Македонија
ЛДП: Посетата на Кошта е сигнал дека е време за државнички пристап кон европската интеграција на Македонија
Посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта е уште една потврда дека Европската Унија ја гледа Македонија како дел од европското семејство, но и потсетник дека напредокот зависи од исполнувањето на обврските што државата веќе ги има преземено, велат од ЛДП.
Либерално-демократската партија смета дека крајно време е политичките партии да покажат одговорност и да понудат решенија, наместо да ја одржуваат блокадата на европскиот пат.
„Остануваме на ставот дека уставните измени треба да бидат донесени што поскоро, но нивната примена да биде со одложено дејство, односно да стапат во сила по завршувањето на преговорите со Европската Унија.
Предлогот за уставни измени со одложено дејство не значи отстапување од државните интереси, туку претставува модел кој обезбедува продолжение на европските интеграции и дополнителна сигурност за граѓаните. Во европските документи од преговарачката рамка не постои обврска уставните измени веднаш да стапат во сила, што остава простор за разумно и државничко решение, околу кое може да се изгради поширок национален консензус.
За европската иднина на Македонија потребни се политичка храброст, визија и јасна определба. Како и досега, ЛДП ќе продолжи да се залага за политики кои што ги обединуваат граѓаните и ја движат државата напред, кон полноправното членство во Европската Унија.
Европската иднина е заеднички интерес на државата и на сите нејзини граѓани и не треба да биде заложник на дневно-партиската политика“, се наведува во соопштението на ЛДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Родителите на жртвите во пожарот во „Пулс“ маршираа барајќи правда за починатите деца
По 45. пат денеска во Кочани родителите на жртвите во пожарот во „Пулс“ маршираа барајќи правда и вистина за своите блиски. Од овој марш кој започна во 18:05 часот од Паркотна Револуцијата беше упатено прашање до институциите дали секој што имал должност ја извршувал совесно, професионално и во рамките на своите овластувања.
-Со секоја должност доаѓаат обврски. Со секое овластување – одговорност. Со секоја униформа – очекувања дека ќе се постапува професионално, навремено и еднакво кон сите. Никој не спори дека спасувањето е човечка должност. Но оваа постапка не се води за тоа што се случувало откако пожарот веќе започнал. Прашањето е дали секој што имал службени обврски и законски овластувања – ги извршувал така како што се очекува од институција, рече од пред зградата на Полициската станица во Кочани, Розета Џамова, сестра на починато момче.
– Во судница слушавме расправа за минути. Дали било 2 : 22 или 2 : 23. Кој кому се јавил. Колку пати. Кој дал усна наредба. Кој не потпишал писмена. И во еден момент остана впечаток дека најголемата трагедија не е што 63 луѓе не се вратиле дома. Туку што часовникот не бил прецизен, нагласи Џамова.
Според неа и родителите прашањето не е што се правело откако почнал пожарот, туку дали било направено се што било должност да се направи за до него воопшто да не дојде.
Александар Наунов, претседател на ЗГ „16 март 2025 Кочани“, од пред Судот во Кочани изјави дека никој не бара пресуда без докази, ниту некој бара улицата да суди.
-Но, ако обемноста на доказите е проблем, тогаш прашањето не е зошто ги има толку. Прашањето е – како толку години системот преминувал преку толку неправилности и проблеми, рече Наунов.
Денеска на 45. Марш за ангелите во Кочани присутни беа претставници на Сојузот на борците од НОБ од Скопје во знак на поддршка на родителите на починатите. После маршот заминаа да насадат млади садници кај спортската сала на ОУ „Никола Карев“ што го носи името „Кочански Ангели“.
Македонија
Меџити: Над 59,8 милиони денари инвестиција за модерна инфраструктура во Саат Кула
Се финализира еден од најзначајните инфраструктурни проекти во населбата Саат Кула, кој опфаќа реконструкција на водоводната мрежа, фекалната и атмосферската канализација.
Со оваа инвестиција ќе се обезбеди поквалитетно водоснабдување, пофункционален канализациски систем и подобри услови за живот на жителите од ова населено место.
-Инвестираме во основната инфраструктура која директно влијае врз квалитетот на животот на граѓаните. Со инвестиција од над 59,8 милиони денари создаваме современи и поефикасни услови за жителите на Саат Кула- изјави градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.
Работите на водоводната мрежа се во завршна фаза, а во наредниот период ќе следува асфалтирање на улиците каде што се реализирани инфраструктурните зафати.
Македонија
(Фотогалерија) 12 нови детски песни премиерно изведени денес на првиот фестивал „Киселко“ во Кисела Вода
Во преполната сала на Домот на култура „Билјана Беличанец“ денес се одржа првиот детски фестивал „Киселко“, во организација на Општина Кисела Вода. На фестивалот премиерно беа изведени 12 нови детски песни.
Покрај соло изведувачите, на сцената настапи и сопственото хорче на „Киселко“, додека за кореографијата беа задолжени членовите на балетското студио „Данса Латина“.
Учесниците на фестивалот беа избрани преку процес на аудиции кои се спроведоа во основните училишта на територија на општината, а изборот го вршеа наставниците по музичко воспитување. Сите 12 авторски песни беа целосно бесплатни за учесниците, со што Општина Кисела Вода ги ослободи родителите од какви било финансиски трошоци за нивното учество.
„Сакавме да им обезбедиме соодветен простор на најмладите да го покажат својот музички талент, бидејќи инвестирањето во детската креативност е највредното вложување во нивниот правилен развој. Истовремено, ни беше важно ова искуство да не претставува финансиски товар за семејствата, па затоа сите песни за малите изведувачи се целосно бесплатни. Посакувам „Киселко“ да биде почеток на една нова традиција за децата во Кисела Вода“, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Целосната реализација на фестивалот се направи во соработка со „Стробери Груп“, продукција која е специјализирана за детски и младински телевизиски проекти и настани.

