Македонија
ЛДП: Народната банка и гувернерот признаа дека банкарските провизии се превисоки
По најавите на банките за зголемување на трошоците за банкарски услуги и изјавите на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, дека се потребни законски измени за ограничување на банкарските провизии, уште еднаш се потврди дека Либерално-демократската партија (ЛДП) со години е во право кога предупредуваше на овој проблем, посочуваат од оваа партија.
Според ЛДП, додека граѓаните плаќаа сè повисоки надоместоци за користење на сопствените пари, надлежните институции и големите партии молчеа.
„ЛДП преку кампањата „Твоја сметка – твои пари“ и преку конкретни законски иницијативи поднесени во Собранието од претседателката Моника Зајкова, континуирано бараше ограничување на неоправдано високите банкарски трошоци и поголема заштита на корисниците на финансиски услуги.
Денес, кога и Народната банка јавно го отвора ова прашање, очекуваме Владата и парламентарното мнозинство конечно да покажат политичка волја и да ги поддржат реформите што ќе значат пониски банкарски трошоци за граѓаните“.
Како што појаснуваат од ЛДП, пристапот до сопствената плата, пензија или заштеда не смее да биде дополнителен извор на заработка преку воведување на дополнителни високи провизии.
„Банкарскиот систем треба да им служи на граѓаните, а не обратно.
Продолжуваме со борбата за фер и транспарентни банкарски услуги, затоа што парите кои се на граѓаните, треба да останат кај граѓаните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, попладне услови за појава на нестабилност
Претпладне времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Од пладневните часови ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирано невреме со појава на град. Ќе дува слаб до умерен северeн ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 18, а максималната ќе достигне од 26 до 33 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 15, а максималната ќе достигне до 32 степена.
Времето во наредните денови
Во текот на новата седмица ќе се задржи топло време. Претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Поради големата енергија во атмосферата наместа ќе има услови за поинтензивни процеси со пообилен пороен дожд и изолирано невреме со појава на град. Од петок се очекува постепено стабилизирање на времето.
Македонија
Со пиштоли, сокриени во грмушки чекале да убијат возач оти при разминување им се допреле ретровизорите, Обвинителството побара притвор за двајца браќа
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – убиство во обид.
„На 6 јуни, во близина на авто плац во селото Шишево, двајцата браќа на возраст од 43 и 44 години, со умисла се обиделе да лишат од живот едно лице, а притоа го довеле во опасност и животот на двајца други оштетени. Повод за тоа било претходен сообраќаен инцидент во кој братот на оштетениот и првоосомничениот со нивните возила, на разминување, се допреле со ретровизорите и започнале вербална расправија. Осомничениот го фатил за врат и му се заканил, но двајца сведоци на настанот успеале да ја смират ситуацијата. Нападнатиот ја зел сопругата од работа и го повикал брат му за да провери дали по истиот пат можат безбедно да се вратат назад. Во близина на местото на првиот инцидент, во една од грмушките, двајцата осомничени браќа со пиштоли ги очекувале да поминат. Првоосомничениот испукал два куршумa, при што го погодил братот на првично нападнатиот во главата, нанесувајќи му тангенцијална повреда, а ги загрозил и другите две лица“, соопшти Обвинителството.
Бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, особени околности укажуваат дека ќе ја попречуваат истрагата со влијание врз сведоците и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го довршат обиденото кривично дело, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени соизвршители
Uncategorized
Муцунски утре во Босна, со колегата Елмедин Конаковиќ ќе разговара за европската перспектива на регионот
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре ќе оди во еднодневна работна посета на Босна и Херцеговина. Ќе има средба со министерот за надворешни работи, Елмедин Конаковиќ, најави неговата ПР – служба.
Посетата се реализира на покана на министерот Конаковиќ, а двјцата министри ќе разговараат билатералните односи и континуираната соработка во областите од заемен интерес.
На средбата се очекува да стане збор за европската перспектива на регионот и процесот на интеграција во Европската Унија, а ПР – службата на министерот извести и дека ќе бидат разменети мислења за можностите за натамошно продлабочување на билатералната соработка, пред сè на економски план, со посебен акцент на унапредувањето на надворешната трговија.
