Македонија
Јанкулоска бара опозицијата да достави докази за аферата „Пасоши“, за Груевски аферата е манипулација
И премиетот Никола Груевски и министерката за внатрешни раљботи, Гордана Јанкулоска, во средата по засадување на дрвата во рамките на акцијата „Ден на дрвото“ зборуваа за аферата „Пасоши“ што ја обелодени неделникот „Фокус“. Јанкулоска побара опозицијата, ако поседуваат што било што ним им личи на патна исправа, да го достават и МВР да направи анализа, да провери и да се отстранат сите сомнежи.
Ако немаат такво нешто и само манипулираат со јавноста, порача Јанкулоска, тогаш нека си одберат друга тема за сопствена политичка промоција.„Апсурдно е да дебатираме за работи кои немаат никаква ниту стручна, ниту професионална, ниту елементарна логика. Гледам деновиве дека нивното однесување веќе наидува на потсмев кај граѓаните, но ние сме институција и сериозно постапуваме кон секое прашање. Доколку понудат каква било аргументација, подготвени сме да ја истражиме за целосно да се оттргнат какви било дилеми, ако некој воопшто ги има. Меѓутоа, од она што можам да го видам во јавноста, дилеми нема“, изјави Јанкулоска.За Груевски, пак, СДСМ со аферата шири груби манипулации.„Јас жалам што СДСМ цврсто се обидува со манипулации, монтажи и афери да дојде до власт. Нас како ВМРО-ДПМНЕ ни одговара таквото нивно однесување, но за демократијата не е добро да се има опозиција на страна. Би било подобро за државата идеите да не доаѓаат само од власта, туку од повеќе страни. Тие доаѓаат до некоја идеја од денес за утре без да ја промислат, а фокусирани се само на темна кампања и манипулација“, истакна Груевски.Со измислена афера за фалсификување пасоши, рече Груевски, СДСМ не може да ја манипулира јавноста.„Помина времето во кое СДСМ можеше да манипулира со народот. Машината за правење на пасоши е огромна, а тие покажуваат едно мало машинче“, рече Груевски.Весникот „Фокус“ објави дека во приватен стан пред изборите биле изработувани пасоши кои би можеле да бидат употребени за изборни цели. /крај/миа
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“ застанува зад бранот на промени за стабилна и силна Македонија
Денес потпишавме Повелба за стратешко коалицирање и утврдување на принципите на идна работа на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ наречена „Твоја Македонија“. Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „Твоја Македонија“ е најбројната досега коалиција составена од 24 политички субјекти и организации кои застануваат зад бранот на промени кои треба да обезбедат стабилна и силна Македонија, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека при реализацијата на програмата за претседателските и парламентарните избори во 2024-тата година, целосно и недвосмислено ќе се водиме од принципите на одговорност и транспарентност во политичкото дејствување. Свесни за девастирачкиот карактер на политиките на неодговорната владејачка клика, обзнануваме дека развојот на економијата, економскиот раст, домашните и странски инвестиции, како услов за отворање на нови работни места и подобар живот на граѓаните, се врвни приоритети на партиите – членки на коалицијата „Твоја Македонија“. Недвосмислена и цврста борба против корупцијата и намалување на обемната бирократијата се наш носечки предизвик бидејќи цврсто веруваме дека праведноста во општеството е основен предуслов за вкупен развој на татковината. Оттаму, длабоко свесни за истакнатото, коалицијата „Твоја Македонија“ се обврзува дека жестоко, праведно и принципиелно ќе иницираме и ќе поддржиме акции на правната држава кои треба да ја вратат разнишаната доверба на граѓаните во институциите на државната власт“, нагласи Мицкоски.
Според него, основниот концепт за развој на приватната иницијатива е почитување на економската слобода и развој на креативноста на личноста.
„Нагласувајќи го разорното дејство на криминалот и корупцијата на актуелната владејачка клика, остануваме посветени на економската модернизација на татковината. Во таа насока се обврзуваме дека ќе генерираме нови политики во функција на финансирање на изградба на меѓународните и локалните патишта, железничките коридори, електраните, гасоводните системи, далноводите, училиштата, болниците како и други инфраструктурни проекти. Манифестираме јасна, непоколеблива и цврста решеност да реализираме реформи кои ќе обезбедат долгорочен економски раст и напредок на Македонија бидејќи цврсто веруваме дека борбата за подобри економски постигнувања значи борба за подобар живот и подобар стандард на македонските граѓани“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Апелира да има масовна излезеност на овие избори бидејќи, како што рече, неизлегувањето на овие избори подразбира поддршка на неодговорната и криминална власт.
Македонија
Државјанин на Турција приложил фалсификуван пасош на Ќафасан
Денеска, на граничниот премин Ќафасан полициски службеници го привеле Т. С. Т. (48) од Република Турција затоа што при пасошка контрола било констатирано дека на увид приложил фалсификувана патна исправа.
Известен бил јавен обвинител, а тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Струга за понатамошна постапка.
Македонија
Тошковски се сретна со амбасадорот на Турција: врвен приоритет е склучување билатерален договор за соработка во областа на безбедноста
Денеска, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и заменик-министерот Назим Буши остварија работна средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој.
Министерот Тошковски на новоименуваниот амбасадор Улусој му посака пријатен престој и успешно вршење на амбасадорската функција со желби за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата беа отворени тековни прашања од соработката во областа на безбедноста, внатрешните работи и конзуларни прашања во надлежност на Министерството за внатрешни работи за што се потврдија заложбите за искрена соработка на овие теми.
Една од главните заложби е одржувањето на стабилноста и безбедноста на регионот за што двајцата соговорници се согласија дека од врвен приоритет е склучувањето на билатералниот договор за соработка во областа на безбедноста, кој е во фаза на заемно усогласување.