Македонија
Костовска: Вакцините се безбедни
Под мотото „Заштити, спречи, вакцинирај!“ во недела во Зоолошката градина во Скопје се одбележа 11-тата Европската недела на имунизација, во организација на Министерството за здравство, Здравствениот дом Скопје и Институтот за јавно здравје.
Според Јованка Костовска, раководител на секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство, Република Македонија има успешен систем на имунизација и висок опфат.
„Минатата година откако ги воведовме поливалентните вакцини веќе 50.000 дози се дадени, а од незадолжителната стрептококна вакцина поделени се 1.200 дози во целата држава“, истакна Костовска и додаде дека стравот од вакцинирање на своите деца кај родителите се ослободува.
Информира дека вакцините во Македонија се безбедни и дека се набавуваат од познати производители.
„Македонија употребува вакцини од најреномирани производители од Белгија, Франција и Бугарија кои се признаени од Светската здравствена организација. Вакцините пред употреба се контролираат во Агенцијата за лекови па дури потоа се пуштаат во употреба“, рече Костовска.
Упати апел до родителите да ги вакцинираат своите деца и ги уверува дека вакцините не даваат тешки несакани реакции туку само мали и очекувани реакции.
Татјана Баевска Вучковиќ менаџер на ЈЗУ Здравствен дом на Скопје информира дека Здравствениот дом редовно ја реализира имунизацијата на децата според календарот за имунизација.
„Во 2015 година просекот на реализација на имунизација е 94 проценти. Со тоа што само 36 тима се вклучени во реализацијата од 0 до 18 за имунизацијата и со воведувањето на поливалентните вакцини го подигнавме нивото и свеста на родителите да ги вакцинираат своите деца“, истакна Баевска Вучковиќ.
Според неа имало мал пад на имунизација со МРП вакцината на првата доза бидејќи, како што рече, се уште постои страв кај родителите и наместо на 13, ја даваат на 16 месечна возраст.
Од Министерството за здравство истакнуваат дека со поливалентните вакцини значително се намали бројот на боцкања, од 13 на 7 пати во периодот до 18 месечна возраст. Нагласуваат дека со само едно боцкање најмладите се штитат од многу болести, а со редовната вакцинација се постигнува колективен имунитет и стабилна епидемиолошка состојба.
На одбележувањето на Европската недела на имунизацијата учествуваат ученици од повеќе основни училишта од Скопје, деца од хорот „Златно славејче“ и претставничка од Детскиот Евросонг./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изет Меџити од Берлин: Дијаспората ја совлада Југославија, ќе го совладат и ДУИ
Лидерот на Демократското Движење, истовремено и носител во изборната единица број еден, Изет Меџити, учествуваше во голем собир со дијаспората во Берлин на Коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ).
Меџити од овој собир на дијаспората и се обрати со зборови каде им ја даде убавата вест дека на 8 мај пристигнува победата, но и за вредноста на учеството на дијаспората во овие избори кои многу добро знаат да казнуваат режими и тие кои го мразат Курти и Косово.
„Првите политички движења се отпочнати од дијаспората, како за совладување на Југославија, така и за независноста на Косово, а токму од ова дијаспора ќе пристигне и казната за ДУИ која се спротиставува на Косово и кокетира со Вучиќ”.
Тој, исто така, додаде дека сега е историскиот момент за промени во албанската политичка сцена после децении, со обединетата опозиција и со Самоопределување.
Македонија
Во Скопје санкционирани 179 возачи
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (19.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 179 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 51 санкција, 11 мерки за возење без возачка дозвола, осум санкии за поминување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за управување под дејство на алкохол…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Македонија
Посебен сообраќаен режим викендов во Скопје поради предизборни митинзи
Поради предизборни митинзи за претседателските избори викендов во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим.
Како што информира Министерството за внатрешни работи од денеска од 19 часот до утре до 21 часот на улицата „Св. Кирил и Методиј“ ќе биде воведен посебен сообраќаен режим поради одржување на митинг што ќе се одржи утре во 13 часот пред седиштето на Европската унија. За сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосницата со бул.„Кочо Рацин“ до крстосницата со бул.„Св. Климент Охридски“.
Утре во 20 часот на плоштадот „Македонија“, пак, ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори поради што Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
Од МВР апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите на полициските службеници.