образовен систем кој ги следи промените, но останува цврсто фокусиран на знаењето и развојот на учениците.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска променливо облачно време со сончеви периоди, од утре силен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени сончеви периоди, а во попладневните часови на повеќе места се очекува локален дожд и услови за ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец.
Утринските температури ќе се движат од 5 до 12 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 21 и 27 степени.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со сончеви интервали и слаб променлив ветер. Температурата во главниот град ќе се движи од минимални 9 до максимални 25 степени.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, и во текот на следната седмица ќе продолжи променливо облачното време со сончеви периоди. Во попладневните часови се очекува локална нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Метеоролозите предупредуваат дека утре и задутре ќе дува засилен, а на места и силен ветер од западен правец, со брзина поголема од 60 километри на час. Температурите ќе бидат во пораст до вторник, по што од среда се очекува постепено заладување.
Македонија
Полицијата одзеде автобус што превезувал ученици по пријава за дефекти на патот
Автобус кој превезувал ученици од екскурзија бил одземен за вонреден технички преглед на автопатот Велес–Скопје, откако претходно бил пријавен поради дефекти за време на патувањето.
Како што информираа од Министерство за внатрешни работи, случајот бил пријавен во СВР Велес од страна на граѓанин чие малолетно дете се наоѓало во автобусот со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице од Скопје.
Според пријавата, автобусот неколкупати се расипувал за време на враќањето од екскурзијата.
„На 08.05.2026 во 22:50 часот, на наплатна станица „Отовица“, на автопатот Велес-Скопје, од страна на полициски службеници од СВР Велес, бил сопрен автобус „сетра“ со скопски регистарски ознаки управуван од А.Ѓ.(43) од Скопје. Автобусот е одземен и пренесен во станица за технички преглед за утврдување на техничка исправност“, велат од МВР.
Учениците и останатите патници биле безбедно пренесени до крајната дестинација со друг автобус.
Од полицијата најавија дека по целосното расчистување и документирање на случајот, како и по завршувањето на вонредниот технички преглед, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Македонија
(Видео) Мицкоски дојде на власт со лаги за Преспанскиот договор и враќање на името, кажа Филипче
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска кажа дека премиерот Христијан Мицкоски дошол на власт, како што рече, „со лаги и манипулации“ за Преспански договор, државното име и европската иднина на земјата.
Тој посочи дека Мицкоски во предизборниот период ветувал поништување на Преспанскиот договор, враќање на старото уставно име и раскинување на договорот за добрососедство со Бугарија, но дека тоа не се случило по преземањето на власта.
„На било каква порака која ја пуштаме дека е потребна Европа, тие ги пуштаат своите ботови, лажни вести и не напаѓаат дека сме предавници. Па тие дојдоа на власт со лажна кампања дека СДСМ имала предавнички политики. Премиерот ветуваше дека ќе го поништи Преспанскиот договор, ќе го враќа името и ќе го поништи договорот за добрососедство со Бугарија поради тоа што биле предавнички. Ако биле предавнички, зошто не го прави тоа? Тоа значи дека не биле“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ оцени дека, според него, блокадата на европската перспектива на државата била поради страв од европски механизми за контрола и одговорност.
„Единствената причина поради која ВМРО-ОКГ и Мицкоски ја блокираат европската иднина е стравот од одговорност европска контрола и европско обвинителство. Луѓето не сакаат напред во Европа, не сакаат европска контрола на системот. Зошто сакаат да продолжат да крадат народни пари преку наместени тендери. Тоа е суштината“, истакна Филипче.
