Македонија
ЈО: СЈО не достави ниеден доказ за тврдењето дека имало притисок врз Крпач
Специјалното јавно обвинителство не доставило ниту еден доказ, ниту, пак, каква и да е релевантна информација за нивното тврдење дека се вршело притисок врз наводниот сведок на ова Обвинителство кој беше пронајден мртов во својот стан во центарот на Скопје, тврдат од Јавното обвинителство кое го истражува овој случај.
„Основното јавно обвинителство Скопје испрати барања до повеќе институции, меѓу нив и до тоа обвинителство, во кое се бараше да му се достават сите податоци и документација на која во изјавата тоа обвинителство алудираше, односно да ги достават сите докази за релевантни факти, вклучително и за притисокот под кој се наоѓало лицето Коста Крпач. Неопходно е да истакнеме дека од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите не е доставен ниту еден доказ ниту, пак, каква и да е релевантна информација во таа насока, но и покрај тоа Основното јавно обвинителство – Скопје продолжува да го истражува случајот. Издадени се голем број наредби за вршење вештачења, анализи, прибирање податоци и документација. Во тек е повикување и се извршуваат разговори со лица за кои може да се очекува дека имаат одредени податоци за расветлување на настанот. Се преземаат и други истражни дејствија кои се во тек“, се вели во Обвинителството.Засега од Јавното обвинителството нема официјална информација дали се работи за убиство или самоубиство, единствено најавуваат дека штом ќе добијат конкретни податоци за случајот, јавноста ќе биде известена.Од Јавното обвинителство соопштуваат дека со оглед на тоа што смртта на Крпач во јавноста предизвика голем интерес, поради што се шират бројни шпекулации што и попречуваат на истрагата и создаваат притисок врз институциите, обвинителството со должно внимание ги следи и истражува сите објавени и добиени информации за целосно да го истражи настанот и да не дозволи резултатите од истрагата да остават простор за сомнеж на кого било и за чии било интереси и цели.Специјалното јавно обвинителство пак во соопштение објавено во четвртокот соопшти дека ги доставиле до Јавното обвинителство сите релевантни докази коишто можат да помогнат во расветлување на случајот со смртта на Крпач и се пожалија дека Јавното обвинителство одбивало меѓуинстутиционална соработка со нив.Крпач беше најден мртов на 27-ми април откако беше пукано во комбе што беше паркирано пред неговата зграда. Тој наводно бил сведок на Специјалното јавно обвинителство, како што тврдеше во писмена изјава СЈО, а се најде на списокот на аболицирани лица што го објави Претседателот, Ѓорге Иванов./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Министерството за здравство за приватните специјализанти: Решение ќе има после изборите
„Министерството за здравство секогаш се залага за подобрување на условите за работа на здравствените работници и соработници, кои меѓу нив спаѓаат и приватните специјализанти. Во изминатиот период, приватните специјализанти остварија неколку средби со министерот за здравство и со претставници од Министерството, кадешто се слушнаа нивните барања и се изготви извештај, со цел изнаоѓање решение за нивниот работен статус“, велат од МЗ.
„На последната владина седница беше донесена одлука согласно закон, веднаш по изборите, да се подготват предлог законски решенија со коишто ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности.
Во однос на двете барања на приватните специјализанти, Министерството за здравство Ве известува дека дел од приватните специјализанти веќе имаат здравствено осигурување и се во работен однос, додека пак 10% од приватните специјализанти немаат здравствено осигурување од причини што или не се јавиле во подрачните служби или не го исполнуваат условот од аспект на остварените приходи бидејќи добиваат паричен надоместок.
Во 2018 година, приватните специјализанти за првпат беа препознаени во јавното здравство и платени за својата работа. Покрај финансискиот надоместок, тие добија можност за исплата на дежурства и здравствено осигурување.
Ставот на Министерството е позитивен кон нив, со цел да им се излезе во пресрет, но решение ќе има после изборите.
Овие години, се направи значителен напредок со покачување на платите на здравствените работници, подигнати се капацитетите во јавното здравство и вратено е достоинството на сите здравствени работници и соработници“, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.
Македонија
Јакимовски: ДПМНЕ би направиле коалиција и со црниот ѓавол за да се доберат до буџетот на државата
Најостро реагирам на изјавите на господинот Бујар Османи, кој практично свој леб јаде, туѓо гајле бере и најостро реагирам на неговата жирафа политика. Жирафата млекото го дава кај комшијата, а јаде кај вас. Тој цело време збори за Косово, за Косоварите, но никако да каже нешто за подобрување на животот на граѓанитена Република Македонија, вели претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски од Гевгелија.
„Ни кажува дека ако Косово некаде не учествувало на некој состанок, дека тој како претседател на држава ќе одбиел д аучествува, сега ни кажува дека мора да гласаме за влез на Косово во Советот на Европа. Овие негови ставови се еднонасочни, не водејќи сметка дека во оваа држава има и други граѓани, има и Македонци, Срби, власи, Турци итн. и не водејќи сметка дека ние имаме и друг сосед, тоа се вика Србија, голем сосед со којшто имаме добри односи и цело време настојува да ги влоши тие наши односи. Јас јавно прашувам: Што треба Република Македонија повеќе да стори за Косово? Дали го дадовме нашето небо за да биде бомбардирана СР Југославија во 1999 одина? ДА! Дали дадовме база во Куманово, Петровец и во Катланово за да се стационираат НАТО-војници за евентуална интервенција врз СР Југославија? ДА!“, прашува Јакимовски.
Прашува и дали сме примиле 300.000 бегалци од Косово?
„ДА! Дали ја признавме Косово како суверена држава? ДА! Дали ја демаркиравме границата? ДА! Дали гласавме во сите институции кајшто требаше да влезе Косово? И Косово како ни врати 2001 година? И уште една работа, како ни враќа сега Албин Курти со мешање во внатрешната политика на Република Македонија? Јас не се чудам толку на ставовите на господинот Бујар Османи, колку што се чудам на ставовите на претседателските кандидати „Доналд Реган„, Пендаровски, коишто ќутат како да се неми и за Пендаровски и Ковачевски не ме изненадува бидејќи нели ги обвинуваме дека они се му дале на ДУИ, ама колку што знам ВМРО-ДПМНЕ се сили дека тие се тие кога ќе дојдат на власт, дека ќе го скротат ДУИ, а гледате како ќутат. А зошто? Само гледаат како да седнат во владиното столче и потоа да се доберат до Буџетот на Република Македонија, а би направиле коалиција со црниот ѓавол“, посочува Јакимовски.
Македонија
Костадиновска-Стојчевска: Саемот на книгата, во време на емотикони, е во одбрана на раскажувачите и писменоста
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во арената „Борис Трајковски“ на отворањето на 36. издание на Саемот на книгата порача дека Министерството за култура, како покровител на овој, како што рече, „празник на книгата“, останува голем пријател и силен поддржувач на ова наше богатство.
„На годишните конкурси, од година во година, импресивен е бројот на сè повеќе пријавени квалитетни дела и од млади македонски автори. И тоа искрено нè радува. Како што нè радува и зголемениот интерес за создавање многубројни наслови и публикации за деца. Без двоумење ја добиваат нашата поддршка зашто во овие модерни времиња во кои има сè помалку зборови, а сè повеќе кратенки и емотикони, раскажувачите на приказни се чувари на писменоста“, рече министерката за култура.
Во присуство на голем број љубители на пишаниот збор, Костадиновска-Стојчевска порача дека во виртуелниот свет го нема овој опоен мирис на книгата. Само во реалниот свет, ова богатство од книги на македонски јазик од домашни и од странски автори го испишува овој простор во уште една „Приказна која се чита“.
Саемите за книги во последните години, според некои автори, кажа министерката дека прераснаа во едукативни и културни настани кои даваат можност за вмрежување преку негување на врските меѓу авторите, издавачите и читателите. Истовремено радува и сè поголемиот број посетители, што само по себе зборува многу за односот кон книгата.
Триесет и шестото издание на Саемот на книгата, што ќе трае до 24 април, во седумте саемски денови ќе понуди книги од домашни и од странски автори од над 60 издавачки куќи од земјава и од регионот.