Контакт

Македонија

Љутков од Брисел: Македонската култура силно одекна во срцето на Европа

Објавено пред

„Македонската култура е жива ризница на духот. Таа е светлина во фреските, ехо во каменот и трепет во народната песна. Во неа се запишани радоста и болката, копнежот и гордоста, истрајноста и вербата на многу генерации што создавале, чувале и оставале траен белег“, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков вчеравечер во своето обраќање пред концертот на Националниот џез-оркестар во Брисел во рамките на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија.

Љутков истакна дека оваа значајна културна манифестација е потврда дека културата е најмоќниот јазик за поврзување, почит и соработка меѓу народите.

„Вечерва, музиката го презема зборот. Овде, во култниот ’Бозар‘, Националниот џез-оркестар донесува звук што произлегува од традицијата, а се претопува во современа и слободна форма. Тоа е жив доказ дека македонската култура не само што трае, туку и се развива, создава и комуницира со светот“, потенцираше Љутков.

Тој се осврна и на богатата програма на „Деновите на македонската култура“, која содржеше повеќе настани, како: изведбата на „Лебедово езеро“ од Националната опера и балет во Антверпен, проекцијата на филмот „Исцелител“ во Брисел, како и претстојната изложба на теракотните икони од „Виничко Кале“ во Европскиот парламент.

Министерот нагласи дека поддршката на Министерството за култура и туризам за ваквите настани е израз на стратешка определба за промоција на македонската култура надвор од границите на државата, како и за зајакнување на културната дипломатија.

Во своето обраќање, министерот Љутков се осврна и на значењето на македонскиот јазик, имајќи предвид дека во земјава вчера се одбележа Денот на македонскиот јазик.

„Македонскиот јазик не се мери со бројот на говорници, туку со длабочината на љубовта што ја носи во себе. Тој е јазик на истрајноста, на културната меморија и на идентитетот. Наша обврска е да го чуваме, да го негуваме и да го пренесуваме како најголемо духовно богатство“, порача Љутков.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија

Утре затворени улици низ Скопје

Објавено пред

Во недела, 17 мај, во Скопје ќе се одржи 14. издание на спортско-рекреативниот настан „Прв до врв“, поради што ќе биде воведен посебен режим на сообраќај, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Во рамки на настанот, велосипедската трка ќе стартува во 9:45 часот пред Музејот на град Скопје, а учесниците ќе се движат по улиците „Св. Кирил и Методиј“, булеварите „Св. Климент Охридски“ и „Мајка Тереза“, потоа по улицата „Тодор Александров“ кон Средно Водно и Милениумскиот крст.

Планинарската тура ќе започне во 10 часот пред ООУ „Кочо Рацин“, по што учесниците ќе се движат кон Водно по планинска патека.

Од СВР Скопје најавуваат дека сообраќајот на дел од трасата ќе биде пренасочуван по околните улици.

Од МВР апелираат граѓаните да ги почитуваат насоките на полициските службеници со цел безбедно одвивање на настанот.

Прикажи повеќе...

Македонија

Поради врнежи дневната програма на „Виноскоп“ е одложена за утре

Објавено пред

Дневната програма на фестивалот „Виноскоп“ за денеска е откажана и се преместува за утре поради најавените врнежи и од безбедносни причини, соопштија организаторите.

Согласно измените, утрешната програма ќе се реализира на Школка во Градскиот парк во Скопје, со почеток во 12:00 часот и ќе трае до полноќ.

Во првиот дел од програмата, од 12:00 до 18:00 часот, посетителите ќе можат да уживаат во дневната програма со настапи на DJ Oky Doky, DJ Chvare и DJ Strajk.

По 18:00 часот, програмата продолжува со настапите на DJ Resident, Hat and Harmony, DJ Bella, Мијата, Оркестар Дива, Ивана Карајан, Филип Карајановски и Пасио бенд.

Организаторите најавуваат дека јубилејното 15-то издание на „Виноскоп“ ќе продолжи со вино, музика и фестивалска атмосфера под отворено небо.

Прикажи повеќе...

Македонија

Милошоски: Абази и Коларевиќ ги игнорирале извештаите на ДЗР во истрагата за „Мазут“

Објавено пред

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски денеска соопшти дека обвинителите Ислам Абази и Катерина Коларевиќ намерно ги изоставиле извештаите на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во случајот поврзан со набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во вторникот соопшти дека ја запрело постапката за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“ бидејќи во истрагата, која траеше една година, не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела за кои се гонеа.

Истрагата се водеше против 13 лица, меѓу кои сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, газдите на компанијата РКМ, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, како и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.

На денешната прес-конференција тој рече дека дека во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) постапува тандем кој селективно ги прибира доказите и не ги зема предвид релевантните институционални извештаи.

„По однос на скандалозната одлука на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, мазут вреден 167 милиони евра, може да констатираме дека таму функционира еден тандем. Тандемот се обвинителите Абази и Коларевиќ, кои се нешто како коалиција ДУИ-СДС, но не во собраниските клупи, туку во обвинителството за криминал и корупција“, рече Милошоски.

Според него, обвинителите Ислам Абази и Катерина Коларевиќ при прибирањето на доказите во случајот со набавката на мазут биле селективни во своето постапување, односно повеќе се потпирале на изјави од некомпетентни лица, наместо да обезбедат релевантни докази за набавката на мазут вредна 167 милиони евра.

Ова Милошоски рече дека може да се забележи и од вчерашниот демант од ЕСМ, кој дополнително укажува на пропусти во начинот на водење на истрагата.

Се повика на наоди на Државниот завод за ревизија (ДЗР) од 2024 година, според кои при набавката на мазут бил испорачуван производ од различен добавувач од оној наведен во договорот меѓу ЕСМ, ТЕЦ „Неготино“ и добавувачот. Дополнително, како што рече, според стручни лица од ЕСМ, мазутот содржел нечистотии што предизвикувале дефекти во мазутната станица на ТЕЦ „Неготино“.

„Може да се заклучи дека биле селективни и не ги ни прочитале извештаите на релевантните органи како што се Државниот завод за ревизија и слични на нив. Државниот завод за ревизија во 2024 година утврдил дека при оваа милионска набавка се испорачувал мазут од различен добавувач од оној којшто бил утврден во договорот на ЕСМ, ТЕЦ ‘Неготино‘ и добавувачот и второ, стручни лица од ЕСМ утврдиле дека мазутот бил со голем број на нечистотии коишто предизвикувале дефекти во мазутната станица на ТЕЦ Неготино“, кажа пратеникот.

И покрај ваквите наводи, додава дека бил склучен анекс на договорот со кој вкупната вредност на набавката достигнала 167 милиони евра.

„И покрај ваквата утврдена лоша состојба и квалитет на мазутот, сепак ТЕЦ ‘Неготино‘ склучил анекс за да може овој скап договор да ја достигне сумата од 167 милиони евра. Но, очигледно е дека ваквите извештаи на Државниот завод за ревизија не биле забележани од Абази и Коларевиќ коишто поголемо внимание посветувале на изјави коишто им одговараат од некомпетентни лица наместо да ги земат во предвид релевантните извештаи што даваат сериозни индиции дека овој скандал вреден 167 милиони евра е поврзан и со направена штета во ТЕЦ ‘Неготино‘, но исто така и со перење на пари и стекнување на противправна имотна корист“, рече тој.

Според него, обвинителите Ислам Абази и Катерина Коларевиќ не се соодветни за функциите во Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), изнесувајќи сомнежи за нивната непристрасност и професионалност.

„За Абази и Коларевиќ сметаме дека не се достојни на функцијата да бидат во Јавното обвинителство за гонење на криминал и корупција, затоа што и двајцата имаат свои лични, семејни или политички долгови за нивниот кариерен напредок, а истите се поврзани со политичките партии ДУИ и СДС“, додаде Милошоски.

Посочи и дека постојат индиции дека Абази и Коларевиќ имаат поврзаност со одредени политички структури, при што упати критики кон начинот на кој е водена постапката во случајот со набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“.

„Овој јавнообвинителски тандем Абази и Коларевиќ повеќе е приврзан за нивните ментори Заев, Ахмети и Венко Филипче отколку што е посветен на владеењето на правото и гонењето на организиран криминал и корупција. Со вакви обвинители осомничените како Васко Ковачевски, Јахоски, Сулкоски, Капушевски, Адријан Муча и други секогаш ќе бидат слободни луѓе, наместо да бидат изведени при лицето на правдата“, кажа тој.

Повторно го повика Советот на јавни обвинители да го испита постапувањето на Абази и Коларевиќ и да утврди дали имало пропусти во истрагата, за овој, како што додаде миллионски скандал.

Очекува целосно расчистување на случајот, како и дека јавноста има право да ја знае вистината, а сите инволвирани треба да одговараат пред институциите доколку постојат докази за неправилности.

„Истовремено сакаме да им порачаме дека нивната лукративна одлука или политички инспирирано решение да ја запрат истрагата нема да ја сокрие вистината и сите факти поврзани со овој скандалозен тендер ќе излегуваат на виделина. Сакале тоа да го направат или не сакале Абази и Коларевиќ. Сепак мислиме дека јавноста ја заслужува вистината, а секој којшто бил инволвиран и има сомнежи за висок криминал и корупција заслужува да биде процесуиран и својата невиност или вина да биде докажувана пред суд“, рече Милошоски на прес-конференцијата.

Прикажи повеќе...

Најново

Спорт5 минути

(Видео) Маеда му пресуди на Хартс во 88-та минута – Селтик ја одбрани титулата

Фудбалерите на Селтик го победија Хартс со 3:1 во последното коло и ја освоија титулата во Шкотска. Великанот од Глазгов...

Македонија11 минути

Утре затворени улици низ Скопје

Во недела, 17 мај, во Скопје ќе се одржи 14. издание на спортско-рекреативниот настан „Прв до врв“, поради што ќе...

Спорт17 минути

Спринтот во Каталуња за Алекс Маркез, Мартин повотрно падна

Алекс Маркез, на Гресини Дукати, победи во спринтот пред Големата награда на Каталуња. Помладиод од браќата Маркез, го искористи лошото...

Топ45 минути

Полицијата фати возачи без возачка, пијани и со забрана за управување автомобил

Во текот на изминатото деноноќие, на целата територија на државата, полициски службеници лишија од слобода 17 возачи поради безобѕирно управување....

Свет57 минути

Авионска несреќа во Германија: Летало се урна во станбена зона, загинаа две лица

Две лица загинаа кога мал авион се урна во станбена зона во германскиот град Лимбургерхоф, јужно од Манхајм. Според медиумските...

Спорт1 час

Фенербахче подготвиле астрономска понуда за Салах

Мохамед Салах наскоро официјално ќе го напушти Ливерпул, а неговата следна дестинација сè уште не е позната. Познато е дека...

Спорт1 час

Левандовски потврди дека ја напушта Барселона

Роберт Левандовски официјално потврди дека ја напушта Барселона на крајот од сезоната. Полскиот напаѓач се збогува со каталонскиот клуб со...

Црна хроника2 часа

Хигиеничар во основно училиште во беровско село снимал ученици со мобилен телефон

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против М.К.(53) од беровско поради постоење основи на сомнение за сторено...

Свет3 часа

Се евакуираат девет села во јужен Либан пред најавените воздушни напади

Израелските одбранбени сили (ИДФ) издадоа предупредувања за евакуација до жителите на девет села во јужен Либан, пред, како што наведоа,...