Македонија
Mихаел Рот за евроинтеграциите: „Не откажувајте се!“

Не откажувајте се! – порача Михаел Рот, актуелен пратеник во Бундестагот од редовите на СДП и довчерашен германски министер за Европа.
Тој денеска во Берлин се сретна со вицепремиерот Никола Димитров, пришто упати порака за долгоочекуваниот почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, што е попречен поради бугарското вето.
„Не откажувајте се! Не откажувајте се и мојата порака до моите истакнати пријатели во Брисел и низ целата Европска Унија е – да ги одржиме нашите ветувања. Мораме да испорачаме“, рече Рот.
Тој изрази благодарност до Македонците. Истакна дека има многу пријатели во регионот на Западен Балкан и особено во Северна Македонија.
„Вашиот народ го заслужува најдоброто, а тоа е ЕУ-перспектива. Новата влада останува посветена на тоа, трите партии кои ја формираа новата влада остануваат посветени и многу работиме на изнаоѓање мудро решение за да се надминат билатералните спорови. Луѓето во Северна Македонија постигнаа многу и знам дека е долг и трнлив пат, но на крајот вреди. Сегашната европска перспектива гарантира работни места, просперитет, стабилност, мир, регионално помирување и владеење на правото и почитување на етничките, верските и сексуалните малцинства. Ви посакувам сé најдобро и многу ви благодарам за одличната соработка со мојот пријател Никола и со многу други, вклучително и претставници на граѓанскиот сектор“, изјави Рот.
Вицепремиерот Димитров изрази благодарност за дејствувањето на Рот од неговата позиција за отворање пристапни преговори со Северна Македонија во светло на заедничката кауза за обединета Европа.
„Во текот на нашата соработка, успеав одблизу да се запознаам со вредностите што ги застапуваше во текот на извршувањето на функцијата, како и со принципиелните ставови на Германија и доследноста кога станува збор за комплетирање на Европа со земјите од регионот. Таквата поддршка даде огромна сила на нашите напори за европеизација на Северна Македонија и издржливост во моментите на разочарување од неисполнетото европско ветување. Имајќи го предвид сето ова, уверен сум дека Германија ќе продолжи да дејствува во насока на зајакнување на кредибилитетот на Унијата, а во тие напори секогаш ќе имаме сојузник и пријател во ликот на Михаел Рот“, рече Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне нестабилно со локален пороен дожд

Денеска претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност, попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Наместа ќе има поинтензивни процеси во форма на краткотрајно невреме со силен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 22 до 28 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има поинтензивни процеси во форма на краткотрајно невреме со силен ветер и услови за изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса и во следните денови во претпладневните часови ќе се задржи сончево време со мала до умерена облачност, а во попладневните променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме со интензивен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град.
Македонија
АМСМ: Оштетена e оградата на мостот на Вардар, на патот кај селата Орешани – Таор

На патниот правец Р2131 од с.Орешани – с.Таор, на мостот на река Вардар, дел од заштитната ограда на самиот мост е оштетена поради излетано тешко моторно возило. Екипите на Ј.П. Македонијапат на самото место е поставија соодветна сообраќајна сигнализација (насочници), соопшти АМСМ.
Од таму, на учесниците во сообраќајот им препорачуваат крајно внимателно управување со возилата, прилагодување на брзината спрема условите на патот и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.
Македонија
(Видео) Превртен автомобил кај Тетово, удрил во заштитната ограда на автопатот

Несреќа се случи пред влезот на Групчин, во близина на Тетово. Автомобил удрил во заштитната ограда на автопатот Тетово-Скопје, по што се превртел. Засега не е познато дали има повредени лица.
Вратата од страна на возачот беше отворена, а екипата на „Макфакс“ јавува дека на местото немало друго возило, ниту повредени лица. На терен веќе имаше полиција
Од МВР посочуваат дека веќе го проверуваат настанот. На терен немаше ниту Брза помош, додека околу возилото имаше повеќе лица меѓу кои и минувачи.