Македонија
Јанкулоска: Борбата против тероризмот е предизвик за целата светска јавност
Борбата против тероризмот е предизвик пред кој е исправена целата светска јавност, поради што и во изминатиов период беа организирани значителен број на самити, конференции и министерски средби, коишто имаа цел заедничко организирање на безбедносните служби во справувањето со тероризмот, радикалниот ислам и џихадизмот, односно справувањето со таканаречените странски борци.
Ова го истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во своето обраќање на четвртата неформална средба на министрите за правда и внатрешни работи и партнерите на Брдо процесот и Процесот за соработка во југоисточна Европа.Во своето излагање во рамки на втората сесија посветена на „Борбата против тероризмот – странски борци и спречување на радикализирањето и илегална трговија со оружје, муниција и експлозиви“, министерката Јанкулоска посочи и дека со цел навремен одговор на овој предизвик, а пред се и соодветно превенирање на истиот, Македонија презеде неколку важни мерки. „Изменет е Кривичниот законик каде се додадени нови членови со кои се санкционира регрутација, обука, финансирање и учеството на лица во воени конфликти надвор од државата, односно во странски паравојски и терористички организации, а донесен е и нов Закон за кривична постапка кој ја олесни примената на современите истражни техники преку кои поефикасно се откриваат и се гонат сторителите на овие и слични кривични дела”, рече Јанкулоска.Како што информираше, во однос на недозволената трговија со оружје по министерскиот форум на ЕУ – Западен Балкан, кој се одржа во Будва во 2013 година и на кој беше донесена одлука за воспоставување Регионална мрежа на експерти вклучени во борбата против илегалната трговија со оружје, истата е при крај на нејзиното формирање.„Имено, како иницијатор на оваа идеја, Република Македонија заедно со другите држави од регионот, но и со силна поддршка од страна на Мрежата на европски експерти за оружје – ЕФЕ, пристапи кон реализација на идејата за воспоставување експертска група за мерки против недозволена трговија со оружје во југоисточна Европа. Во таа насока целосно е усогласен Меморандумот за соработка за воспоставување на експертската група во која членови ќе бидат претставници од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија и Србија”, рече Јанкулоска./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Не очекувам власта да престане со црната кампања
Црната кампања е карактерна особина на оваа влада. Не очекуваме дека ќе престане таа нивна црна кампања која изобилува со монтажи, со навреди, со многу измислици и клевети, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при посетата на општина Гевгелија, запрашан од новинарите дали во пресрет на почеток на изборната кампања очекува фер кампања од власта.
Тој истакна дека, што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, нема да води црна кампања затоа што македонските граѓани знаат дека Македонија од осамостојувањето немала полоша влада, од оваа на СДСМ и ДУИ и затоа ќе води позитивна кампања со презентација на проекти и решенија за проблемите на граѓаните.
„Нашата цел е во оваа кампања да водиме позитивна кампања, односно да зборуваме за проекти и да зборуваме за решенија на проблемите на граѓаните, а не да се оптеретуваме со тоа, кој колку бил лош бидејќи сите граѓани знаат дека владата на СДСМ и ДУИ беше лоша. Односно, да бидам попрецизен, полоша влада од осамостојувањето на Македонија немало“, рече Мицкоски.
Македонија
Мицкоски: Владата на ВМРО-ДПМНЕ со обновливи извори на енергија ќе обезбеди поголемо и поквалитетно снабдување со електрична енергија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Гевгелија одговарајќи на новинарски прашања истакна дека идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе вложува во обновливи извори на енергија како што е ветерниот парк Богданци, со цел поголемо и поквалитетно производство на електрична енергија.
Во овој регион недалеку се гледа ветерниот пак Богданци кој го реализираше владата на ВМРО-ДПМНЕ, продолжуваме и понатаму исто во околината, втората фаза, но и други можности се испитуваат за одреден вид на јавно приватно партнерство помеѓу денешно ЕСМ и приватни инвеститори за изградба на вакви енергетски капацитети, со што ќе се зголеми производното портфолио од обновлива енергија во Македонија, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека на тој начин ќе се обезбеди поквалитетно снабдување со електрична енергија до нашите граѓани, а воедно порача дека ќе се укине таксата за пристап до мрежа која ја наметна оваа власт.
– Она кое е важно, онаа наметната такса за пристап до мрежата која ја наметна октроираниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, целосно партизираниот Бислимовски, ќе биде укината. Цениме дека нема потреба од таков тип на оптоварување на граѓаните, изјави Мицкоски.
Македонија
Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите
Собранието со 78 гласа „за“ го донесе предлог-законот за измени и дополнување на Законот за извршување на санкциите.
Законот има цел решавање на безбедносните проблеми во казнено-поправните установи, создавање посигурна безбедносна средина како во затворите така и генералната и општата безбедност во државата, пред сè, преку воспоставување законска основа и формирање единици за затворско разузнавање и единици за интервенции, воспоставување систем за видеонадзор и користење боди-камери во установите, намалување на корупцијата во казнено-поправните установи, решавање на проблемот со пренатрупаноста и регулирање и унапредување на правата од работниот однос на сите категории вработени лица во КПУ и ВПУ, извести Министерството за правда.
Покрај зголемување на безбедноста на установите, унапредување на правата на осудените лица и децата, со овој предлог-закон се оди кон подобрување на статусот и на вработените во пенитенцијарниот систем. Постојат повеќе причини за донесување на предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите, како, на пример, менување во голем дел на кривичното законодавство во земјата, со тоа и предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за извршување на санкциите како важна алка во кривичното законодавство и кривичноправниот систем во целина, потоа менување на затвореничката структура во Македонија, а во голем дел појавата на сè поголем број радикализирани осудени лица, потребата од заострување на начинот на кој осудените лица по доставување на упатните акти имаа можност за менување на адресата на живеење и со тоа таканаречено избирање на казнено-поправна установа во која би ја издржувале казната и условите во неа, се додава во соопштението на Министерството за правда.